Реклама
ДиетиИнтервјуНега и здравје

„Луѓето денес немаат време за најважното, за себеси!“ – со д-р Јадранка Бибан за максимално, но безбедно слабеење

„Луѓето денес имаат време само за да се напијат таблета, да одвојат време за некаков хируршки зафат кој дополнително ќе го платат и ќе добијат во време за понатаму да се бават со нешто кое е многу поневажно од она што значи здравје и вистинско живеење. Затоа оваа книга е малку поразлична од предходните“, објаснува д-р Јадранка Бибан.

Реклама

Со д-р Јадранка Бибан разговараме за максимално, но безбедно слабеење кое е претставено во нејзината книга „Кој ти рече дека не можеш“.

Книгата е своевиден „прирачник“ кој не се занимава само со исхраната, туку и со трансформација на секојдневието, па коавтор на книгата е синот на Јадранка, дипломираниот психолог Калин Бибан, кој преку низа интересни и на моменти сатирични приказни од неговиот живот, до нас го доближува спојот на источната филозофија и применетата секојдневна психологија.

Книгата вклучува и техники за дишење и раздвижување на сврзните ткива за здравје на телото и смирување на умот.

Маркетинг

Во книгата „Кој ти рече дека не можеш“ нагласувате дека не е потребно гладување за да се постигне здрава трансформација на телото. Тогаш, што е клучно за процесот на слабеење без да се подложиме на радикални диети?

– Процесот на слабеење треба да е природна и здрава активност. Тоа значи дека намалувањето на вишокот килограми треба да е во хармонија со сите биохемиски и физиолошки функции на организмот. Само на тој начин слабеењето може да доведе до позитивни здравствени резултати.

Секоја друга опција може да доведе до слабеење но истовремено тоа ќе создаде услови за бројни физолошки нарушувања на метаболизмот што ќе резултира со сериозни здравствени проблеми.

Маркетинг

Знам дека многу луѓе се изложуваат на радикални мерки за да ја постигнат саканата телесна тежина. Некои екстремно гладуваат, некои пак, применуваат екстремно тешки и напорни физички активности кои дополнително го оптоваруваат кардиоваскуларниот систем кој не е подготвен за една таква напорна физичка активност.

Некои пак, користат фармацевтски препарати за забрзување на метаболизмот и забрзана работа на дигестивниот тракт, со што го доведуваат организмот во дополнително гладување заради губење на течности и пребрзо исфрлање на макро и микронутритиенти кои се потребни за нормална функција на телесните системи, па така за брзо време се јавуваат проблеми со работата на внатрешните органи, црниот дроб, панкреасот, цревниот систем, но истовремено се компромитира и мускулниот, скелетниот и нервниот систем… Тоа не е здраво слабеење, тоа е процес на разболување.

Знам дека и „модерното“ вклучување на хирургијата е доста актуелно, со познатиот зафат на „подврзување на желудникот“, на кој се подвргнуваат се повеќе луѓе… нешто кое не може да се вклопи во вообичаена мерка за намалување на телесната тежина, особено кај луѓе кои се психички здрави и стабилни. Секој кој може да го контролиура својот ум, секој кој може да ја освести својата реалност, може да го контролира и своето тело и на здрав начин да ја доведе својата личност во психотелесен баланс.

Да резимирам: кога човекот здраво се храни, кога неговата исхрана соодвествува на природата на неговото тело и ум, тогаш тој по ди-фолт доаѓа до идеална телесна тежина и тука останува засекогаш.

Тоа значи дека тој никогаш не гладува, секогаш ги задоволува потребите од сите макро и микро нутритиенти и секогаш има совршено изградено и избалансирано тело, кое соодејствува на неговиот секојдневен живот и активности.

фото-приватна архива

Кое е најголемото погрешно уверување кое луѓето го имаат кога се обидуваат да ослабнат? Како вашата програма се разликува од другите, слични приоди?

– Моите совети за здраво намалување на вишокот килограми не вклучуваат никакви дополнителни препарати, па ниту активности кои не може да си ги дозволи некој кој се родил во овој свет, некој кој допатувал на оваа планета. Нема препорачано ништо кое треба да се побара од другиот крај на светот, ниту пак нешто кое треба „дебело“ да се плати за да се набави.

Токму затоа оваа книга се вика „Кој ти рече дека не можеш“, бидејќи она што се препорачува во таа програма не е нешто кое не може било кој да го примени.

Ако кажам дека тоа е променливо за секој од 7 до 77, и тоа не е точно бидејќи оваа програма е променлива и за оној кој има и повеќе од сто и кусур години.

Оваа програма исто така има цел кај практикантот да разбуди еден нов животен стил кој ќе го одведе во многу повозбудлив период од неговото живеење. Животен стил кој ќе му ги открие сите тајни на неговата скриена моќ да владее со себеси и со се она што го опкружува, со сите предизвици на животот за кои мислел дека се само неостварен сон. Но… да не филозофирам… ајде малку поконкретно:

Оваа програма за намалување на вишокот килограми истовремено води до излекување на многу хронични болести, кардиоваскуларни пореметувања, гинеколошки проблеми, дијабет, гастроинтестинални проблеми, алергии и автоимуни болести, проблеми со коски и зглобови, неуромускулни болести и дисфункции.

Оваа програма води со обнова на сексуалната потенција кај мажите, решавање на проблеми со простата, стабилизирање на менструалниот односно хормонскиот систем кај жените и справување со предменструален синдром, болна менструација како и стерилитет.

Но, не само за пациентите, оваа програма е многу едукативна и за докторите, бидејќи. на крајот на денот, и многу од нас докторите се разболуваме, па и долги години страдаме од болести кои треба да ги излекуваме кај нашите пациенти, нели?

Ако секој доктор го надгради своето познавање од областа на медицината со значењето на природната исхрана и здравиот животен стил, тогаш тој доктор станува врвен научник и стручњак за решавање на многу хронични здравствени проблеми кај своите пациенти. Светот на медицината би бил многу посветол, многу поуспешен, и многу понезависен од големи финансиски барања. Човештвото би живеело многу посреќен и порелаксиран живот.

фото-приватна архива

Што е тоа што најчесто ги блокира луѓето да започнат со патувањето кон поинаков начин на живот и како вашата книга помага да се надминат тие бариери?

– Од моето лично и професионално искуство можам со сигурност да кажам дека денешниот човек, односно човекот од современиот свет, живее еден напорен живот, носен од виорот на општествениот систем кој буквално е бескомпромисно надвиснат над сите природни потреби на човечката суштина.

Како прво, денешниот човек никако или многу тешко може да дојде до здрава и природна храна. Потоа, неговото секојдневие е исполнето со активности кои се поврзани со социјални притисоци условени од неговиот опстанок. работење кое веќе оддамна не е осумчасовно туку е она… „достапен во секое време“.

Работа од дома, кога наместо да бидеш со своите блиски, со своето семејство, треба да бидеш приклучен на интернет за да дадеш до знаење дека работиш и ја одработуваш својата плата. На денешниот човек дури и забавите му се оптоварување… многу често слушам „Леле… ме поканија на свадба… кај имам време јас за такви работи“ или пак… „на детето му е роденден, па ги замолив моите да му подготват нешто…“

И замислете, сега од таков еден „современик расфрлан на сите страни“ да барате да се соземе и да види што е навистина важно во животот… па и јас лично сум го поминувала тој пат и мене ми е сосема јасно како се чувтствува некој кој го гледа животот од тој агол од кој и јас сум го гледала долги години…

Едноставно, луѓето денес немаат време за најважното, за себеси! Имаат време само за да се напијат таблета, да одвојат време за некаков хируршки зафат кој дополнително ќе го платат и ќе добијат во време за понатаму да се бават со нешто кое е многу поневажно од она што значи здравје и вистинско живеење.
Затоа оваа книга е малку поразлична од предходните.

Оваа книга ја создадовме заедно јас и син ми Калин, кој буквално растеше со мојот „програм на животна трансформација, и го вклопи своето животно искуство во научната психологија. Затоа, како дипломиран психолог, но и практикант на таквиот животен стил, и заради неговото практикување на источните боречки вештини повеќе од две децении, тој како коавтор на оваа книга ја подари својата психофизичка програма за целосна трансформација на практикантот во една сосема нова димензија од својот живот.

Какви вежби или активности советувате за оние кои имаат ограничено време или се наоѓаат во стресни услови, но сакаат да започнат со процесот на слабеење?

– Вежбите и субјективното чувство на прифаќање на една поинаква перцепција на физичка активност психологот ги вклопи во раскази од своите доживувања кои наликуваат на вистинско филмско сценарио каде главниот лик е токму практикантот на оваа моќна програма. На тој начин, оној кој ја применува програмата чувствува дека неговото секојдневие се менува како волшепство кое многупати го искусувал, но сепак не успеал да го препознае како моќна животна порака.

Секој човек сака да доживее некаков „знак“ некаква порака, која ќе му помогне да го одбере вистинскиот пат кон успехот. Токму тоа практикантот го препознава во оваа програма односно во нејзиниот дел кој дава врвна и разбирлива психолошка поддршка применлива цели 24 часа дневно.

фото-приватна архива

Во книгата има акцент на целосна трансформација на секојдневието. Како можеме да го примениме ова во нашиот живот, особено во денешното брзо и стресно време?

– Не постои шема, не постои протокол! Човекот не е предмет. Човекот е сложена природна појава, индивидуален концепт чија композиција е засебна и специфична за секого. Не постојат две исти индивидуи, па дури и да се еднојајчани близнаци.

Секој живее различен живот, се судрува со различни предизвици, секој има различен поглед на нештата, на потребите, на околината. А бојата на животот зависи од перцепцијата на околината, од тоа како ги гледаме и толкуваме настаните и сето она што се случува околу нас.

Затоа секој здравствен проблем, секоја хронична болест, па дури и проблемот со вишокот килограми е само порака за наша промена, порака дека треба да завршиме со стариот начин на живот, дека треба да погледнеме од поинакова перспектива, и поинаку да ги толкуваме случувањата кои ги доживуваме.

Ќе ни раскажете ли за некое искуство или пример од вашите пациенти кои ја примениле Вашата програмата за слабеење?

– Денес има многу совети за здрава исхрана. Има многу нутриционисти кои се бават со начинот на исхрана како многу важен дел од здравјето и животот на луѓето. Така започнав и јас. Всушност јас не како нутриционист, туку како лекар, како гинеколог, имав професионална задача да решам многу гинеколошки проблеми кај моите пациентки, како стерилитети, предменструален синдром, болни менструации, проблеми со хормонски нарушувања, нерегуларни крварења, па и потешки проблеми со тумури, бенигни и малигни цисти, зголемена тежина и уште многу други за кои освен стандардните медицински процедури на препишување на хормонски лекови, оперативни зафати, и други слични интервенции немав некој поголем избор.

А замислете си, кое е чувството да треба да препишеш лекови на пациентка кои според протоколот треба да и се дадат, а ти лично никогаш не би ги зела…

Така почнав да ја истражувам исхраната, област која, за жал, е многу малку присутна во официјалната современа медицинска наука. И навистина, се она кое го пронајдов како информација, потврдена со бројни студиски анализи и испитувања, покажа дека исхраната е силен фактор во заштита и обнова на здравјето на човекот.

Тоа го применив врз себеси а се разбира како научни сознанија го пласирав во јавноста преку бројни видео и пишани проекти кои на многумина помогнаа да ги решат своите хронични здравствени нарушувања.

Сепак, од мојата професионална пракса можев да видам дека не сите кои примениле нешто од понудените сознанија имаат исти здравствени бенефити. Некои целосно ја постигнаа својата здравствена рехабилитација, некои делумно, а некои и покрај тоа што постигнаа позитивен здравствен ефект, сепак се враќаа на старите навики и повторно ја „обновуваа“ болеста.

Да, храната навистина лекува! Но умот, односно свесното прифаќање на новиот живот, новите животни навики, не секој има способност да ги постигне на едноставен начин. Целото социјално опкружување и неговото влијание врз индивидуата е силен момент за вистинско освестување или пак „заслепување“ на современиот човек.

Живеејќи во секојдневие каде се поминуваат цели вечери покрај ТВ екраните каде 80% од рекламите нудат „волшебни лекови за здраво живеење“, за болки, за убаво тело, за потенција, за простата, за меморија, за убавина, за алергии… потоа болници каде ќе „ви подарат бебе“, ќе ви направат убаво тело, ќе ве ослободат од масните наслаги… и што ли уште не, треба да си навистина силно освестен за да погледнеш длабоко во себеси и да ја видиш сопствената моќ која е појака од сите лекови и која е единствено способна да те одведе во животот кој го заслужуваш.

Умот е моќна алатка која ни е дадена како дар од природата при нашето раѓање. Колку и како ќе го применуваме, зависи од нашата свест! А колкава свест ќе поседуваме, зависи од тоа како ги користиме нашите животни искуства, како ги толкуваме, во какви чувства ги трансформираме, односно дали и колку ја препознаваме поентата на нашето овдешно живеење.

Кои се најчестите грешки што луѓето ги прават кога ќе се обидат да го следат Вашиот пристап, и како тие може да ги избегнат?

– Јас би рекла дека не постојат грешки во нашиот живот. Постојат само доживувања, случувања, вакви или такви… добри или лоши… Не постои човек кој никогаш не погрешил во животот. Сите понекогаш грешиме. Всушност грешките го прават, го проектираат нашето овдешно патување. Кога некој ќе се разболи, треба да знае дека некаде погрешил и дека треба да направи промена, да не се движи повеќе по истата патека. Не треба да заврши со жалење за тоа што погрешил, затоа што тоа не е голем грев. Грев е ако останеш на грешката, ако не ја сфатиш пораката.

Секој треба да го прифати својот живот како шанса за големи искуства, големи доживувања кои ќе му помогнат да пропатува низ себеси и да осознае дека животот е подарок во кој самиот ќе одлучиш што ќе видиш во огледалото.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button