Кандидат за советник брутално претепан за да се откаже од листата на ВМРО-ДПМНЕ

Во Виница е претепан кандидатот за советник на Демократски сили на Ромите (ДСР), кој е на 4 место на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ. Нападот се случи пред ресторан и пред сведоци. Осуммина од обезбедувањето на владејачката партија, како што тврдат роднините, го тепале него и неговиот брат со цел да се откаже од кандидатура за советник. Од вчера лежи во кома во болница во Скопје, а лекарите се борат за неговиот живот.
Министерството за внатрешни работи излезе со соопштение – според нив, станувало збор за „физичка пресметка по претходна расправија“ меѓу двајца лица.
„Имено, по преземени мерки, утврдено е дека околу 11:25 часот пред угостителски објект во Виница, по претходна расправија, настанала физичка пресметка помеѓу Д.М. и И.С.(40) од Виница. Притоа, И.С. се здобил со тешки телесни повреди и по укажаната помош во болницата во Кочани бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за понатамошно лекување. Увид на местото изврши екипа од СВР Штип – ОВР Виница, Д.М. е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од МВР.