Кој леб е најздрав и најмалку дебелее – интегрален, тонус, ‘ржан или бел? Вистина која секојдневно ја игнорираме
Нутриционистите предупредуваат: не се сите лебови исти. Разликите се огромни, и по хранлива вредност, и по влијание врз телесната тежина, и по тоа како влијаат на нашиот организам.

Лебот е една од најстарите и најчесто консумирани намирници на светот. Кај нас, тој е речиси задолжителен дел од секој оброк, било да станува збор за појадок со јајца, ручек со чорба или манџа, или пак, вечера со салата. Но, кога ќе дојде моментот да се „стегнеме“ и да ја намалиме тежината, лебот е првата „жртва“ која мора да ја приложиме, односно од него мора да се откажеме.
Прашањето е – дали навистина е толку лош или едноставно избираме погрешен тип на леб?

Нутриционистите предупредуваат: не се сите лебови исти. Разликите се огромни, и по хранлива вредност, и по влијание врз телесната тежина, и по тоа како се однесуваат во нашиот организам.
Тука ги разгледуваме четирите најпопуларни видови леб: интегрален, тонус, ‘ржан и бел леб, и откриваме кој е навистина најздрав и кој најмалку дебелее.
Интегрален леб – класична здрава опција
Интегралниот леб се прави од цело зрно пченица, што значи дека во него се задржани сите делови од зрното: обвивката, семката и ендоспермот (ткиво што се создава во семињата на повеќето цветни растенија по двојното оплодување).

Ова му дава висока содржина на влакна, витамини (особено од групата Б), минерали (железо, магнезиум, цинк) и антиоксиданти.
Предности:
Ги регулира дигестивните процеси и ја подобрува работата на цревата.
Долго ја одржува ситоста, што помага во контрола на апетитот.
Го намалува ризикот од срцеви заболувања и дијабетес тип 2.
Недостатоци:
Понекогаш може да биде тежок за варење кај луѓе со чувствителен желудник.
Некои производители го бојат белиот леб и го продаваат како „интегрален“, па треба да се внимава на декларацијата, односно на репутацијата на производителот.
Тонус леб – фитнес шампион
Тонус лебот се смета за еден од најздравите избори. Тој обично се прави без квасец, од мешавина на цели зрна и семки: лен, сончоглед, сусам, тиква. Има низок гликемиски индекс, што значи дека не предизвикува нагли скокови на шеќер во крвта.

Предности:
Најмалку дебелее од сите лебови поради нискиот гликемиски индекс.
Изобилува со здрави масти, протеини и минерали.
Одличен е за дијабетичари и за оние со инсулинска резистенција.
Недостатоци:
Има појак вкус и потврда текстура, што не им одговара на сите.
Цената обично е повисока од другите видови леб.
‘Ржан леб – гарантира ситост, има помалку глутен
‘Ржаниот леб има карактеристична темна боја и полн, малку киселкаст вкус. Се прави од ‘ржано брашно кое содржи помалку глутен од пченицата, па затоа е потежок и погуст.
Предности:
Брзо создава чувство на ситост со помала количина.
Богат е со влакна и минерали (манган, железо, селен).
Добар е за контрола на апетитот и за стабилизирање на шеќерот во крвта.
Недостатоци:
Може да биде тежок за варење за луѓе со гастроинтестинални проблеми.
Некои индустриски варијанти содржат мешавина со бело брашно, па губат дел од придобивките.
Бел леб – класичен виновник
Белиот леб се прави од рафинирано брашно, во кое се отстранети обвивката и семката од зрното. Ова го прави мек и лесен, но сиромашен со хранливи материи и влакна. Инаку, највкусен е, особено кога е уште и топол.

Предности:
Мек, воздушест и лесен за варење.
Погоден за луѓе со одредени желудочни проблеми или по операции.
Недостатоци:
Висок гликемиски индекс, односно, предизвикува нагли скокови на шеќер во крвта.
Брзо предизвикува глад и поттикнува прејадување.
Сиромашен е со витамини и минерали, а често содржи „скриени“ шеќери.
Кој леб најмалку дебелее?
Според нутриционистите, тонус лебот го зазема првото место, веднаш потоа следуваат интегралниот и ‘ржаниот леб. Овие три вида имаат повеќе влакна, понизок гликемиски индекс и поголема хранлива вредност, што значи дека го држат апетитот под контрола и ја намалуваат веројатноста за зголемување на килограмите.
Најмногу дебелее, за жал, белиот леб – не само поради калориите што ги содржи, туку и поради тоа што го поттикнува гладот и внесот на дополнителни калории преку намази и други додатоци.