Љупка Митрова отворено за животот без пари и љубоморен сопруг: „Млекото за бебето ми беше луксуз“

Инфлуенсерката и сопственичка на модно студио, Љупка Митрова, во интервју за емисијата „Урок“ со Сергеј Варошлија проговори за еден од најтешките периоди во својот живот – неуспешниот прв брак, постпородилната депресија, сиромаштијата и ограничената слобода што, како што вели, ја живеела со години.
Митрова откри дека на само 20 години станала мајка и кратко по раѓањето на ќерката донела одлука да се разведе, иако тоа било тешка и неочекувана одлука.
„Јас се мажам, ја правам свадба во јули, а кога се роди нашата ќерка Елена, уште немавме направено крштевка, јас заминувам од нашиот заеднички стан и си одам дома, кај мајка ми и татко ми.
И решавам дека ќе се разведам, покрај тоа што ми бил првиот дечко во мојот живот, првиот маж во мојот живот, не сум знаела за друг, и ние сме имале врска од 5–6 години претходно, од 15 години сме биле заедно.Да ми кажел некој дека ќе донесам ваква одлука во тоа време, немаше да му верувам“, раскажува Љупка.
По раѓањето на ќерката Елена, која се родила предвреме со папочна врвца околу вратот и поминала време во инкубатор, таа западнала во постпородилна депресија.
„Тие ѝ беа и мајка и татко 8 месеци. Јас живеев со спуштени ролетни, ослабната 10 кила и мислев дека нема ниедна светла точка во мојот живот, па ни Елена“, вели таа.
Иако законски веќе била разведена, Љупка повторно се вратила кај поранешниот сопруг. Подоцна заедно живееле во вонбрачна заедница, а ја добиле и втората ќерка.
„Наредните неколку години живееме во вонбрачна заедница и Сандра, втората ќерка, е вонбрачно дете“, открива таа, додавајќи дека никогаш повторно не се венчале.
Таа зборуваше и за односот со родителите, кои не ја поддржале нејзината одлука да се врати кај партнерот.
„Кога му се вратив после разводот, моите не беа радосни. И во тој момент родителите ми ги прекинуваат сите финансии од нивна страна, ми кажуваат, океј биди со него, со нас до тука, ние ќе си се гледаме со Елена и со тебе, ама твојот пат си е твој пат.“
Во тој период, како што раскажува, живееле во исклучително тешки услови.
„И јас продолжувам да живеам со него, по цена дека нема да имам пари, по цена да немам материјална поддршка, а тоа е храна, сметка за струје, тоа е млеко за моето бебе, тоа се пелени, сите знаеме колку пари ни треба да опстанеш.“
Љупка сведочи дека имало моменти кога немала што да јаде.
„Во нашата зграда кај што живеевме, имаше пакара, си купував панцаротичка, во тоа време беше 20 денари, си ја купував со железни пари и си ја делев на две, за сабајле да доручкувам, а вечерта да вечерам.“
Таа откри и дека била лишена од можноста да работи поради љубомората на партнерот.
„Од друга страна, ти е ускратeна слободата да работиш, зашто е љубоморен и ‘не треба да те гледат колеги, луѓе, да одиш на службени патувања’, значи тебе ти се врзани рацете. Немаш другарки. А и немаш со што да излезеш, немам пари за јадење, не па да излезам.“



