Ни во најлудите соништа не помислував да станам водителка – ја менува ли професијата македонската фолкерка?
Најмногу ги ценам „лошите“ добронамерни коментари, обично тие ги добивам од луѓе без позадина на критиката, вели Адријана Кеш
Македонската фолк пејачка Адријана Ацевска, позната како Адријана Кеш, од неодмана јавноста може да ја гледа во улога на водителка.
Во поткастот „Искрено со Ивана и Адријана“ таа е ко-водителка и домаќинка. Емисијата се емитува исклучивo онлјан на јутјуб каналот ZaSe Makedonija. Се викаат познати личности и се разговара на теми од секојдневието. Од ден на ден расте гледаноста на овој поткаст кој станува омилен меѓу публиката.
Не интересираше како пејачката се најде во светот на новинарството и водителите. Како се снаоѓа и дали ова значи крај на музичката кариера.
Во продолжение уживајте во убавиот разговор со Адријана Кеш.
1. Како дојде до моментот да водите поткаст раскажете ни подетално. Кој се сети да ви предложи ваков проект или ваша беше идејата?
Се беше спонтано. Со Ивана бевме повикани како гости во емисија и продуцентот на истата видел некој потенцијал во нас. Неговиот предлог мене ми звучеше како предизвик и сметам дека не погрешив што прифатив. Убаво е човек да се надградува нели? 😉
2. Дали сте задоволни како тече досега вашата емисија? Какви коментари добивате од гледачите?
И повеќе од задоволна. Свесни сме колку тешко народот прифаќа нешто ново, а според прегледите кои ги имаме мислам дека сме на прав пат. Што се однесува до коментарите без разлика колку и да се трудиме секако нема да се допаднеме на секој и во ред е да има и позитивни и негативни коментари. Најмногу ги ценам „лошите“ добронамерни коментари, обично тие ги добивам од луѓе без позадина на критиката.
3. Што мислите вие за себеси како се снаоѓате во водителските води како би се оцениле од 1-5?
Па, како некој досега секогаш бил гостин ова е многу различно. Кога се договаравме за концептот на поткастот едногласно беше дека сакаме да биде кафе муабет без назначени водители. Сепак темата ја водиме ние и одговараме на прашања кои ги поставуваме. Првите епизоди ми беше малку потешко да влезам во таа улога ама имам добар учител сепак Ивана има доста искуство како водител, а јас сум добар ученик.
И како поминува времето после секое снимање си се изненадувам себеси… јас сум доста самокритична и сега за сега сум висока тројка хахах Имам уште доста да учам.
А, што мислат вашите пријатели, блиски…
Ја имам целосната поддршка од блиските и нормално по некоја критика која е секако добронамерна.
4. Како се подготвувате за една емисија? Дали имате тим кој ви помага околу изборт на гостите, прашањата, темите за дискусија…
Обично темите ги бираме јас и Ивана, нормално во договор со тимот кој работи на поткастот. Досега сме имале прекрасни гости кои нормално ги бираме според темата и имаат што да кажат од свое лично искуство. Подготовките се половина час пред снимање чисто да знаеме во кој правец тече разговорот и се си е многу спонтано и природно.
5. Кој се грижи за вашиот изглед на емисија?
За секој мој настап, снимање, па и поткастот се грижи мојот личен стилист …ЈАС! хахах И мислам дека добро ми оди.
„Дама се раѓа, не се станува“ – искрен женски муабет со Адријана КЕШ
6. Дали ова значи дека се откажувате од пеење и дека ќе се посветите на друга професија?
Музиката и пеењето се моја вистинска љубов и дарба од бога. Никогаш не би ги заменила за друга професија . Улогата на водител не ми била ни во најлудите соништа ама се сметам за многу амбициозна и зошто да не се пробам и на тоа поле кога веќе ми е дадена шанса. Не знам дали ќе продолжам понатаму тоа не сум размислувала ама од пеењето ќе се откажам само и само кога ќе сметам дека е времe.