Која е Санае Такаичи, новата премиерка на Јапонија – поранешна тапанарка, љубителка на брзи мотори, „талибанка“ инспирирана од Маргарет Тачер
Таа е прва жена што застана на чело на Јапонија. Вели дека ѝ е инспирација Маргарет Тачер, но не ја поддржува родовата еднаквост.

Таа е поранешна тапанарка во хеви-метал бенд и беше блиска соработничка на Шинзо Абе, поранешниот јапонски премиер кој почина во јули 2022 година, на 67-годишна возраст, откако беше застрелан за време на говор во градот Нара.
Таа е „железната дама“ што ќе ја води Јапонија. Ценета од бизнис-заедницата, Такаичи има ултранационалистички и ревизионистички ставови за јапонскиот империјализам. Вели дека ѝ е инспирација Маргарет Тачер, но не ја поддржува родовата еднаквост.

За Санае Такаичи, новата премиерка на Јапонија, многумина некогаш велеа дека не е создадена за политика. Гласините тврдеа дека е премногу директна за формалниот и ригиден политички свет на Токио.
И без тоа јавно да се каже, се оставаше впечаток дека нејзиниот сон да ја води државата е осуден на неуспех, токму затоа што е жена во свет кој неизбежно го водат мажи.
Во меѓувреме, таа свиреше тапани во хеви-метал бенд, возеше голем мотор по улиците на Нара и читаше прирачници за политичка стратегија. На крај, им ги затвори устите на сите: во вторник, на 21 октомври, Санае Такаичи стана првата жена премиер во историјата на Јапонија и тоа во еден од најкритичните моменти за земјата.
Нејзиното именување изгледаше очекувано по победата на 4 октомври, кога ја презеде претседателската функција на Либерално-демократската партија (ЛДП) – конзервативната сила што речиси непрекинато владее со Јапонија веќе 70 години. Но, Такаичи мораше тешко да се избори за тоа место: партијата Комеито, центристичка и пацифистичка со будистичка инспирација, ја напушти владината коалиција, прекинувајќи сојуз што траеше од 1999 година. Причината? Ултраконзервативните и ревизионистички ставови на Такаичи за империјалистичкото минато на Јапонија, нејзиниот став против имиграцијата, желбата драстично да ги зголеми воените трошоци и, пред сè, нејзината неподготвеност да „исчисти“ во својата фракција после големиот скандал со јавните финансии што избувна во летото 2024 година и го принуди поранешниот премиер Фумио Кишида да поднесе оставка.

Такаичи тргна во потрага по нови сојузници и ги пронајде во партијата Nippon Ishin no Kai (Партија за јапонска иновација), уште повеќе насочувајќи го ЛДП кон десницата. Но, нејзината приказна започнува многу порано.
Долгиот подем на Санае Такаичи
Родена во Нара во 1961 година, во Јапонија која сè уште била силно хиерархиска и машки доминирана, Такаичи пораснала без наследничката аура на големите политички кланови, нешто речиси незамисливо за оние кои стигнуваат до врвот на власта во земја каде што политичките династии, како онаа на семејството Абе, често се повторуваат. Дури и нејзиниот внатрепартиски ривал, поразениот кандидат за лидер на ЛДП, Шинџиро Коизуми, е син на поранешен премиер.

Како млада, Санае Такаичи негувала страсти што ја издвојувале од стереотипите на своето време: свиреше тапани во хеви-метал група, уживаше во возење брзи мотори и беше нуркачка.
Студирала политички науки на Универзитетот во Кобе, а потоа добила стипендија за студии во Соединетите Американски Држави, каде што посетувала предавања на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес. Токму во Америка почнала да ја формира својата визија за функционирањето на модерната политика, набљудувајќи ги нејзините механизми и јазик однатре, како стажистка во кабинетите на конгресмени во американскиот Конгрес.
По враќањето во Јапонија, започнала да работи како новинарка на телевизиска станица, но набљудувањето на политиката од екранот повеќе не ѝ било доволно: во 1993 година првпат била избрана во Долниот дом на Парламентот, токму во годината кога Либерално-демократската партија за првпат по неколку децении го изгуби владеењето.
Нема династиски спонзори ниту феудални покровители: својот политички авторитет го гради со студена прецизност, преку темелна експертиза во секое политички досие и преку усогласување со најдисциплинираните струи на конзервативната десница.

Нејзината политичка блискост со Шинзо Абе, зацврстена во 2000-тите години, ја претвори од пратеничка во сенка во фигура од прв ред: со текот на годините ги водеше некои од најчувствителните министерства – за внатрешни работи, медиумска регулација и економска безбедност, и стекна имиџ на интелектуално строга и идеолошки доследна претставничка на националистичкиот конзервативизам.
Во партијата, многумина ја нарекуваат „талибанка“, не од шега, туку поради нејзината методична непопустливост: во систем кој почива на транзакциска флексибилност, Такаичи напредува токму затоа што е една од ретките што никогаш не се наведнува.
Нејзината политичка визија
Во оваа доследност на карактерот, поранешната девојката што свиреше хеви-метал без да бара дозвола, а денес технократка што не се повлекува пред поделбени теми и непоколеблива сојузничка на Абе во историскиот ревизионизам, се гледа на нејзиниот подем: не како женска исклучок, туку како пример на моќ изградена преку долга, упорна и линеарна траекторија.
Такаичи доаѓа на власт во време на политичка турбуленција што нејзината фигура ја прави уште пополаризирачка.
Нејзиниот политички идентитет е обликуван од близината со ревизионистичката струја на јапонскиот национализам. Како заштитеничка на поранешниот премиер Шинзо Абе, Такаичи повеќепати оддавала почит во храмот Јасукуни, симбол на военото минато што ги иритира Кина и Јужна Кореја, и никогаш не ја криела својата непокајничка интерпретација на империјалната историја, вклучувајќи ја и контроверзната тема за „жените за утеха“.
Во надворешната политика, Такаичи се залага за пристапот „Јапонија на прво место“ (Japan first): сојузништвата – почнувајќи од она со Вашингтон – ги гледа како средство, а не како рамка, и во нејзините говори често има критики кон трговските договори што ги смета за неповолни за националните интереси.

Сепак, нејзината меѓународна агенда е тесно поврзана со американската стратегија за ограничување на влијанието на Кина: под нејзино раководство, Јапонија отворено цели да ја надмине границата од 2% од бруто-домашниот производ за воени трошоци, да ги ревидира стратешките документи за одбрана и да го засили одбранбениот капацитет во регионален контекст што внимателно гледа кон Тајван, каде што неодамна и самата беше во посета, како можен фокус на нова криза.
Во сферата на граѓанските права и родовата еднаквост, Такаичи го претставува најконзервативното, најстрогото и најидентитетското лице на јапонската десница.
Таа е против воведување двојно презиме за брачните парови, против можноста женските гранки на императорското семејство да ја обезбедат наследната линија на тронот и против легализација на истополови бракови.
Според нејзината визија, напредокот на жените во државата треба да се остварува преку индивидуална компетентност, а не преку структурни општествени реформи.
Јапонската „железна дама“
Такаичи, сепак, има двојна природа: силно идентитетска кога станува збор за историјата, семејството и националната меморија, но истовремено технократска, методична и дисциплинирана во рамките на државниот апарат.
Водела чувствителни ресори, од економска безбедност до медиумска регулација, при што настапувала повеќе како „државен менаџер“, отколку како идеолошка политичарка. Дури и во моментот на својата изборна победа, избра пат на кооптација: во кабинетот ги вклучи и своите внатрепартиски ривали, обезбедувајќи парламентарна поддршка преку коалиција со Партијата за иновација.
Лично изградена како јапонската „железна дама“, Такаичи никогаш не го одбила споредувањето со Маргарет Тачер. Напротив, во своите први зборови како премиерка, таа токму неа ја спомена како инспирација:
„Целосно ќе се откажам од концептот на рамнотежа меѓу работата и приватниот живот. Работa, работа, работа, работа, работа – тоа е сè што ќе правам. И искрено барам од секој од вас да се посвети неуморно во својата област.“