Ќе ве расплаче – Пријателка на Јулија откри емотивна приказна за нејзината почината ќерка

Во 2022 година, на само 41-годишна возраст, по двегодишна борба со тешка болест, згасна животот на уметницата Андријана Мациевска, единствена ќерка на пејачката и водителка Јулија Мациевска.
Јулија, и покрај незамисливата болка, продолжи со достоинство да го слави животот и делото на својата ќерка. Денес, таа е најголемата поддршка на својата внука Стефанија, која чекори по артистичките стапки на мајка си и веќе се гради како актерка.
Летово, Јулија ја промовираше автобиографската книга на Андријана – „ЈАС СУМ ЖИВА“, во издание на „Икона“. Делото, кое Андријана не успеала да го заврши, таа го доврши заедно со својата мајка.
„Чекав да ми се смират емоциите и да напишам неколку збора,“ вели Јулија. „Книгата ’Јас сум жива‘ дише со срцето на Ан – кревко, детско, полно со прашања што болат и љубов што не престанува.“
Во книгата, зборовите се натопени со болка, но и со длабока нежност – преиспитување на животот, на човечноста, на љубовта. Андријана не можела да сфати зошто некои луѓе се нечесни, зошто љубовта не ги допира сите еднакво. Но, низ тие рани, таа расте, учи, простува и разбира. Нејзиниот дневник е светло во темнината – повик до сите жени кои минуваат низ слични битки, да не се плашат да љубат и кога животот боли.
Книгата започнува со гласот на ќерка, а завршува со допирот на мајка – сведоштво на Јулија, која му дава живот на сè што не може да се види, но може да се почувствува. „Јас сум жива“ е дневник за љубов што не завршува, туку продолжува во тивка, светла бесконечност.
Новинарката Вања Тодоровска, блиска пријателка на семејството, напиша емотивна рецензија за делото:
„Ја читав ’Јас сум жива‘ со стегнато срце, со трепет во градите, како да ја допирав нејзината душа, а таа мојата. Ан живее низ секој збор.“



