Луѓето најмногу паметат кога си ги натерал да чувствуваат – интервју со Соња Рилковска
„Охрид е мојот благослов. Родена сум во Битола, но на 19 години дојдов на студии и го најдов мојот нов дом на брегот на Охридското Езеро“ - вели Соња Рилковска во интервјуто за гламур.мк.

Таа е ликот со кој денот почнува ведро. Препознатлива по широката насмевка, Соња Рилковска веќе две децении е во новинарството и е дел од нашето секојдневие преку јавниот сервис – МРТ. Секоја вест од Охрид, раскажана низ нејзиниот објектив и глас, го носи пулсот на градот, а зад кадарот стои жена со длабока љубов кон новинарството, но и кон природата. Хуманитарка во душа. Иако родена во Битола, својот вистински дом го наоѓа на брегот на Охридското Езеро – град кој, како што вели, ѝ е и љубов и испирација.

Во ова искрено интервју, Соња зборува за новинарските предизвици, за магијата на нејзиниот Охрид, за тивките ритуали што ја исполнуваат, но и за тоа зошто предењето на мачките има подлабоко значење од што многумина претпоставуваат.
Те знаеме како лице кое секое утро носи ведрина и актуелности од Охрид до цела Македонија – но што е она што тебе лично ти го полни срцето кога шеташ низ твојот Охрид?
– Охрид е мојот благослов. Родена сум во Битола, но на 19 години дојдов на студии и го најдов мојот нов дом на брегот на Охридското Езеро. Мирисот на сините води, шепотот на ветрот, отсјајот на сонцето, жуборот на брановите, тишината на калдрмата каде секое камче има скриена вековна приказна ми го полнат срцето.
Охрид за мене не е само град тој ми е љубов, инспирација. Секој агол полн со историја, вековно културно наследство, лулка на писменоста, духовно светилиште со храмови за секој ден… За Охрид можам да пишувам страници и страници.

Кој бил најпредизвикувачкиот момент што си го доживеала како новинарка – ситуација каде мораше да реагираш брзо, а одговорноста беше огромна?
– Секој што се јавувал „во живо“ знае дека тие неколку минути пред да се вклучиш се како вечност – особено кога зад тебе се случува нешто сериозно, пожар, невреме, или кога известуваш за некоја трагедија, масовна несреќа со жртви. Ти се стега срцето, а треба да останеш смирен и да ја пренесеш сликата. Јас сум премногу емотивна личност, често во такви ситуации ми навираат солзи , се вознемирувам, но мојата задача е да информирам и да не ширам паника, да не влевам дополнителен страв во јавноста. Тоа се мигови кои ги научив на терен, ќе плачеш зад камерите, а пред гледачите ќе се потрудиш да си на висина на задачата.

Кога подготвуваш прилог, што ти е најважно – да фатиш момент, да раскажеш приказна или да пренесеш чувство? Кој дел најмногу те возбудува во целиот процес?
– Секогаш тргнувам од емоцијата. Со текот на годините научив дека луѓето најмногу паметат кога си ги натерал да чувствуваат. Затоа се трудам да раскажам приказна со душа. Дваесет години сум во новинарската професија, на терен, пред камера. Научив дека, не е секогаш најважно да имаш добра слика или сензација. Да, моментот е важен, но приказната е таа што допира. А најубавото чувство ми е кога со некоја сторија сме ги промениле нештата на позитивно.
И десет животи да имам повторно ќе бидам новинар. Оваа професија е мојата судбина, за мене, тоа е повеќе од работа – новинарството е професија која ги менува нештата, ги отвора вратите на вистината и им дава глас на оние што не се слушнати. Токму затоа ја сакам и уживам во секој момент од ова животно патување.

Постојано кружи муабетот за некоја „нетрпеливост“ меѓу охриѓани и скопјани – има ли вистина во тоа, и ако има, зошто мислиш дека постои тој дух на ривалство?
– Ах, тоа е повеќе на шега! Јас би рекла вака: има малку подбоцнувања, но тоа е повеќе наш хумор. Ние охриѓани сме горделиви кога станува збор за нашиот град. Но, не гледам вистинска нетрпеливост – ги сакаме „скопјаништата“. Ако има ривалство – тоа е повеќе симпатично и локално, отколку вистински проблем. Барем така јас тоа го доживувам.
Кога камерите ќе се изгасат – што те опушта и полни со мир? Имаш ли таен „ритуал“ за душа?
– Оние кои ме знаат, знаат дека најголемата љубов ми се мачките. Јас сум голем љубител на животните, активистка сум за нивна заштита и волонтирам во Suzans`s rescue dоg house. Имам спасено и се грижам за десетици мачиња на улица. Ништо не ме прави посреќна од моментот кога ќе успеам да спасам беспомошно маче – слепо, повредено или со хендикеп – и кога ќе му најдам топол и сигурен дом. А таен ритуал е одмор дома со моите три мачки. Нивното предење ми ја лекува душата и ми дава енергија. Срцето секако ми го полнат успесите на синот – единец, кој веќе има 23 години, а за мене е сѐ уште дете.

Важиш за убава и негувана жена, колку време и внимание си посветуваш на себе? Навика за нега без која не можеш?
– Благодарам на убавите зборови. Би рекла битолски навики од мали нозе. Жената секогаш треба да биде средена, секогаш со умерена шминка и уредна фризура. Се трудам да се негувам, имам свои мали секојдневни ритуали – задолжително чистење и хидратација на кожата. Ноќе ретинол, наутро витамин Ц. Но, најважна е секојдневна нега на душата, а тоа е: молитва, правење добри дела, ширење позитивна енергија. Насмевка – без неа не можам! Тоа е најдобриот серум.

Што му недостига на Охрид од културна гледна точка – дали има нешто што би сакала да се развие, особено во периодите кога градот не е под светлата на туристичката сезона?
– Охрид е совршен. Така Бог го создал, дарил толку многу богатства и културни и природни. Сметам дека единствено недостига постојана културна понуда и во „мирните“ месеци. Некако целата понуда е натрупана во екот на сезона, крај на јули и почеток на август. Имаме потенцијал – од млади до искусни уметници, прекрасни локалитети – само ни треба малку повеќе визија. Би сакала да видам повеќе културни настани, театарски претстави, кино проекции, фестивали, концерти и во зима.