Мајмунски сипаници во Македонија – како се пренесуваат, кој е најзагрозен, сѐ што треба да знаете за вирусот
Во земјава се потврдени првите два случаи на мајмунски сипаници – што значи тоа за здравјето на граѓаните и кои се мерките на заштита?

Првите случаи се регистрирани – mpox е веќе тука, има два случаи. Веста предизвика загриженост и бројни прашања кај јавноста: Дали има место за паника? Колку е заразен вирусот? Дали здравствениот систем е подготвен да се справи со потенцијален бран?
Што точно се мајмунски сипаници?
Мајмунските сипаници се вирусна болест предизвикана од monkeypox вирусот – роднина на вирусот на големите сипаници. Иако обично се самоограничувачка болест, односно сама се повлекува по 2 до 4 недели, може да доведе до компликации, особено кај лица со ослабен имунитет, мали деца и бремени жени.
Симптомите се развиваат по инкубационен период од 5 до 21 ден и вклучуваат висока температура, главоболка, болки во мускулите, зголемени лимфни жлезди и замор. Најпрепознатлив знак е кожниот осип што се појавува на лицето, дланките, стапалата и понекогаш на гениталната област.
Како се шири вирусот?

Преносот на вирусот се случува главно преку:
Директен контакт со кожни лезии или телесни течности на заразено лице
Близок физички и сексуален контакт
Контаминирани предмети – облека, постелнина, прибор
Респираторни капки при продолжен контакт лице в лице
Сепак, вирусот не се пренесува лесно – потребен е близок, продолжен контакт за да дојде до инфекција, велат експертите. Притоа, mpox не е болест која се шири како грип или ковид-19.
Кој е во најголем ризик?
Иако секој може да се зарази, ризичните групи се:
Лица со ослабен имунитет
Мали деца
Бремени жени
Луѓе со чести и непроверени физички контакти.
Во последните меѓународни случаи, значаен дел од преносот е забележан во контексти на блиска интимна поврзаност, па токму тука е и фокусот на превентивните пораки.
Има ли место за загриженост или паника?
Професорот и епидемиолог д-р Драган Даниловски потенцира дека паника не е потребна, но информираноста и претпазливоста се клучни.
Болеста ретко предизвикува тешка форма кај здрави лица, а ризикот од поширока епидемија во Македонија моментално се оценува како низок.
Како да се заштитите?
Превентивните мерки вклучуваат:
Честа хигиена на рацете (миење со сапун и вода)
Избегнување близок контакт со лица со симптоми
Да не се позајмуваат лични предмети
Консултација со лекар при појава на осип или треска..
За дополнително јакнење на имунитетот, се препорачува внес на витамини Ц и Д, цинк и селен – но тие не заменуваат медицинска заштита.