Легендарниот Цајо им беше првиот менаџер на „ДНК“ – „Панчо беше кртица која никогаш не мируваше“

Милорад Цаиќ – Цајо, едно од најпознатите имиња на скопската урбана сцена, човек кој зад себе има десетици модни, музички и забавни проекти, сподели емотивна објава посветена на своите поранешни соработници и пријатели – Панчо и Андреј од легендарното дуо „ДНК“.
Во својот статус, Цајо се потсети на деновите кога токму тој бил нивни прв менаџер, во времето кога сè уште настапувале одделно – Андреј во „ТНТ“, а Панчо во „ОК бенд“. Нивната заедничка приказна започнала, како што пишува, „по иницијатива на Панчо“, со што се родила групата која подоцна ќе стане симбол на едно време.
„Панчо секогаш беше инертна машина и идеологот за сите нови песни и спотови. Не знаеше да застане, цело време размислуваше за нови песни и подвизи на групата ДНК. Панчо беше како кртица – секогаш ровареше и наоѓаше спонзори само за да се заврши проектот. Андреј беше сосема друг карактер – тој беше балансерот во групата, човек кој сакаше сè да помине во ред“.
Со овие зборови, Цајо го опиша најдоброто од двајцата пријатели – енергијата и неуморниот дух на Панчо, и мирниот, стабилен карактер на Андреј, кој секогаш влечеше рамнотежа.
Во продолжение, тој емотивно призна дека веста за смртта на Панчо длабоко го погодила: „Многу ме скрши оваа тажна вест што ја слушнав за тебе, Панчо другарe мој… а мислев дека ти ќе бидеш новиот Борец за да остане ДНК. Но и ти се придружи на твојата група ДНК и сега некаде во небеските широчини, кај ангелите, ќе пишувате нови песни заедно со Андреј“.