Гламур интервју со Дарија Андовска
Дарија Андовска е композиторка, пијанистка и авторка на оркестарска, камерна, солистичка, вокална музика, музика за филм, театар и танц, како и на мултимедијални проекти. Нејзиното портфолио е доста богато како со нејзиното композиторско творештво така и со награди, кои повеќето се од надвор отколку од дома. Таа е професоер на ФМУ а скоро две ипол години е и Декан на истиот факултет. Поразговаравме со неа за оваа функција а и за тоа што се се промени на факултетот во нејзиниот мандат, и колку жените лидери се подобри од мажите со оглед на тоа што застапеноста на факултетите на оваа функција е многу мала. Поразговаравме и за тоа каква е Дарија во приватниот живот, што е она што ја исполнува, но и како го одржува својот шарм. Што се ни откри таа, прочитајте од интервјуто во продолжение…
Приватна архива
Прашање: На почеток сакам да Ве прашам како сте задоволни од себе како Декан, од овие две и пол години од кога сте на чело на Факултетот за музичка уметност?
Ако сум сосема искрена, никогаш не ни сакав, ниту имав амбиции да бидам на чело на Факултетот за музичка уметност. По инсистирање на колегите, се пријавив на конкурсот за декан, мислејќи дека нема да бидам избрана. Но, ете, се случи и тоа – да имам повеќе гласови од противкандидатот и да станам декан. Искрено, повторно, не сметав дека сум добар менаџер – сепак, јас се разбирам себе како уметник и овој сегмент ми беше надвор од мојот светоглед. Но, изгледа сум добра во ова што го правам, со оглед на очигледното опоравување и напредување на Факултетот за реално многу кратко време. Се соочив со многу проблеми, повеќето наследени, па поради тоа станав „експерт“ за право, економија, дипломатија, психологија, менаџмент, ги открив и развивав своите лидерски способности. Ако ме прашате дали се наоѓам себеси во ова, одговорот секако ќе биде „не“, иако резултатите кажуваат дека сум вистинскиот човек на вистинско место. Ќе повторам дека јас се сфаќам себе како уметник и сметам дека тука можам најмногу да дадам.
Прашање: Што до сега реализиравте од она што го имавте замислено?
Не само што ја реализиравме програмата, туку направивме многу повеќе од предвиденото: ФМУ, после 13 години на постоечка студиска програма за балетска педагогија, доби конечно своја балетска сала; ја реновиравме и обновивме концертната сала, ја направивме првата „соба за релаксација“ во Македонија, наменета за студентите и професорите; отворивме нова Катедра за џез и популарна музика; акредитиравме 6 нови студиски програми за постдипломски студии; реставриравме и набавивме нови инструменти, клавирски столчиња; ги обновивме уништените врски со националните инстутуции, воспоставивме врски со европски и светски сродни институции – го отворивме Факултетот и им овозможуваме сценски простор дома и во странство на нашите студенти; донесовме светски имиња како наставници на Факултетот (што е екстремно тешко, со оглед на висината на хонорарите); овозможивме соработка со бројни амбасади и со тоа го носиме светот дома, на ФМУ и ги прошируваме хоризонтите на студентите; го извадивме Факултетот од долгови; ги подобривме и уште ги подобруваме условите за студентите – отворивме бифе, во кое ќе можат да се хранат по пристојни цени, работиме на коригирање на односот професор-студент кај што има потреба, ги штитиме студентите и им излегуваме во пресрет; ја отворивме Школата за млади таленти, која овозможува напредок на учениците, без да го напуштаат образовниот процес до матура; воспоставивме два Фестивала, едниот со поддршка од Министерството за култура (Credence Dance – вечери на современ, модерен и класичен танц), другиот со поддршка на УКИМ (Студентски џез, поп и рок фестивал); нашите студенти и професори се дел од програмата на речиси сите најважни настани…
Има уште многу за набројување, но, се разбира дека секогаш може подобро.
Приватна архива
Прашање: Бидејќи знаеме дека последниве години се намали бројот на студенти на ФМУ, дали сега во овие две години се менуваат работите?
Напротив, бројот на студенти уште со почетокот на мојот мандат, се зголеми. Има и бројни студенти, кои, иако претходно од различни причини го напуштале Факултетот, сега се враќаат. Тоа е еден од позитивните резултати на сите вложувања во подобрување на условите за студентите и нормалната, човечка комуникација со нив – тие сега се чувствуваат слободни да се обратат за било каков проблем, знаејќи дека ќе бидат заштитени и нивниот проблем ќе се реши на најдобар можен начин. Исто така, имаме и зголемен број на странски студенти, што зборува и за квалитетот на наставата.
Прашање: Кои Ви се приоритетите на факултетот?
Во најблиска иднина е концертната промоција на донацијата – Концертно пијано, која ја добивме преку сесрдна помош од австриската амбасада и Н.Е. г-дин Мартин Памер, а во која ќе учествуваат бројни светски реномирани уметници (за сега нема да откривам повеќе детали). Веднаш потоа следи нов конкурс за избор на декан, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите.
Прашање: Магистриравте во Швајцарија и живеевте еден период таму. Дали од Вашето искуство на студии ќе пренесете нешто и тука?
Одамна го правам тоа, првенствено преку мојот сегмент на наставата. Сите подобрувања на Факултетот се инспирирани од тоа што знам како функционира не само во Швајцарија, туку и во светот. Малку е тешко да се воспостави систем и ред, со оглед на тоа како функционирале работите порано, па луѓето имаат проблем да разберат дека дисциплинираниот однос, редот и поредокот се само и единствено за наше заедничко добро, но еве, се трудиме. Секако треба време за промена на менталниот склоп, колку и да се подобрат условите.
Приватна архива
Прашање: Магистриравте надвор, но и покрај понудите да останете решивте да се вративте. Што Ве понесе да се вратите дома и колку Дарија е патриот?
Така е, добив понуда да бидам доцент на Zürcher Hoschschule der Künste, после завршниот испит со summa cum laude, но во разговорот со раководителот на катедрата се искристализира еден проблем – моите болни родители (премногу често се јавував на итната помош во Скопје од Цирих), кој Швајцарците беа спремни да го решат. Но, јас не сакав да селам возрасни и болни луѓе, знаејќи колку им е важен комфорот на познатата околина и блискоста, па така, и покрај широкоградоста на понудата, одбив и се вратив дома. Другата причина е зашто сметав (и сметам) дека можеби во странство мене ќе ми биде поубаво и сум потребна, но во Македонија сум неопходна и сакам да дадам, да придонесам, да помогнам, колку и тоа да ми причинува бескрајна низа на проблеми и сопки. Веројатно е и тоа патриотизам, не знам.
Прашање: Што мислите за жените како лидери, подобри ли се од мажите, бидејќи многу ретко особено на факултетите имаме жени? Ми се чини и за прв пат имаме жена ректор на универзитетот Св. Кирил и Методиј, се потценува ли способноста на жените за лидерство?
Вторпат е жена ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Првата беше Радмила Кипријанова. Не можам да кажам дали е некој пол подобар од другиот, а причините зошто ретко има жени на лидерски функции се комплексни, бројни и со длабоки корени, од кои добар дел се во длабоката архетипска програмираност. Но, мора да признаеме и дека сите челични дами, кои застанале на висока функција, можеле рамноправно да се носат со нивните колеги, па често и да бидат подобри.
Приватна архива
Прашање: Вашата професионална биографија навистина е импресивна. Вашето име се наоѓа во повеќе селекции на најдобри млади композитори и светски композиторки. Ако почнам сега овде да редам што сé создала Дарија како композитор и кои награди ги добила ќе ми треба многу простор за да можам барем дел од тоа да напишам. Дарија, се сеќавате ли кога започна се околу ова што сте денес, од каде љубовта кон музиката?
Апсолутно, до детал се сеќавам на почетоците, па и на мојата прва композиција, која произлезе од мојот прв контакт со клавир, на моја седумгодишна возраст. Моите родители беа навистина многу музикални и талентирани, но никој од нив не беше музичар. И покрај тоа, јас повеќето оперски арии ги знам од мала, зашто мајка ми ги пееше додека чистеше дома. Уште од многу мала, мајка ми ме носеше на оперски и балетски претстави (како секое девојче, и јас прво сакав да бидам балерина), на концерти и мислам дека тоа многу влијаеше на мојот светоглед и оформување како личност. Но, јас бев (и уште сум) одличен цртач, одличен математичар (ова ми е од татко ми), лесно ми одат јазици (пак мајка ми), уживав и уште уживам во сознанијата од природните науки (двајцата) – имав широк спектар на можности и понатамошен развој на интересите. Зошто музика, т.е. композиција избрав од сето тоа? Зашто е најголем предизвик – тоа не може секој, бара комплетно и сестрано образована личност, математички мозок/моќна логика во симбиоза со силно развиена интуиција, многу работа, многу работа на себе, внимание на детали и, се разбира, талент 🙂
Прашање: Многу композиции, многу награди, како надвор така и овде? Кои ви се подраги – оние од надвор или од нашата земја?
Изгледа надвор е полесно да се биде препознаен, ценет и почитуван. Дома… ептен тешко. Зошто е тоа така? – полесно ми е да кажам дека не разбирам. Мислам дека и затоа ми се подраги наградите дома, иако се далеку попрестижни оние надвор.
Приватна архива
Прашање: Компонирањето исто така како да е повеќе машка професија, што мислите, поделена ли е родово и оваа професија? И дали е предност што сте жена во светот на компонирањето?
Да, отсекогаш била доминантно машка професија да се биде композитор. Па дури и сега, иако веќе има навистина бројни и извонредни композиторки. За жал, од досегашното мое искуство, не е предност, при што воопшто не ни сакам да навлегувам во аспектот на позитивната дискриминација. Сè уште постојат огромни предрасуди, а тие се често врзани и со физичкиот изглед (на пример: не може една жена да е паметна, талентирана, успешна, посветена, а притоа привлечна и негувана). Се случувале и коментари, кои истовремено се смешни, но и комплимент, како „После ваква моќна, робусна и силна музика, се изненадив кога излезе едно кревко и фино суштество да се поклони (се мисли на мене).“
Не е предност, но затоа е уште поголем предизвик.
Прашање: Можете ли да ни опишете еден процес на создавање на една композиција, како оди, седнувате работите наменски или кога ви доаѓа наплив на компонирање?
Многу индивидуална и интимна работа е, многу копање по себе, по длабокото и темното, високото и светлото, содзавање на еден нов универзум со нови правила на игра, па испитување на неговите можности и екстреми. Кај мене најчесто сето се одвива во мојата глава (идејата, звукот, архитектониката) додека правам нешто сосема друго од секојдневието, додека не созрее. После преносот во пишана форма или како електронски запис е прашање на занает, а кај мене тоа оди со незамислива брзина.
Приватна архива
Прашање: Каква е Дарија како професор, и што е тоа што сакате и што е најважно да им го пренесете на студентите? Кој е вистинскиот пристап до нив за уште повеќе да ја развијат љубовта и љубопитноста кон музиката?
Сите студенти имаат различно „копче“ на кое реагираат. Тоа е полесно да се открие во индивидуалната настава. Во групната настава треба брза проценка на секој и сечиј карактер, но и адаптација на интерната динамика, која е различна секоја година, за да може во кратко време да се обрати соодветно (можеби не секогаш доволно) внимание на секој од студентите, за тие да се чувствуваат пријатно, комотно, но и стимулирано. Досега нашиот однос е пријателски, со почит, без вештачко наметнување на авторитет, зашто сметам дека авторитетот се воспоставува кога студентите осоознаваат што добиваат како знаење и искуство, но и колку брзо можат да напредуваат.
Прашање: Кога човек ќе Ве забележи Вашиот изглед кореспондира со уметничкиот свет во кој е Дарија. Имате направено и многу промени со косата, на што се должи тоа? Која е Вашата карактерна особина која го опишува ова?
Да, од долга црна коса, до сите можни варијанти и бои на коса до сегашната пикси кратка и сребрена коса. Сакам да експериментирам со себе, да се истражувам, сакам новости и изненадувања, па можеби тоа се рефлектира и на овие промени. Од друга страна – „нема што ти не можеш да носиш и тоа да изгледа супер“, вели мојот фризер, па можеби и тоа ми е дополнително ослободување од фиксот „ова добро ми стои“. Пред дваесетина години си реков дека во моментот кога ќе престанам да си го менувам изгледот и фризурата, тоа ќе ми значи дека сум остарела – стагнацијата. Не сакам стагнација, па и да е најкомотната, секогаш ќе барам нешто ново.
Приватна архива
Прашање: Утринскиот ритуал на Дарија?
Немам некои посебни „beauty“ ритуали, освен што нејќам да правам муабет кога ќе се разбудам. Најчесто ме будат Страшо (кучето), Милица и Верче (мачињата) со еден куп смешки, гушкање и бакнежи, а потоа: тишина, кафе – огромна шолја кафе, сок од цеден портокал/лимон или чаша-две вода, туш, 2-3 екстремни судоку за гимнастика, музика, одговор на мејлови/пораки и читање на најновите вести, малку шминка и спремна за на работа.
Прашање: Ги сакате многу животните, имате дома и куче и маче, од каде љубовта кон животните?
Две мачиња се, девојчиња и куче. Би ги собрала сите душиња, ако можев. Мајка ми знаеше да каже „Среќа што надвор нема слонови што плачат, и тие ќе ми ги донесеше дома и после кај ќе ги ставам?!“ 😀 Љубов кон животните е љубов кон живите битија. Тие исто така сонуваат, мислат (се разбира, на поинаков начин од нас), сакаат, тагуваат, се плашат, се радуваат, но немаат задни намери и лоши мисли – тие се најчистиот облик на љубов.
Приватна архива
Прашање: Да имате барем еден ден моќ и да сте на власт во нашава држава, што би направиле најпрвин?
Би го притиснала reset копчето.
Прашање: Скопјанка, аеродромка. Што е тоа што Ви буди најсилни емоции од детството? И како Вие го паметите Скопје?
Како аеродромка, моето детство го одбележи стандардната улична школа, што може да се чини трауматично, но и подоцна прераснува во сериозен магнуплак, па тоа го прави мое предизвикувачкото двојство – битанга и принцеза:) Моите родители, уште од многу рана возраст, обраќале сериозно внимание на образованието, но тоа секогаш низ игра, што често правеше да се одвојувам од другите деца. Конечно, тоа што најмногу ме одвои не беше наизменичното вежбање клавир, па улични игри, туку пожарот во кој изгоре нашиот стан и сè што моите сами создале, по истекот на осигурувањето, додека се распаѓаше Југославија, а уште не постоеше Република Македонија.
Огромна лекција. Скопје се блиските луѓе, убавите и блесави спомени, гнасно, смрдливо, живо, сакано, „… сега знам, Скопје е само начин на кој ќе умреме…“
Прашање: Сакате многу да патувате, каде досега најубаво сте си поминале и која е следната дестинација која би сакале да ја посетите?
Уффф, до сега сум била во над 45 држави и неброено многу градови и места, а секое место има своја убавина и посебност. Уживам да истражувам ново – нови вкусови, историски места, бои, текстури, традиции, ритуали, колку можам да соберам во овој краток живот и голем свет. Листата на следни дестинации е голема, според Travel Map нешто над 10% од светот сум видела. Си ги меркам Индија, Исланд, Бразил, Перу, Аргентина, Јапонија… има, има уште многу да се види и искуси.
Приватна архива
Прашање: Некоја книга која Ви оставила некој посебен впечаток?
Уште од мала имам навика за читање и го сметам читањето за многу важно, не само за развојот, туку и за одржување на умот во форма, па и подобрување на кондицијата, освен збогатувањето на фантазијата и зголемувањето на корпусот на информации. Читам навистина многу, но внимавам да се тоа врвни мајстори на книжевноста, од сите епохи. Има една книга, која ми е вечна љубов и на која со задоволство се навраќам често, а тоа е „Малиот Принц“ од Сент-Егзипери. Ја имам и ја препрочитувам и на повеќе различни јазици 🙂
Прашање: Што ја прави Дарија среќна, а што може да ја изнервира?
Среќна ме прават мали нешта, љубезност, насмевка, придржена врата, симпатичен одговор на порака, внимателност, кокичиња, сладолед, лубеница и јагоди. И цреши. Ок, и море или езеро (малце поголеми нешта). Страшо, Милица и Верче. Среќата на моите блиски. Големите и мали подвизи, победи и радости.
Ме нервираат неправда, лага, простаклук, неписменост и некултурност.
Приватна архива
Прашање: И за крај дали од оваа дистанца посакувате во иднина Дарија да предава на некој од врвните универзитети надвор или сепак ќе останете тука?
Јас си посакувам и си планирам, ама ја знаете онаа „Ако сакаш да го насмееш Господ, само прави си планови.“? Е па јас си планирам (оти „Failing to plan is planning to fail“), а Господ има ептен јака смисла за хумор 😀