Лоши вести за Македонците во Германија кои немаат бугарски пасоши

Квотата за издавање работни дозволи за Германија за работниците од Западен Балкан за 2025 година е целосно исполнета, што значи дека до крајот на годината македонските работници нема да можат да заминат на работа во Германија.
Сите 50.000 дозволи, чиј број беше зголемен во јуни 2024 година, веќе се распределени меѓу работници од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија.
Германската агенција за вработување предупреди дека одбиените апликации нема автоматски да се пренесат за следната година. Според забрзаната процедура, работодавците најпрво добиваат одобрение, по што работниците со склучен договор ги добиваат потребните документи во конзуларните претставништва.
Според Зоран Кочовски од агенцијата „Коузон“, поради економските проблеми и намалениот интерес од германските работодавачи, извесно е дека квотата за 2026 година ќе биде преполовена. Наместо досегашните 50.000, се очекува да се издадат околу 25.000 дозволи за целиот регион, што значи дека од Македонија би заминале само 2 до 3 илјади работници годишно.



