Македонскиот лекар кој ја прегази Маја, даде исказ и сам се пријави во полициска станица во Софија

Македонскиот доктор Ненад Цоневски, кој пред неколку дена прегази куче во Софија, денес сам се појавил во Третата окружна полициска станица во придружба на својот адвокат.
Веста ја потврди директорот на Софиската дирекција за внатрешни работи, главниот комесар Љубомир Николов, кој изјави дека Цоневски целосно соработува со истрагата.
Станува збор за 28-годишен специјализант по торакална хирургија во Воено-медицинската академија во Софија, од каде вчера беше суспендиран поради отворањето на истражната постапка против него.
Портпаролот на Окружното обвинителство, Николај Николаев, потврди дека според првичните докази, постои сомнеж за намерно сурово однесување кон животното, кое резултирало со сериозни повреди на ‘рбетот и парализа.
Случајот предизвика бурни реакции во бугарската јавност, а здружението на пациенти „Заедно со вас“ го осуди однесувањето на лекарот, барајќи посериозни санкции за насилство врз животни.




