Македонскиот министер за естрада стана премиер за риболов: Kрапот ми е најомилен

Познатиот македонски фолк пејач Борче Наумовски, кај публиката омилен како „Министерот за естрада“, одамна ја има докажано својата страст кон музиката. Со бројните хитови полни емоција и веселба, тој ја разигрува македонската публика на секој настап. Но, малкумина знаат дека надвор од сцената, Борче има уште една голема љубов – риболовот.
„Музиката ми е живот, но риболовот е мојот мир. Таму се исклучувам од секојдневниот хаос и си ги полнам батериите“, вели Наумовски, со насмевка која открива колку му значи оваа страст.
Кога не е на бина и не пее пред публика, Борче најчесто може да се најде крај езерата во Егејска Македонија. Неговите омилени точки за риболов се Леринско, Костурско и езерата околу Солун, кои се познати по своите бистри и благи води.
Приватна архива
„Таму најлесно го наоѓам својот мир. Сме постојано изложени на гласна музика и настапи, па токму езерата ми даваат рамнотежа“, открива тој.
Иако лови и други слатководни риби – пастрмка, клен, црвеноперка – за Наумовски постои еден вистински фаворит: крапот.
Приватна архива
„Експерт сум за крап! Ги знам сите финти, сите тајни. Секогаш е предизвик и секогаш носи радост“, вели тој. Неодамна, се врати од риболов со вистински богат улов – десетици килограми крап, со што уште еднаш ја потврди својата умешност и трпение. Патот до грчките езера, сепак, не секогаш бил лесен.
Приватна архива
„До пред неколку години имавме проблеми на граница – Грците кога ќе ги видоа трските и мамците, веднаш не враќаа назад. Но ние бевме упорни, не се откажувавме. Со тек на време почнаа да нè пуштаат, и сега сме редовни гости“, раскажува Борче.
Најубавиот дел од целата авантура, вели Наумовски, доаѓа по завршувањето на риболовот.
„Кога ќе се собереме сите и ќе ја ставиме свежата риба на скара, тоа е вистинско уживање. Таму се раѓаат најубавите разговори, смеа и пријателства. Сите сме среќни и едвај чекаме да го вкусиме уловот“, со насмевка додава пејачот.
Иако пред микрофонот останува „министер за естрада“, пријателите шеговито велат дека на езерата е „премиер за крап“. А можеби токму таа двојна титула најдобро го опишува човекот кој знае да живее со страст – со музика на сцената и со мир крај водата.