Македонија испиша историја во Љубљана – 58 танчери, едно знаме и светска титула! (видео)

Македонските танчари од „Eureka Dance Company“ викендов ја освоија титулата на Светското првенство во танц, кое се одржа во Љубљана, Словенија.
Со својот извонреден настап на кореографијата „You Against You“, тие успеаја да се изборат за златото и да ја запишат Македонија во историјата на светскиот танц. Уште поголема радост предизвика фактот што второто место исто така го освои македонска танцова група, па целиот победнички подиум беше обоен во црвено-жолти бои.
Двете екипи заедно ја исполнија македонската химна, создавајќи емотивен и горд момент за сите присутни.
„На сцената бевме 58 танчери. На првенството учествуваа околу 4.300 учесници од 33 земји. Македонската химна се пееше на цел глас – емотивно е мал збор. Испишавме историја“, порачаа од студиото Eureka Dance Company.
Второпласираните танчари настапија со кореографијата „Учи ме мајко карај ме“, која исто така го воодушеви жирито и публиката со својата енергичност и изразена емоција. Со овој успех, македонските танчари уште еднаш потврдија дека талентот, посветеноста и љубовта кон танцот не познаваат граници.



