Љубов на прв „swipe“: Новиот градоначалник на Њујорк и сопругата се запознале преку апликација за запознавање

На изборите за градоначалник на Њујорк победи 34-годишниот демократски социјалист Зохран Мамдани и стана првиот градоначалник од муслиманска вероисповест, а воедно и најмладиот во последните 100 години.
Освен тој, во центар на вниманието на јавноста е и неговата сопруга, Рама Дуваџи. 28-годишната уметница, илустраторка и аниматорка е Американка со сириски корени, а во Њујорк се доселила пред четири години. Родена е во Хјустон во 1997 година, а пораснала во Дубаи. Студирала комуникациски уметности на Универзитетот „Вирџинија Комонвелт“, прво на кампусот во Доха, а потоа во Ричмонд, каде што дипломирала во 2019 година. Нејзините дела се објавени во медиуми како што се „Њујоркер“, „Вашингтон пост“ и „Вог“.
„Значи, сè уште има надеж за апликациите за запознавање“.
Нивниот прв состанок бил сè само не гламурозен: вечера во јеменското кафуле „Qahwah House“ во Бруклин, проследена со прошетка низ паркот „McCarren“. На вториот состанок, Мамдани ја прошетал низ неговата изборна единица во Квинс, покажувајќи ѝ ги заедниците што ги претставува.
Рама му била голема поддршка во текот на целата негова кариера и живот, а му помогнала и во спроведувањето на политичката кампања, за што новоизбраниот градоначалник ѝ се заблагодари во својот победнички говор.
„За мојата прекрасна сопруга Рама, мојот живот, нема никој друг кого би сакал да го имам покрај мене сега и во секој момент“, рече тој.
Еден поглед на инстаграм-страницата на Рама Дуваџи јасно покажува дека 28-годишната девојка е фокусирана на уметност што ги прикажува жените од Блискиот Исток и тешката положба на Палестинците, а освен една објава на денот на демократските предизбор во јуни, тешко е да се претпостави дека таа е воопшто поврзана со новоизбраниот градоначалник на Њујорк.



