Лазаров го загуби животот помагајќи им на другите во пожарот – згасна уште еден млад човечки живот

Во страотната несреќа која се случи рано изутрината во дискотеката „Плус“ во Кочани животот го загуби уште еден млад човек, се работи за 25-годишниот фудбалер Андреј Лазаров. Од редовите на Шкупи ја потврдија трагичната вест за смртта на Лазаров кој животот го загубил обидувајќи се да помогне во хаосот кој се случувал во дискотеката „Пулс“.
Иако претходно имавме информации од неговото семејство дека е во стабилна состојба, со длабока болка и огромна тага ја споделуваме веста дека нашиот фудбалер, Андреј Лазаров, е потврден како една од жртвите во трагичниот пожар што се случи во текот на ноќта во Кочани – стои во официјалната објава на клубот.
Како што информираат од Шкупи, Лазаров во дискотеката помагал на останатите присутни да се извлечат, но на крајот се задушил во чадот.
„Лазаров го загуби животот обидувајќи се да им помогне на другите да се спасат од просторот зафатен од пожар. Тој се задуши од чадот за време на неговите обиди да спаси животи, покажувајќи храброст и хуманост до последниот момент. Неговиот херојски чин засекогаш ќе остане во нашето сеќавање, како сведоштво за неговиот благороден карактер и неговото големо срце“, објавија меѓу другото од Шкупи.
Лазаров го загуби животот на 25-годишна возраст, а во кариерата настапуваше уште за Металург, Работнички, Тиквеш, Рудеш и Горица.