Нашата неуспешна приказна по малку и скршен сон, дуќанот кој го отворивме во 2012 година, но набргу го затворивме се претвори во успешна приказна која се уште трае, на овој начин Фарина девојките ги раскажуваат почетоците на основањето на брендот Farina’s handmade.
Нивната уникатност веднаш исплива на површина и станаа тотален хит меѓу жените. Имаат изработки кои се оригинални и автентични.
Ѕирнавме во нивното магично катче на иснтаграм, кое сега околу празниците дополнително ни ги разубави деновите. Креативноста кај овој бренд е псоебна.
Поразговаравме околу нивните техники на работа, кои се најпопуларните прозиводи, по што се издвојуваат на пазарот и како можете да си нарачате од овие преслатки прозиводи.
Како започна вашата приказна?
Нема конкретен одговор на ова прашање бидејќи на некој начин е животен процес, но имаше моменти кога цврсто решававме да ја изразиме нашата креативност и да ја претвориме во професија. Тој пат, кога сега ќе погледнам назад, од една страна не беше лесен, ама дефинитивно беше интересен предизвик.
Официјално приказната Farina’s handmade започна во 2012 година кога ја отворивме и нашата продавница. Тоа беше една кратка “неуспешна” приказна, за малку и скршен сон, но како и секогаш – Секое лошо за добро е, па таа неуспешна приказна беше поттик наместо да се ограничиме да ги пласираме производите само во Струга, да го прошириме пазарот онлајн. Па така се случи и нашиот прв базар во Скопје и тука работите почнаа да одат нагоре.
Какви производи нуди вашиот бренд?
Моментално изработуваме накит од медијапан кој рачно го сликаме и го финишираме со епоксидна смола. Најмногу изработуваме брошеви, потоа обетки и ланчиња. Изработуваме и широк спектар на кожни производи. Ташни, паричници, футроли за тутун, футроли за пасоши, нотеси и други работи.
Дали очекувавте ваков успех кога почнувавте, какви беа вашите размислувања тогаш?
Зависи како го дефинирате успехот 🙂 Во суштина никогаш во фокус не ни бил успехот. Важно ни беше да го правиме она што го сакаме и луѓето кои ги купуваат нашите изработки да се препознаат во нив и да ги прави среќни, а ние сме среќни што успеваме да го постигнеме тоа.
Кои ви се најбарани/најпопуларни производи?
Во секоја колекција има по некој производ, да го наречеме фаворит, кој повеќето го купуваат, но ако треба да издвојам би рекла брошот Фарина девојка, а од кожните изработки најмногу се купуваат ташните.
Која ви е таргет група, од какви луѓе добивате нејчесто пораки? Жени, мажи, возраст…
Социјалните мрежи вадат една група на луѓе, но на базарите тоа е многу поразлично. Најголема група ни се млади жени, но не изостануваат ни повозрасните. Шарен е тој спектар и тоа всушност многу не прави горди.
Ја забележавме вашата нова новогодишна колекција од што се состои?
Новогодишната колекција секогаш ни е на тема Нова Година и ептен ни е забавно кога ја работиме. Оваа година имаме многу брошчиња: елки, лижавчиња, глувчиња, поларни мечиња, гламурозни Фарина девојки и многу други, ланчиња и обетки со орнаменти инспирирани од зимата…
Бидејќи сте лоцирани во Струга, колку вашата креативност помага за празничната магија во градот?
Гледаме секогаш кога сме во можност да учествуваме на настаните во нашиот град. Оваа година покрај што имаме најубаво накитен град, имавме и прекрасен тридневен настан на најубавото место во Струга, Галеб-Пливалиште, каде се организира предновогодишен базар и беше прекрасно да се дел од него.
Планирате ли да отворите дуќан и во некој друг град?
Тоа е доста голем подвиг што бара многу работа. Засега не сме во план, но остануваме отворени за можностите што ќе се појават.