Компетентноста не познава пол – бизнис приказни со Пенка Мукаетова
„Жените често имаат развиена интуиција, емпатија и способност за истовремено согледување на повеќе аспекти од проблемот. Во ситуации под притисок, тие умеат да задржат мирна глава, но и да внесат човечка димензија која е клучна при носење одлуки што влијаат врз луѓето и организациите“ - вели Пенка Мукаетова во интервјуто за гламур.мк.

Кога започнавме со нашите „Бизнис приказни“, идејата беше да создадеме простор каде што пред сè ќе им дадеме глас и видливост на успешните жени од Македонија – оние што се на лидерски позиции или изградиле сопствен бизнис, за да можат да го споделат со нашите читатели своето искуство, визија и предизвици. Со нив разговараме за тоа како ја започнале својата професионална патека, кои биле клучните моменти на нивниот успех, како се справуваат со пречките, но и каков баланс постигнуваат помеѓу кариерата и секојдневието.
Овојпат разговаравме со Пенка Мукаетова, генерален менаџер на консултантската компанија „Консалтинг Интер Груп“ – етаблирана компанија која се истакнува по својот сеопфатен пристап во поддршката на бизнисите, нудејќи услуги што ги поврзуваат правото, финансиското консултирање и комуникациските стратегии.
Нејзината професионална приказна е пример за тоа како страста кон корпоративното право, комбинирана со визија и истрајност, може да прерасне во сериозна платформа која на компаниите им нуди вистински, одржливи и ефективни решенија.
Пенка зборува отворено за своите почетоци, за предизвиците што ги надминала како жена во секторот што често бара „тврда рака“, за лидерството засновано врз вредности, како и за нејзината менторска улога кон новата генерација млади претприемачки. Во продолжение, прочитајте го интервјуто со оваа посветена успешна жена, визионерка и доследна професионалка, која покажува дека жените не само што го менуваат светот на консалтингот – тие и го редефинираат.

Вашата компанија е една од ретките каде жената стои на чело во област што традиционално ја водат мажи-деловно и корпоративно право. Како започна Вашиот пат во оваа сфера и што Ве водеше до позицијата што ја имате денес?
-Токму љубовта према деловното и корпоративното право беше пресудна за мојата одлука да основам своја компанија и да можам да работам и да им помагам на самите компании за надминување на нивните деловни предизвици. На почетокот услугите кои ги нудевме беа исклучиво правни, со тек на годините како растевме како компанија, и следејќи ги потребите на пазарот, успеавме да станеме комплетен бизнис сервис, кој покрај правните услуги нуди и финансиски, најмногу во делот на пристап до финансии, изработка на бизнис и деловни планови, правен и економски due diligence, маркетинг, ПР, организација на настани и многу други, а сето ова преку брзи и практични решенија со минимална вклученост на клиентите.
Во вашата консултантска пракса , често се соочувате со компаниите пред клучни одлуки. Како една жена-менаџер, како го градите афторитетот и довербата меѓу машката доминација, особено кога сте тие што водат, советуваат и структуираат крупни правни и економски потези?
-Во светот на бизнисот, особено кога станува збор за стратешки потези, градењето на авторитетот и довербата се од суштинско значење, и тука полот не игра улога. Верувам само, а и праксата ми го покажала тоа, дека и во амбиент кој традиционално е машки доминантен без трите главни постулати, како посветеност, истрајност и континуирана едукација, резултатите ке бидат незабележителни.
Клиентите пред сѐ препознаваат компетентност, а тоа не познава пол. Исто така, вредносниот систем кој ќе го изградите врз основа на доследност, транспарентност и одговорност, е основата за довербата со клиентите, како и со тимовите со кои ќе работите. Кога доследно испорачувате резултати и се однесувте принципиелно, луѓето ве препознаваат како лидер. Отука и големиот број на задоволни клиенти и долгогодишни соработници. Најбитно од сѐ, пред било кој да ви даде доверба, треба прво вие да верувае во себе, во своите способности и компетенции, во својата стручност, за да можете рамноправно да се поставите секаде, независно дали преговарате на маса или го водите процесот.

Често се зборува за стаклениот таван, но Вие не само што сте го пробиле, туку и изградивте компанија што и другите ја следат. Кои се трите најголеми предизвици што сте ги надминале како жена лидер-и што научивте од нив?
– Да бидам искрена, кога влегов во претприемништвото, не размислував за тоа што ќе биде, туку како јас ќе го направам најдоброто за приказната да успее. Верував во себе, бев истрајна, се едуцирав постојано и уште го правам тоа, никогаш не потклекнував на предизвиците иако ги имаше многу, едноставно одев напред. Битно ми беше да можам добро да проценам, во вистинско време да го направам вистинскиот потег, иако сум направила и многу грешки, но тие се составен дел на самиот процес.
Па така, многупати сме ги менувале услугите, сме отварале нови сектори, отворивме уште една компанија, маркетинг агенција, будно ги следев потребите на клиентите и во таа насока се водев во донесувањето на одлуките. Низ годините научв дека ништо не доаѓа преку ноќ, потребна е голема посветеност, истрајност и многу работа.

Консалтингот често бара остро мислење, сигурна одлука и мирна глава под притисок. Дали мислите дека жените донесуваат различна енергија во такви процеси-и дали токму таа разлика е придонес, наместо хендикеп?
-Секако жените носат една поинаква енергија секаде и токму таа раличност преставува вистинска предност. Жените често имаат развиена интуиција, емпатија и способност за истовремено согледување на повеќе аспекти од проблемот. Во ситуации под притисок, тие умеат да задржат мирна глава, но и да внесат човечка димензија која е клучна при носење одлуки што влијаат врз луѓето и организациите.
Разликата не треба да се гледа како поделеност по пол, туку како збогатување на пристапот, токму убавината и силата е во различноста. Кога различни перспективи се здружуваат, добиваме покреативни, посоодветни и поодржливи решенија.

Вашата работа е длабоко вградена во реалните економски текови, но истовремено и за визијата за иднината. Каква улога играат жените консултанти во трансформацијата на бизнисот денес-и каде е нивната најголема сила што мажите можеби ја занемаруваат?
-Слободно можам да кажам дека жените не само како консултанти, туку и во кои било други професии играат голема улога во трансформација на самите организации. Секогаш во одлуките кои ги носат и потезите кои ги преземаат, нема само стерилни и рационални решенија, туку и хумани. Во мојата пракса жените консултанти умееат да воспостават долгорочни релации на доверба со клиентите, подобро да ги разберат нивните проблеми, да понудат решенија кои нема да наидат на отпор од страна на клиентите, туку полесно ќе ја прифатат промената. Тоа можеби е една од вредностите која иако на прв поглед не се препознава, е клучна за одржливост и успех на секој трансформациски процес.
Од перспектива на управителка, но и на менторка, што би и препорачале на една млада жена која денес сака да започне свој бизнис во сферата на право и економија? Кои три правила треба да и бидат животен компас?
-Како жена и како бизнис консултант сум работела и сум менторирала многу жени од различни професии, жени жртви на семејно насилство, жени од социјален ризик, млади жени, сите кои сакале да си го остварат својот сон. . Многу успешни приказни се излезени од лабораторијата на Консалтинг Интер Груп и тоа ми е посбно драго.
Секогаш на сите сум и го препорачувало истото, вербата во себе, постојаната едукација и истрајноста во процесот. Да не го чекаат вистинскиот момент, да веруваат во себе и своите капацитети, да изградат интегритет, постојано да вложуваат во себе, образованието не завршува со заокрушување на формалното образование, напротив тогаш треба најмногу да се трудат да стекнаат што е можно повеќе вештинии и компетенции за да бидат чекор пред другите, на патот ќе се појават многу сопки, но вешто да се носат со сите предизвици и да не се откажуваат.
Исто така, вмрежувањето е многу битно. Да се опкружат со луѓе покрај кои ќе бидат постојано предизвикувани да растат и одат напред. Да се поддржуваат, соработуваат и помагаат, не да се натпреваруваат и споредуваат. Сметам дека секоја жена може да биде лидер, потребно е само да се охрабри и да започне.
Работите со бројки, со закони, со стратегии, но и со луѓе. Како изгледа еден Ваш момент на исклучување-што ве релаксира, што Ви носи мир и ве полни со енергија да продолжите напред?
– Секојдневната динамика и се поголемата набиена агенда си бараат и соодветн одмор и релаксација за полнење на батериите. Покрај природата која е задолжителна за време на викендите, во последно време вежбањето и трчањето на кеј ми се нешто кое посебно ме релаксира и дава една друга димензија после напорен работен ден.
Секако дружење со пријателите и семејството се бесценети, секогаш со убаво вино и вкусна храна. И се разбира патувањата, кои се најдобар лек и бегство од секојдневието.

Имате ли некоја мисла, некој цитат што го носите при срце и често го повторувате?
-Хазардерот во мене многу добро го памети едно од предавањата на факултет, на кој гостин ни беше еден професор од Економски факултет, сега директор на една банка, кој во своето излагање во делот кај ризиците, кажа дека „најголем ризик е никогаш во животот да не преземете никаков ризик„. Тоа само ми го потврди она што длабоко го чувствував во себе, а тогаш не знаев како да го објаснам.
Понатаму, низ годините, ми остана толку силно врежано во сеќавањата и секогаш кога сум била на некоја професионална или животна раскрсница го применувам и верувале или не досега секогаш успевало. Исто така „среќата ги прати храбрите“. Со двете раце потпишувам во точноста на ова. И сите коцки да ти се наместат во животот, ако немаш храброст да го зграпчиш вистинскиот момент, или да го направиш вистинскиот чекор, не си направил ништо.