Македонска душа во срцето на Загреб – гравче тавче, вардарско грне, чомлек…прсти да излижете во овој македонски ресторан!
На местото каде што некогаш се точело загрепско пиво, денес мириса на чомлек, се слуша тапан и се пее „Битола мој роден крај“ – ова е „Македонски Мерак“, едно мало катче од Македонија во срцето на Загреб.

Во срцето на загрепска улица Савска, со број 56, постои место кое е повеќе од ресторан. „Македонски Мерак“ не е само место каде што се јаде – тоа е чувство, атмосфера, спомен и катче од Македонија.

Сопственикот и шеф Киро Ристовски (кој две децении е преселен од Македонија во Хрватска), по долги години поминати на Далмација и секако, со македонската кујна, решил да ја пренесе топлината на домаќинската трпеза и во Загреб. И успеал – во просторот каде што некогаш била познатата пивница „Медо“, сега се мези, се пее и се наздравува на македонски начин.

Менито е богато, со преку 60 јадења, а од нив најмногу се нарачуваат „гравче на тавче“, турли тава, чомлек во земјен сад, полнета плескавица, домашни колбаси и други македонски специјалитети. За ручек има и секојдневно мени по пристапни цени, а секој оброк завршува со баклава и мастика.


Домашно пиво и македонска песна
Посебен белег на „Македонски мерак“ е пивото од сопствено производство. Се точат три вида, а секое си има свој карактер, како и луѓето што доаѓаат тука. Цените се умерени, но атмосферата е бесценета. Ако сте со друштво, побарајте „жирафа“ – „висока пивска тура“ што гарантира смеење и убаво поминато време.
А кога ќе падне ноќта, ресторанот се претвора во сцена: петок и сабота се резервирани за жива македонска музика, бендови што ги пеат најомилените староградски, народни и нови хитови. Среда е ден за хрватско-македонско музичко пријателство – со тамбураши кои прават мост помеѓу двете култури.


Во „Мерак“ не е чудно да видиш Хрвати како ја пеат „Зајди, зајди“, или странци што првпат пробуваат мастика и викаат „на здравје“ со нагласок. Секој тука е добредојден – само дојдете со празен стомак и подготвени за бројни дегустации и пријатни изненадувања.


Ако сте Македонец или по потекло од Македонија, ова е место каде што ќе се потсетите на трпезите кај баба, на звуците од чаршијата, на смеењето од летните балкони во Скопје, Охрид или Битола. А ако никогаш не сте биле во Македонија – ова е совршено место да ја запознаете, преку мирис, вкус и песна.