Кој знае до кого ќе стигнев ако останев да работам во телевизија, МНОГУ СУМ АМБИЦИОЗНА, вели Нина РЕД
На кое направено интервју е најповеќе горда?
Некогашната тв-водителка и танчерка е една прекрасна млада дама и е голем миленик меѓу младите генерации.
Нина Ред е секогаш отворена за искрен разговор, да сподели совет и да направи некоја промена во општесвото за подобро утре.
Во последно време е многу активна и лесно достапна на социјалните мрежи.
Низ овој разговор се обидовме да извлечеме нешто за што досега не зборувала и да ги одбегнеме клише прашањата .
Дали некогаш се каете за нешто што сте го проговориле јавно, а е поврзано со вашата приватност?
Не можам да се сетам на такво нешто, впрочем и ретко зборувам за својата приватност. Сметам дека некои работи така треба и да останат.
Вие бевте партнер водител со Стефан Лазаров, дали сте во контакт со него се уште?Со кои јавни личности се дружите?
Откако се затвори 1Тв, некако сите тргнавме по својот пат. Сосема природно се изгуби комуникацијата, темпото и стилот на живот си го направи своето, јас бев со други обврски, а верувам и секој со своите и тоа се случи. Со многумина од јавните личности знам да одржам контакт, да се видиме, да се посмееме, но истовремено ми е драго вака кога пак некои ќе сретнам по настаните. Ретко сум сретнала искрени пријателства од јавниот живот, но кога ги има навистина се квалитетни.
Каде сакате да излегувате?
Навистина ми е жал што во Скопје нема многу места за излегување, но морам да ги пофалам и тие што се постојано активни и прават се за да се одржи ноќниот живот.
Не знам дали сум само јас, но некако излегувањата надвор, пример во Белград, како на пример кабарето што им е доста популарно сега ми е моментално омилено овде од Балканов.
Кој ви е омилен пијалок?
Бидејќи терам сега почисти варијанти, применувам какао, вода од кокос, обожавам напиток одмача, комбуха. Не знам што очекувавте од мене да ви одговорам овде (се смее), ама да, уживам во сосема поинакви работи од вообичаените
Дали готвите?Кое е вашето омилено јадење?
Обожавам да готвам! Ми дава некој мир кога тоа го правам и особено кога ќе се погоди вкусот на крај, тогаш мислам како да сум направила нешто добро за овој свет, а омилено јадење – храна (се смее)! Цел ден и ноќ. Се шегувам.
Храната овој период тежнеам да ми е почиста поради целта која сакам да ја постигнам и дефинитивно ми се потврдува уште еднаш дека телото навистина поубаво го чувствувам кога е така.
Како го поминувате слободното време?
Слободното време тежнеам да го поминувам во пешачење, возење велосипед, во природа, играње тенис, малку медитација, читање книга, малку дружба со пријателите, а некогаш таквите денови знаат да ме однесат и во сала за вежбање, односно креирање кореографии. Така што, зависи како се чувстувувам тој ден. Музиката и танцот дефинитивно ме исполнуваат со позитивна енергија.
Кој ви е најдобар пријател/ка?
Ги има неколку, можам да ги избројам на една рака и сум премногу благодарна што се во мојот живот. Октај ми е несудениот брат и голем пријател, Радица несудената сестра сопатничка, Лазе мојот најголем поддржувач и душа од човек, Ведрана мојата поголема и амбициозна сестра… Има тука уште неколкумина кои навистина нема да заборавам што направиле за мене… Да ги сместам сите во една просторија би ги нарекла фамилија.
Дали имате скриен талент за кој јавноста не знае?
Освен што зборувам за танцот, некогаш пријателите знаат да ми речат дека ме бива за глума. Тоа го забележале по тие Тик ток видеа. Не знам, таквите мини сценарија и гестикулации ги изведувам природно и некогаш не можам да го видам во ист размер тоа што тие го гледаат во мене, но ете така кажуваат. Јас знам само дека добро готвам, тоа со сигурност го знам (се смее).
Имате одлична форма, секогаш сте фит. Како ја одржувате линијата?
Не бадијала велат некои доктори или тренери дека телото памти и брзо се враќаш во форма ако некогаш направиш пауза и тоа е навистина така. Од три години почнав со танцот, па потоа преминав во хип хоп, па фитнес вежбање со тренери, па до овој момент на танц со високи потпетици или high heels dance. Постојано сум во некоја активност, меѓу другото, за ова лето се предизвикав да возам што повеќе велосипед и навистина ми е убаво, а со тоа телото постојано троши калории. Секако, фитнес вежбањето и танцот се ставени во преден план за конкретна цел и можам да ви кажам дека тоа е отприлика 4-5 пати во неделата.
На кој начин ја негувате кожата?
Неопходно е да се применува хидратација на кожата со паралелна заштита, односно заштитен фактор. Но, верувам дека знаете, како што ја негуваме кожата однадвор, така треба да внимаваме и што внесуваме во организмот. Морам да ја истакнам и масажата за тело која ги релаксира мускулите, но и ја потхранува самата кожа.
Како би го опишале вашиот стил на облекување?
Стилот на облекување драстично ми се има променето изминативе години. Некогаш обожавав да се облекувам спортски и опуштено, сега сакам малку поелегантно и похрабро. Веројатно тоа си доаѓа со годините и искуството. Порано се ограничував и со боите, а сега експериментирам. Уживам во себе и како тоа би изгледало на мене. Ги обожавам достапните брендови кај нас, во секое од нив може да се најде интересно парче, но и не мора да е целиот фокус во нив, секаде има избор за секого. Во последно време многу се восхитувам на светските креации на Валентино.
Која е вашата модна икона?
Наоми Кембл. Толку, почеток и крај на приказната.
На кое направено интервју како новинар сте најповеќе горда?
Често го споменувам Ник Вујичиќ како лик кој остави силен впечаток кај мене, но тука листата не застанува. Ги има многу, а познавајќи се себеси и амбицијата која ја имам, кој знае до кого ќе стигнев ако продолжев со работата.
Кога ќе зацртав дека на некој ќе му земам интервју, тоа се случуваше во 90% од случаите. Бев доста упорна ако нешто сакав.