Македонија денес се сеќава на бисерот на Балканот – повеќе од една деценија без Гоце

Единаесет години по неговото заминување, споменот за Гоце Николовски и понатаму живее преку песните што оставија длабока трага во македонската музичка историја. На денешен ден во 2006 година почина уметникот чие име засекогаш ќе се поврзува со една од најмоќните македонски музички теми – „Бисер балкански“. Гоце Николовски е роден во 1947 година во Скопје, а првите чекори на музичката сцена ги направил уште како тинејџер.
На само 16 години, додека живеел во Ниш, победил во тогаш исклучително популарната телевизиска емисија „Максиметар“, настан што ја навестил неговата сериозна и долготрајна музичка кариера. Професионалниот пат го започнал како член на групата „Рубинси“, по што многу брзо станал дел од една од најпознатите нишки поп-рок групи „Далтони“. Песната „Рука од сна“, која ја изведувал со овој состав, и денес е препознатлива и редовно се емитува на радиостаниците во Ниш. Врвот на својата популарност во Македонија Николовски го достигнува во 1990 година, кога на „Фолк фест Валандово“ за првпат ја изведува песната „Бисер балкански“.
Делото ја освојува првата награда на фестивалот и за кратко време прераснува во масовен хит. Изведена во периодот на распадот на поранешна Југославија, песната беше прифатена како симбол на македонскиот идентитет, независност и државност, а меѓу Македонците во дијаспората честопати беше доживувана и изведувана како неформална химна. По успехот на „Бисер балкански“, Гоце Николовски остана препознатлив и по други композиции што ја збогатија македонската музичка сцена, меѓу кои „Серенада“, „Приказна за Ангелина“, „Запејте сите ангели“, „Бисера“ и „Песна од земја далечна“.
Прекарот „бисер балкански“ со текот на годините стана синоним за неговото име и уметнички лик. Неговата популарност не застануваше на македонските граници. Особено силен одек имаше меѓу македонската дијаспора во Австралија и Канада, каде што беше доживуван како еден од најзначајните музички амбасадори на Македонија. За својот придонес кон македонската заедница во Австралија, Николовски беше прогласен за почесен граѓанин на Аделаида и го доби почесниот „клуч на градот“, а бројни телевизии и радиостаници од Македонија и дијаспората посмртно му доделија признанија за животно дело. Во 2000 година, „Бисер балкански“ беше прогласена за песна на векот во Македонија, признание што дополнително го потврди значењето на делото и неговиот автор.
Со својот глас, емоција и музичка порака, Гоце Николовски останува запишан меѓу најголемите и највлијателни имиња во историјата на македонската музика.



