KKW Beauty наскоро во продажба
Дали сте знаеле дека познатата риалити ѕвезда Ким Кардашијан е еден од главните виновници за бјути трендот контурирање? Иако станува збор за техника која што е составен дел од шминкањето, токму Ким во соработката со својот шминкер контурирањето го претвори во феномен, а потоа огромен број нејзини обожаватели почнаа да го копираат нејзиниот изглед. По ова следуваше нов феномен – клонови на Кардашијан, односно многу девојки од најразлични делови на светот почнаа да се шминкаат како Ким, а со тоа и да личат на неа. Нејзината сестра пак, Кајли Џенер го започна трендот со нагласени усни, а нејзината моќ е толку голема што ја зголеми продажбата на кармините во nude и кафеава нијанса. Само од ова можеме да заклучиме дека сестрите Кардашијан-Џенер се бјути кралици на Инстаграм. Имајќи го во предвид нивното влијание и моќ, воопшто не бевме изненадени кога Кајли ја лансираше својата козметичка линија со која оствари неверојатен успех. По ова сите чекавме кога и нејзината постара сестра ќе тргне по нејзините стапки, а деновиве се случи и тоа. Имено Ким ја најави својата нова козметичка линија под името KKW Beauty која на пазарот ќе се појави за само неколку дена, односно на 21 јуни. Не е познато што се ќе содржи новата линија, но нејзината најава ги одушеви фановите од целиот свет. Можеби не ги знаеме сите производи, нијанси и цени на истите, но во едно можеме да бидеме сигурни, а тоа е дека Ким Кардашијан има нов бестселер!