Кристално море, евтини цени и кујната на баба – ова албанско село со право го викаат малите европски Малдиви
Сместено на албанската ривиера, помеѓу карпи, маслинови дрвја и море со боја на стакло, Лукове нуди лето без гужви, со плажи како од разгледница, храна од кујната на баба и цени што ве враќаат деценија наназад.

Тишина. Тоа е првото нешто што ќе ве пречека во Лукове (село кое некаде ќе го сретнете со име – Лукова). Без трештење на музика, без врева од автомобили, без борба за лежалка. Тука, на 22 километри северно од Саранда, времето тече во сопствен ритам.

Од ридовите, низ кривулести патишта обраснати со лаванда и смокви, се стигнува до морето што изгледа како исполирано стакло. Лукове е скриената дама на албанската ривиера- убава, достоинствена и незаинтересирана за сензационализам.
Плажите се природни и токму затоа – совршени. Lukova Beach, Bunec Beach и Shpellat e Lukovës (Пештерите на Лукова) се меѓу највпечатливите. Бели камчиња под босите нозе, топла тиркизна вода и сенки од маслинови гранки кои се нишаат како стара балканска приспивна песна.

Цените тука се далеку од гламурозни. Лежалка со чадор ќе ве чини 500–700 албански лека (околу 4 до 6 евра), а ако решите да ги избегнете и нив, никој нема да ве избрка од плажата. На голем дел од плажите има слободна зона за свој пешкир и чадор – реткост на Медитеранот во 2025 година.

Што да се јаде: морето на чинија, бабичка во кујната
Во Лукове нема интернационални менија со француски имиња. Овде се јаде она што денот го понудил: сардели на жар, рибја чорба, орада со лимон и магдонос, салата од домати, краставици и домашно сирење (djathë i bardhë), полнети пиперки, печена бамија, пита со спанаќ или тиква, и секако – ракиичка пдготвена од дедо, и тоа од смокви, без етикета, но со карактер.

Ручек со предјадење, главно јадење и пијалок ќе ве чини од 8 до 10 евра по лице, а вечера за двајца со свежа риба и вино, под 30 евра вкупно.
Некои од најпознатите таверни се: Perla e Jonit – со тераса што гледа на залез над морето, Taverna Vasili – каде рибата се мери жива и се пржи пред вас, Ujëvara (Водопад) – ресторан скриен под водопад, каде јадењето е шоу. Ако сте таму немојте да ги прескокнете.
Сместување и дневни трошоци
Во 2025 година, додека туристите се жалат на прескапите цени на приморјето на кое било парче од Европа, особено на Медитеранот, Лукове сè уште нуди сместување по пристапни цени.
Приватна соба или студио лесно ќе најдете за цена од 25 до најмногу 40 евра по ноќевање. Малите вили со поглед на море чинат од 50 до 70 евра, а ампување (во близина на Bunec): 10 евра по лице со сопствен шатор.

Што да се прави, освен да не правите ништо
Покрај мрзеливо уживање покрај вода, Лукове нуди и неколку скриени бисери:
Манастирот Света Марија – сместен високо над морето, идеален за рана прошетка и фотографирања.
Пештерите на Лукова – достапни по вода со кајак, тивки живописни местенца, совршени за пикник во сенка.
Маршрута до Kakome Beach – една од најубавите и најпустите плажи во цела Албанија, достапна со брод.

Вистината е: Лукове не сака да биде популарно. Ова не е место што ќе го најдете на билборди. Овде, денот не се мери во часови, туку во број на нуркања и длабочина на здивот. Местото не се труди да ве импресионира – едноставно е она што е. И токму затоа го паметите долго.


На крајот од престојот, ќе ве пречека истото чувство што го имаат сите што биле таму – дека сте откриле нешто што сакате љубоморно да го чувате само за себеси. Но, сепак го споделувате со други, зашто имате потреба да прераскажете, преполни со емоции. Зашто добрите работи не се кријат. Се раскажуваат тивко. Како Лукове.