Една мајка решила да го сподели своето искуство околу доењето со сите на интернет.
Се породив во странство, а пред и после породувањето имав часови обука каде што детално ми објаснуваа и ми покажуваа како се дои бебето. Сето тоа на прв поглед изгледаше многу лесно. Додека бев во болница, ми дадоа електрична пумпа за да го стимулирам млекото, а бебето веќе вториот ден ми направи рана на дојката и не можев да го дојам од болка.
По доаѓањето дома, млекото ненормално почна да тече и градите ми беа како камен. Се измолзував со пумпичка. Од десната дојка млекото убаво течеше во млаз, но левата и понатаму беше тврда. Беше страшно, додека не наидов на бабица која ми објасни дека не смеам со пумпица да измолзувам млеко од левата града, затоа што со тоа му давам сигнал на телото да произведува уште повеќе млеко и никогаш крај на мојот проблем… Таа ме посоветува да се масирам и под топол туш да се измолзувам рачно. Се масирав толку силно што ме болеше, но успеав, поминав без поајва на маститис.
Секој ден се борев самата со себе, дали да продолжам или да се откажам. Откако поминаа сите рани, следуваше борба со бебето за повторно да почне да цица, зашто одредено време пиеше измолзено млеко од шише. Го доев во сите можни положби, само за да јаде, па на крај успеав, бебето го заборави шишето и одлично напредуваше.