Интервју

Македонската песна е мојата судбина – искрено со Сузана Спасовска за Гламур

Во она време на творење и изведување македонска музика имаше создавање сопствен музички стил, по кој секој уметник се препознаваше, за разлика од денес кога се е сведено на бесрамно копирање, препејување - вели Сузана Спасовска во големото ексклузивно интервју за Гламур магазин

Реклама
Реклама

Гламур интервју со Сузана Спасовска

Сузана Спасовска е  наша  најголема македонска музичка ѕвезда, доајен и амбасадор на македонската музика,  која уште од 80-тите години ја негува нашата македонска песна. Има  снимено над 21 самостојни аудио и dvd изданија, многу видео записи со врвен квалитет, музички антологии, самостојни концерти, монографија, безброј настапи на фестивали, многубројни турнеи по светот и со право го носи епитетот „Сузе Национале“, „златното грло“, „славејот македонски“. Со неа поразговаравме на најразлични теми, а што сé ни откри оваа наша голема музичка ѕвезда, откријте во продолжение…

Вие сте една голема македонска музичка ѕвезда која уште од 80-тите години на XX век ја негувате македонската песна и имате снимено над 21 самостојни аудио и dvd изданија, многу видео записи со врвен квалитет, музички антологии, самостојни концерти, монографија печатена и дигитална, безброј настапи на фестивали, многубројни турнеи по светот и со право го носите епитетот „Сузе Национале“, „златното грло“, „славејот македонски“. Позната сте по своите уникатни настапи и кореографии и се што правите е единствено и неповторливо. Од оваа дистанца колку сте задоволна од сето она што го постигнавте и што сте еден македонски амбасадор на македонската музика?

Мојот музички пат воопшто не беше лесен и бараше многу труд, вложување, избор на соработници, непроспиени ноќи за осмислување проекти, барање начин како да се биде различен стилски, визуелно и музички. Желбата за да ја доближам македонската музика до публиката, која е многу пребирлива и разнолика, ме поттикна да направам и многу излети во различни музички стилови и така да задоволам сечиј вкус. За мене промените во животот и кариерата се најголемата движечка сила кон целта. Со секојдневно надоградување, прифаќање големи и различни предизвици и искачување скалило по скалило, до едно ниво кое е тешко за поставување и споредби, и притоа сето сработено да е уникатно и оригинално, а не копија,  сум и задоволна и горда.

Маркетинг

Македонската песна е мојата судбина пресреќна сум што можам  да ја афирмирам и пеам по цел свет, и сведок сум на тоа дека македонската песна ја милува душата  и на оние кои не го разбираат македонскиот јазик. Се радувам што оставам урнек по кој младите пеачи ќе чекорат.

Маркетинг

Сте гостувале речиси низ целиот свет: САД, Канада, Европа, Австралија, а сте имале  и настапи на врвни светски сцени, како: Ватрослав Лисински – Загреб, Цанкарјев дом – Љубљана, Брукс центар – Мелбурн, Опера хаус – Сиднеј и др. Што од сето ова ќе Ви остане во големо сеќавање и каде сте си поминале најубаво?

Секаде каде што сум била  и сум видела радост во очите на луѓето ми било најубаво. И ден денес сакам да ги правам среќни луѓето што ме слушаат, што се веселат на моите песни, но понекогаш и морници им поминуваат низ телото и им протекува солза на некоја печалбарска или патриотска песна. Го паметам како денес да беше настапот на манифестацијата „100 години Илинден” кога со солзи во очите од возбуда, пеев во престижната „Опера хаус” во Сиднеј, и  уживав во громогласните аплаузи на Mакедонците. Тоа е незаборавно чувство и не се опишува со зборови, туку треба да се доживее.

Испеавте многу песни и ако почнам сите да ги набројувам ќе ми треба еден долг список. Која Вам Ви е најдрага и најбарана песна кога одите надвор од земјава, и која сметате дека некако ја одбележа Вашата кариера?

Песните за нас пеачите ни се како родени чеда. Како да речете за децата едното го сакате, а другото не? Сите снимени песни, повеќе од 500, ми се драги бидејќи сите имаат своја приказна. Но, би набројала неколку авторски песни кои отскокнуваат по оригиналноста како „Стојане, што те убиле“, „Ти верував докрај“, „Марко Марко“, „Кога љуби мома млада“, „Гордо Македонијо“, „Здраво-живо домаќини“, „Опомена“, „Среќо мајкина“, „Родно огниште“, „Божја реч“, „Т’га за југ“, „Македонска крвава свадба“, „Велигден се до Спасовден“, „Печалбарска балада“, „Божиќна“, „Послание“ и многу други, а би ја споменала и „Џингрлака“, песна која ја знае секој од 7 до 77, трае над 25 години и е дел од секоја веселба.

Многу награди и многу фестивали поминати, која награда Ви е најдрага и да ни кажете нешто за фестивалите некогаш и сега?

Наградите се признание за трудот и затоа сите ми се многу драги. Повеќето се за интерпретација, награди од жири, од публика, но драги ми се и многу важни награди и признанија добиени од Матица на иселениците, Тетовско-гостиварската епархија, Светскиот македонски конгрес, Кумановско-осоговска епархија, Сојуз на децата бегалци на Македонија од Егејска Македонија (Македон), за чување и негување на македонското црковно и духовно наследство и христијански вредности, од Национална установа “Историски музеј Крушево” за придонес и афирмација на традиционалниот македонски мелос и фолклор, награди за пејач на годината, за животно дело, признанија од општини за придонес и развој на културата. Имам добиено и највисоко светско семакедонско признание почесна титула македонски сенатор во 2016г. и сум единствен музички уметник кој го добил ова престижно признание, потоа плакета од матица на иселеници за заслуги за Македонија за особен придонес во заштитата на духовното културно наследство ширење на македонска традиционална песна во дијаспората, и сум исто така единствен музички уметник што ја добил таа престижна награда во 2012г. Драго ми е и признанието од Тетовско гостиварска епархија – за штедро помагање на македонската православна црква и особен придонес во афирмацијата на православната вера и култура 2016г.

За две години ќе одбележите 40 години од Вашата музичка кариера, планирате ли некое одбележување?

Планови во животот јас имам многу, но сепак тоа му го препуштам на Бога, бидејќи божјиот план е вистинскиот за мене.

Се надевам дека Бог ќе ме крепи, ќе ми даде здравје и се што треба, за да се остварат неговите планови за мене.

Скоро 15  години сте солист првенец на Танец. Што значи ова за Вас и какво искуство имате во оваа институција за овие години?

За мене е најголемо задоволство и радост што мојот сон од младоста се исполни и станав дел од нашиот национален ансамбл за народни игри и песни „Танец“. Долги години бев надворешен соработник и гостував на некои концерти, а сега како дел од ансамблот уживам во работата со колегите и поминувам денови исполнети со музика.

Се вложувам максимално бидејќи да сте солист првенец тоа бара една голема одговорност и посветеност во работата и на сцената, бидејќи ансамблот е еден подвижен музеј и богата историја, со сите шаренолики носии, игри и песни, и е најголем амбасадор на македонската игра и песна. Професионален ансамбл и промотор на македонската музичка култура  низ светот.

Како го одржувате гласот имате ли некоја посебна тајна или ритуал?

Мојот глас како што велат е дар од Бога. Нема некоја тајна или ритуал освен откажување од некои така наречени задоволства, како на пример: ладни и газирани пијалаци, цигари, останување до доцни часови во зачадени простории, зборување на висок тон и зборување во бучни простории…Едноставно, гласот, а посебно сопранот, се чува со нормален живот, мирување и одмор во секој слободен момент.

Мајка сте на Теона  и баба на Клара, колку сте горда на својата ќерка и колку време минувате заедно? Какво е чувството една самохрана мајка да одгледа и воспита прекрасна ќерка и да ужива во мајчинството ?

Секој родител треба своето дете да го изведе на вистинскиот пат и за тоа треба многу труд, а посебно ако сте самохран родител тежината е уште поголема, бидејќи живееме во едно бурно и брзо време кога денот поминува како една минута, а работните обврски се многубројни. Треба умешност да се организирате, а и малку помош од најблиските која јас за среќа ја имав од моите родители, па така ја пораснавме мојата ќерка и и го покажавме вистинскиот пат, за што е таа денес многу благодарна, па заедно со своето семејство и своето дете го учи да чекори по тој пат, со љубов и почитување на традиционалните вредности.

Секој слободен момент е ден за уживање и наоѓање на сопствениот мир во душата, оддишка од обврските и враќањето на детето во мене, благодарение на внуката и целото семејство.

Читате ли книги, имате ли време и кој жанр или автор Ви е омилен?

За мене вечерта е време за одмор и читање зависно од обврските. Во моментов почнав да ја читам книгата „Прекрасен нов свет“ од авторот Олдис Хаксли кој во своето животно ремек дело предвидел дека укинувањето на духовните науки и вредности за сметка на материјалните ќе го смени животот од корен. Дистописката визија на Хаксли не соочува со заканите пред кои е човештвото со надеж дека ќе не освести пред нивната можна опасност. Еден од многуте автори од кои неколку книги сум ги препрочитала неколку пати е и Џорџ Орвел, а неговите книги добиваат се поголема моќ денес кога неговите предвидувања почнуваат да се остваруваат. Често се навраќам и на Житијата на светиите, а и на Евангелието според Матеј (проучување и толкување на евангелскиот текст) од Проф. Д-р Ратомир Гроздановски, протоѓакон, која би ја препорачала на секој човек да ја прочита и проучи.

Доста добро сте запознаени со кинескиот јазик и нивната култура. Од каде желбата за да го научите и дали говорите и некој друг јазик?

Кинескиот јазик го изучував две години интензивно, и можам да кажам дека ја научив основата на јазикот, но за да го владеете треба барем некое време да живеете или студирате во Кина. Таа моја желба и можност за жал не ми се оствари заради короната, а и раѓањето на мојата внука. Часовите на институтот Конфучиј беа со професори од Кина кои предаваа на англиски јазик и на тој јазик се разбиравме. Напоредно го изучував кинескиот јазик во училиштето за кинески јазик „Нихао” каде наставата се одвиваше на македонски јазик. Наскоро, после мала пауза се надевам ќе најдам време за понатамошно изучување на овој посебен и исклучителен, обемен и интересен јазик.

Толку многу години  на сцената а за Вас како да застанало времето. Која е тајната на Вашата убавина и изглед?

Благодарам на комплиментот кој секојдневно го слушам и од случајни минувачи кои првенствено ме прашуваат дали сум Сузана Спасовска, бидејќи според нивни кажувања се разликувам во приватниот живот бидејќи не сум толку крупна и полничка како што ме прикажува камерата која додава 7-8 килограми. Мојот стил на облекување е повеќе спортски, а не како на сцената, бидејќи секој момент кога можам, јас пешачам. Мојот начин на исхрана сум го кажала неколку пати, јадам многу малку месо, повеќе зеленчук, малку овошје во оброк еднаш на ден. Но, се честам со по некое чоколадо повремено, од тоа нема бегање, хахаха… и никогаш не јадам само еден ред, туку цело чоколадо.

Што би можеле да очекуваме во блиска иднина од Вас, подготвувате ли нешто ново?

Слава му на Бога, моите нови оригинални и големи проекти се случија во втората половина на 2023-та година како еден златен и сребрен отисок, Терирем и Судбо моја. Терирем е и аудио и видео проект со православни црковни песнопеења, поточно 16 литургиски химни и древни напеви. Тоа е прв проект од овој вид со оваа држава, духовна музика која има терапевтска и образовна нота и е со цел доближување на црковната музика до народот со благослов од нашиот подглавар на МПЦ и во нејзините канонски рамки.

Среќна сум, што се повеќе ова CD може да се слушне во црквите и сум благодарна за сите комплименти од стручни лица во црквата околу изборот на напевите и интерпретацијата, бидејќи јас со овој материјал сум на едно поинакво патување низ времето каде излегувам од својата комфорна зона и пеам на една поинаква сцена. Затоа многу ми значеше консултацијата околу оваа поинаква тема со Протопсалтот М-р. Ѓеорги Секуловски кој несебично се вложи со својата стручност, а и со црковниот клирос “Пелагонитиса” како придружба (Бранче Трајковски и Александар Трајковски) Снимено е во студиото Сити Саунд и продуцирано од Љупчо Соколовски. Вториот, е етно проект “Судбо моја” на кој се поместени 10 песни, познати и помалку познати и во нови аранжмански видувања на мојот почитуван колега Александар Јовевски. Отсвирено е во живо од врвни професионалци и снимени во студио Сити Саунд и продуцентот Љупчо Соколовски. За Терирем на 10.10.2023 во храмот Св. Петка во Прилеп се одржа промотивен концерт по повод празникот Покров на Пресвета Богородица и Св. Јован Кукузел. Оваа година следуваат уште концерти претставување на двата проекти за сега само низ Македонија, а потоа и надвор од неа. А покрај сето тоа и организацијата на Лешочки фестивал кој оваа година традиционално по 14-ти пат се одржа на 28 август во Лешок Тетовско.

Можете ли да направите разлика меѓу времето во кое Вие ја градевте кариерата и денешното време?

Не ми е својствено да правам споредби бидејќи знам дека секој во едно свое време остава една трага, благодарение на дарбата од Бога што ја има за нешто, но бидејќи сум започнала во времето кога имаше критериуми и многу стручни луѓе во професијата, медиуми кои ни случајно не дозволуваа да помине неквалитет, рецензии за нови песни, за фестивали, настап, проекти, од сегашна гледна точка би рекла дека денес, е се спротивно од она што го спомнав.

За жал ова е време кога неквалитетот е распослан во сите сфери, а на квалитетот не му се ни подотвора вратата за да влезе. Во големи количини се консумира невкус и евтина забава, а зборот уметност не милува никој да го слушне.

Едноставно културно тонеме. Чест на исклучоци, но тоа не е доволно. Отсекогаш сум била човек со надеж за подобра иднина, но ако продолжи кој што сака да прави во оваа земја, без никаков ред, и се да е во ист кош, без рангирање во работата и без подолгорочна стратегија, тогаш би рекла нема надеж. Во она време на творење и изведување македонска музика имаше создавање сопствен музички стил, по кој секој уметник се препознаваше, за разлика од денес кога се е сведено на бесрамно копирање, препејување, наместо создавање на нов материјал со кој пејачот ќе остави свој отисок во времето во кое творел и опстојувал на сцената. Точно е дека старото треба да се сочува и негува, но неминовно е создавање и на нови авторски дела.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button