Емилија Алексовска веќе долги години успешно ја работи својата адвокатска работа. Таа е доктор на науки по казнено право. Застапува странки и обезбедува правна помош во предмети од сите правни области. Вели дека не е лесно, но кога љубовта кон правната наука и професијата е неизмерна, тогаш не постојат лимити. Само небото е граница, за да се постигне целта!
Изучувањето на правната наука може да изгледа несовладлива, затоа „мора да внимавате на целта, а не на пречката” (Вилиам Рендолф Херст). Сепак, фокусирањето на сѐ што треба да се совлада бара константно стекнување нови и подобри облици на знаење. Ако поседуваме кумулативна волја за изучување на правото и без да очекуваме успех, ќе ја добиеме наградата со која што ќе продолжиме да одиме напред кон недостижните врвови на аналитичката јуриспруденција. Доследност, упорност, трпение, многу труд и голема посветеност, се трајни инвестиции во себе- Вели за Гламур адвокат д-р Емилија Алексовска.
Приватна архива
Прашање: Вие сте доктор на правни науки и воедно по професија сте адвокат. На која правна област докториравте?
Јас сум доктор на правни науки по казнено право.
Прашање: На кој универзитет докториравте, магистриравте и дипломиравте?
Вкупниот студиум од сите три циклуси на студии го реализирав на Правен факултет Јустинијан Први Скопје.
Прашање: Како адвокат, со кои правни области работите и застапувате клиенти во предметите?
Застапувам странки и обезбедувам правна помош во предмети од сите правни области.
Приватна архива
Прашање: Како постигнувате? Дали е лесно тоа да се организира?
Навистина не е лесно, но кога љубовта кон правната наука и професијата е неизмерна, тогаш не постојат лимити. Само небото е граница, за да се постигне целта!
Прашање: Дали сте можеби специјализирани во некоја посебна правна област?
Јас застапувам предмети од сите правни области и сметам дека секој добар и стручен правен професионалец, треба да ги владее сите правни области, посебно што неретко истите се доведуваат во корелација. Имено, одредени правни прашања се поврзуваат и надоврзуваат од една правна област во друга, така што тоа претставува еден поврзан систем на правни норми, кој што мора совршено добро да се знае и да се имплементира во пракса.
Прашање: Дали знаете колку предмети имате завршено досега?
Не можам да знам точно, но бројката е преголема, и тоа на успешно завршени предмети.
Приватна архива
Прашање: Дали имате некакви дополнителни обуки во адвокатурата?
Во рамки на Адвокатската комора и во соработка со Европската Унија и Советот на Европа, се организираат Онлајн Хелп курсеви за правни професионалци, од коишто имам успешно завршено голем број курсеви, а исто така се организираат и професионални обуки, на коишто присуствувам, се разбира, секогаш кога сум во можност.
Прашање: Дали имате некое хоби?
Да, моето хоби е поезијата. Пишувам поеми и досега имам издадено две стихозбирки, коишто на мое големо изненадување, беа наградени со престижни награди на меѓународни литературни конкурси.
Приватна архива
Прашање: Дали сте имале политичка активност досега?
Не, никогаш не сум била дел од политиката и не сум имала политичка активност.
Прашање: Како долгогодишен адвокат, дали може да ни кажете кои се најчестите предмети коишто ги работите?
Имам предмети во работа од различни правни области, а може да се каже дека од Граѓанско правната област, најчесто се појавуваат споровите за надомест на штета, посебно за граѓанска одговорност за навреда и клевета, развод на брак, спорови од должничко-доверителски односи и имотни-правни спорови. Често се составуваат различни видови на договори. Исто така, присутни се и работните спорови, а од казнено правната област, најчесто станува збор за кривични дела Убиство, Телесна повреда, посебно при вршење семејно насилство, Тешка телесна повреда, Насилство, Загрозување на сигурноста, Кражба, Тешка кражба, Разбојништво, Измама, за тешки дела против општата сигурност и кривични дела против безбедноста во јавниот сообраќај, за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори. Зачестени се и: сторувањето на кривичното дело Злоупотреба на службената должност и овластување, Несовесно работење во службата, Фалсификување исправа, итн. Можам да кажам дека во судската пракса често се забележува сторување на кривични дела со насилство, што е загрижувачки феномен во општеството.
Прашање: Што мислите, која е причината за сторување на кривични дела со насилство?
Ниската колективна свест, благата казнена политика, односно спроведување на не казнивост, како и актуелната економска состојба се едни од главните причини за тоа.
Затајувањето на не казнивост, односно неприменета на казнено правните или пенолошките елементи при правна квалификација и третман на кривичните дела, ја зголемуваат општествената агресија и врз совеста на луѓето вршат дополнителна деморализација.
Од особено значење е да напоменам дека сѐ поактуелно е сторувањето на кривичните дела од омраза. Неприменувањето на казнено правните забрани на говорот на омраза и ширењето на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, ја зголемија општествената агресија, граѓаните се меѓусебно нетолерантни и агресивни. Говорот на омраза е казнено правна категорија и обвинителството мора да го зголеми степенот на криминолошки аспект и третман на таквите дела, односно неопходен е построг казнено правен одговор на правосудството кон овој вид на кривични дела. Воопшто, неказнивоста на сторителите на кривични дела придонесува кон зголемување на нивото на насилство. Токму тука се лоцира изворот на зголемено сторување на кривични дела од омраза, што е нов општествено-социолошки феномен и којшто е неопходно научно да се истражи со специјален третман и со пософистицирани научно истражувачки методи.
На тој план, со цел обезбедување помош на жртвите на кривични дела сторени со насилство, голем исчекор се направи со донесување на Законот за исплата на паричен надоместок на жртвите на кривични дела со насилство, во 2022 година. Целта на овој закон е да се обезбеди паричен надоместок на жртвите од таквите кривични дела како помош од страна на државата за нивното страдање, согласно начелото на општествена солидарност и да спречи можна секундарна виктимизација како дополнително страдање што жртвите можат да го претрпат од односот на надлежните органи.
Прашање: Спомнавте дека сте доктор на правни науки по казнено право, дали имате активности на научен план?
Да, секако. Научната активност претставува логичка импликација. Активна сум на научен план, постојано пишувам научни трудови од различни правни области, не само од казнено правната. На тој начин, сметам дека ќе дадам значаен придонес во развој на правната наука, воопшто.
Едноставно, науката е мојот втор свет.
Прашање: Како постигнувате сето тоа да го реализирате?
За да се реализираат сите овие професионални и научни активности и високо да се етаблирате во општеството, неопходно е вложување многу труд, голема посветеност, а пред сѐ потребно е да имате љубов за таквата реализација.
Јас тоа го правам посветено и со голема љубов и токму тоа е основната причина за успех и градење на професионалниот бекграунд.
Или, како што рекол грчкиот филозоф Сократ: “Оној кој сака да го помести светот, прво треба да се помести себеси.” Тоа значи, поместување од точката на инерција и навистина посветено и упорно да се учи, работи, истражува и делува.
Приватна архива
Прашање: Што е тајната на успехот во адвокатурата?
Искреност и чесност кон клиентите, стручност и посветеност на секој предмет посебно.