Каролина во прегратка на сопругот – Пејачката објави досега невидени слики од Јапонија (Фото)

Каролина Гочева и нејзиниот сопруг, визуелниот уметник Михаил Корубин, одамна важат за двојка која инспирацијата ја наоѓа во патувањата. Нивните авантури ширум светот секогаш се внимателно одбрани, а пред околу еден месец нивната следна дестинација беше Јапонија – земја што ги спојува традицијата, современата уметност и урбаниот ритам на Токио.
По враќањето од патувањето, македонската пејачка на социјалните мрежи сподели необјавени фотографии, на кои доминира атмосферата на спокој и блискост. На дел од фотографиите таа е сама, додека на други е во прегратката на својот сопруг, во кадри што ја доловуваат нивната интимна приказна далеку од јавната сцена.




Каролина и Михаил се во брак од 2017 година, а нивната свадбена прослава, одржана во хангарот на спортскиот аеродром Стенковец, остана запаметена како неконвенционален и автентичен настан, различен од класичните јавни венчавки.
Неодамна, Каролина гостуваше во српската телевизиска емисија „Спика и прилика“, каде отворено зборуваше за своите животни избори и односот кон бракот.
„Едноставно, никогаш не сакав да се омажам само затоа што ‘дошло време’ или затоа што некој очекува од мене. Ништо не треба. Треба само да бидеш среќен“, рече Гочева.
Во разговорот се осврна и на разликата во годините меѓу неа и Корубин, кој е шест години помлад.
„Во Холивуд сите се со помлади мажи, тоа е светски тренд. А јас сакам да ги следам светските трендови“, изјави таа со насмевка.
Пејачката нагласи дека нивната врска од самиот почеток била изградена на зрелост и заемно разбирање.
„Ние двајцата се споивме како зрели луѓе, во нашите триесетти години. Никогаш не сум почувствувала разлика во годините. Се најдовме веднаш и до ден-денес остана тоа чувство“, објасни Каролина, потенцирајќи дека најважно ѝ е тоа што одлуките ги донела без притисок, тогаш кога навистина го почувствувала тоа како свој избор.




