Mинистерот Спасовски соопшти убави вести за сите граѓани кои немаат лични докуметни со новото уставно име!

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека неколкупати дал конкретни одговори на прашањето – дали има амбиција да биде кандидат за претседател на државата или лидер на СДСМ и дека единствено што му е важно во моментот е да ги реализира започнатите и идните проекти и реформи во министерството со кое раководи.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашан – „дали може да кажете – демантирам, одрекувам, ставам точка – немам амбиција ниту за кандидат за шеф на државата ниту за лидер на СДСМ“, Спасовски одговори:

„Видете, вие може да ме прашате било што, а како јас ќе одговорам е мое право и тоа право не ви го препуштам вам како новинар, мислам дека ви дадов многу јасни одговори“.
На новинарската забелешка дека одговорот на Спасовски не значи демант, министерот кажа дека тоа се констатации на новинарот и дека не сака таа дебата да се води во јавноста и во медиумите, туку во партијата, кога ќе дојде моментот за тоа.
Прашан за впечатокот во јавноста дека во последниот период е во кампања за лична промоција, со оглед на присуството на серија настани кои немаат врска со ресорот внатрешни работи, Спасовски вели дека тој лично се залага да биде во постојан контакт со граѓаните и дека тоа најдобро се прави преку непосредни контакти.

„Погледнете ги моите активности од 2013 година на сите социјални мрежи – јас благодарам што ме следите и ги промовирате тие активности – и ќе видите дека нема никаква разлика.
И тогаш биле настани на кои сум бил, кои сум ги посетувал бидејќи сметам дека отвореноста во работењето и на институцијата и моја лична со луѓето е многу важна – да ја јакне довербата на институцијата, а тоа најдобро може да се прави преку непосредни контакти.
Така што, сето ова што го гледате, тоа може да го видите и пред две или три години и воопшто не станува збор за нешто повеќе од тоа што сме го правеле и претходно“, вели Спасовски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изрази уверување дека сите граѓани ќе успеат да ги заменат своите лични документи со нови со новото уставно име до истекот на рокот во февруари догодина, и најави отворање простор со дополнителни работни позиции во Скопје каде што граѓаните ќе можат да дојдат по нови документи и без закажан термин.
Ние веќе подготвуваме еден посебен простор во Градот Скопје со инсталирање нови работни позиции, нови работни станици, на кои граѓаните ќе можат да извршат дактилоскопирање, сликање итн. за новите лични документи.
Веќе во наредните денови ќе бидеме подготвени и ќе можеме да ги отвориме новите позиции во кои граѓаните ќе можат дури и без најава да дојдат и да ги менуваат своите документи – обелодени Спасовски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

На прашањето што ќе прават граѓаните што со месеци ќе останат со документи со старото име, бидејќи следните термини за закажување се јули, вели дека поради тоа работат на создавање нови работни позиции во посебен објект.
Затоа реков дека создаваме нови работни позиции во посебен објект, со тоа што ќе можат граѓаните да доаѓаат и без закажување.
Идејата е максимално да се динамизира овој процес за сите овие граѓани да можат да си ја завршат работата. Знаете дека работиме и двосменски. Работиме и за време на викенди. Сè со цел да се постигне реализација на целиот процес – вели тој.
На прашањето зошто МВР не почнало со издавање лични документи со новото уставно име веднаш или наскоро по потпишувањето на Преспанскиот договор, Спасовски рече дека усогласувањето со уставните измени и законот за јазици барале подготовка.

Никој не ги направил пасошите со новото уставно име или со примена на законот за јазици за да може Република Македонија сега да оди во некој ’драгстор’ или во трафика да ги купи и веднаш од утредента да почне.
За тоа требаше да заврши период во кој стапува на сила законот, ратификации итн., па да се отпочне постапка во која софтверски и хардверски ќе се подготви, па да се нарачаат обрасци, па тие обрасци да бидат изработени, да дојдат и да стартуваме од 1 јули – кажа Спасовски.
На прашањето дали е фер, дури и да имало објективни околности, граѓаните да ја плаќаат цената, Спасовски одговори дека така кажуваат правните документи, меѓународните договори и домашните законски измени.
Тоа не е секогаш на две години. Моментално, таква е состојбата во којашто ние правиме промена поради уставните измени и тоа е факт од кој никој не може да избега, рече Спасовски, додавајќи дека се шпекулации и невистини тврдењата дека некој може да биде казнет ако до истекот на рокот не извади нови документи.

Според министерот, досега личните документи ги смениле над еден милион граѓани и тој е задоволен од динамиката на овој процес. Вели дека 80 отсто од граѓаните од внатрешноста на земјата веќе си ги замениле личните документи за разлика од скопјани.
Факт е дека околу 70 проценти од закажаните термини што ги имаат граѓаните на телефонскиот број ги откажуваат, не се појавуваат на тие термини, па презакажуваат нови термини, што создава одлагање на целиот процес – кажа Спасовски.
Спасовски нагласи дека нема да има санкции за оние кои нема на време да ги заменат личните документи.




