Мајката на Ивона (21) од Кочани со потресни зборови за нејзиниот роденден: „Остана само тишина“
„Наместо да славиме роденден, денес одиме на гробишта“ напиша мајката на младата девојка која загина во пожарот

Потресни зборови на мајката на Ивона Иванова чиј живот згасна во страшниот пожар што се случи во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани.
Стојка Иванова-Антова, мајката на Ивона Антова, младата девојка кој беше една од жртвите што загинаа во пожарот што се случи на 16 март во ноќниот клуб Пулс во Кочани, на социјалните мрежи и посвети потресни зборови на својата ќерка на денот на нејзиниот роденден.
Ивона беше млада девојка пред која беше светла иднина, но за жал нејзиниот живот прерано заврши.

Фејсбук/ Стојка Иванова-Антова
Нејзината мајка сега се огласи, по повод роденденот на Ивона, денот кога таа требаше да наполни 22 години.
Но како што вели оваа неутешна мајка, наместо да го слави со своето чедо роденденот, таа денес ќе оди на гробишта.
„Денот кога се роди моето анѓелче Ивон. На овој ден, пред 22 години, се роди најубавото нешто во мојот живот – моето Ивонче. Мало, нежно анѓелче кое со првиот плач ми ја исполни душата со среќа. Му го дадовме најубавото име, а со него и целото наше срце. Многу ноќи не преспиени, многу грижа, љубов и топлина… Ја чувавме како зеница во окото, се грижевме за секој нејзин чекор, ја учевме да ги почитува луѓето, да сака, да помага, да биде добар човек – и тоа навистина беше. Секогаш насмеана, весела, со големо срце и душа што светеше. Душата ја дававме за неа. Сè што правевме, беше за неа – нашата гордост, нашата радост, нашата иднина. А таа, нашето дете, знаеше како да нè направи најсреќни со едно „мамо“, со еден поглед, со една насмевка“.

Фејсбук/ Стојка Иванова-Антова
„Но на 16.03.2025… ден кој никогаш нема да го заборавиме, ни го зедоа најмилото, ни го уништија животот. Ја прекинаа нејзината младост, нејзините соништа, студирањето, плановите, уживањето во сè она што го сакаше – модата, другарството, природата, животот. Наместо денес да го славиме нејзиниот 22-ри роденден со торта, свеќи и насмевки, јас ќе одам на гробишта… Ќе оставам цвеќе и солзи на местото каде почива моето дете. Најтешкото нешто што може да му се случи на една мајка –да слави роденден на гробишта, наместо во прегратка“, напиша оваа неутешна мајка на социјалните мрежи, па го додаде и следново:
„Моја Ивона, требаше да славиме живот, да ги бројам годините со радост, а не со болка. Требаше да бидеш тука, ангелу мој, да ја гледам твојата насмевка, да те прегрнам и да ти кажам колку те сакам. Сега остана само тишина… и една бескрајна љубов што ја носам во срцето, љубов кон тебе, ќерко моја, што не згаснува ниту со времето, ниту со солзите“.

Фејсбук/ Стојка Иванова-Антова

Фејсбук/ Стојка Иванова-Антова
„Денес требаше да наполниш само 22 години, моја лепотица, но животот ни ги скина крилјата. Ти стана ангел, а јас останав без воздух. Секој твој роденден ќе боли, но и ќе те славам – затоа што постоеше, затоа што беше најдоброто дете, најчистата душа, најубавото анѓелче што небото го зема прерано. Засекогаш твоја мама, што те сака без крај. Животот ми запре на 16.03, а срцето уште таму живее – кај тебе, ангелу мој.“ пишуваа мајката во болка, со бројни емотикони со скршено срце меѓу тажните зборови, а сподели и фотографија од ќерката кога била бебенце.

Фејсбук/ Стојка Иванова-Антова
Под објавата се нижат потресни коментари, каде меѓу другото и еден кој исто така растажи многумина.
„Драга мајко, и јас имам едно дете, и за само неколку месеци ќе прави 22 години. 16 март 2025 година нема никогаш да го заборавам зашто кога дознав што се случило, тоа беше неизмерна болка, посебно зашто се работеше за толку многу млади луѓе, а голем број од нив на возраст на моето дете. Не можам да ја замислам вашата болка, но сочувствувам длабоко и верувам дека сите што заминаа од овој свет се на подобро место од ова тука на Земјата. Верувајте и вие! Земниот живот не е ништо во споредба со оној во вечноста! Сите тие млади невини ангели засекогаш ќе бидат ваши и наши ангели! Сепак останува Непребол! Среќен роденден на небото, Ивона“, напиша една корисничка на социјалните мрежи под тажната објава на Фејсбук.




