Како правилно да одберете, чувате и почитувате икона во домот – разговор со иконописецот Сузана Прендиќ
Иконописецот Сузана Прендиќ објаснува зошто иконата не е обичен предмет, туку свето присуство, открива како верниците треба духовно да се подготват пред нарачка на икона и кои се најчестите грешки што ги правиме во односот кон светите ликови.

Во време кога духовните вредности често се потиснати од современиот брз начин на живот, уметноста на иконописот сè уште опстојува како врата кон тишината, верата и внатрешниот мир.
Иконописецот Сузана Прендиќ ја негува оваа древна уметност со голема посветеност и љубов, сметајќи дека секоја икона е молитва преточена во боја и сведоштво за живиот Бог.
Во разговор со неа, за гламур.мк, Прендиќ зборува за духовната подготовка пред сликање на икона, за важноста од познавање на житието на светителот, но и за тоа како верниците треба да ја чуваат, почитуваат и осветуваат иконата во својот дом. Таа советува дека иконата не е предмет, туку свето присуство кое бара смиреност, љубов и правилен однос.

Што претставува за Вас иконописот денес – уметност, молитва или духовно сведоштво?
– За мене иконописот денес е моја професија, тоа за што отсекогаш сакав да го спојам во вистинско мое постоење, тоа е уметноста во вистината, молитвата направена видлива и духовно сведоштво за Живиот Бог.
Се подготвувате ли, и како, духовно, пред да започнете со сликање на икона?
– Да, секако, пред секоја икона се подготвувам духовно, имам свое правило кое го добив од својот духовник, и го почитувам. Живеам литургиски, тоа подразбира мој духовен и љубовен одговор на призивот од Бога. Најнапред со комплетна исповед на сите мои гревови за кои со целото срце се каев. Понатаму, во подлабоко истражување и изучување на нашата православна вера. Живот во Црквата која претставува жив организам – верници и свештеници – во која живее и засекогаш ќе живее Светиот дух. Тоа значи и почитување на нејзините правила, односно канони.
Ги постам сите четири големи пости, и секоја среда и петок. Редовно се причестувам, а пред секоја причест се преиспитувам внимателно дали некому нешто му згрешив, дали растажив можеби некого со некоја моја несвесна постапка или некого не охрабрив на време, не помогнав, а можеби можев?
Едноставно, искрен и длабок разговор со својата совест. И како круна на сè, Причест преку која Светиот дух влегува во нашите души…иако сите ние лугето сме грешни и не успеваме долго да ја задржиме таа благодат која ја добиваме преку светата Причест. Тогаш во таа благодат, ги цртам во молитва иконите. Со сето ова сведочам дека не јас самата ја цртам иконата, туку Светиот дух е присутен во тој процес.
Како се одвива самиот процес, каде дозволувате слобода на креативност? На што размислувате додека творите?
– Самата изработка на иконата подразбира правила по кои канонски треба да изгледа една православна икона. Започнувајќи од самата подлога, материјалите со кои работам, но најважно од сè смиреноста и благодатта кои се неопходни да се роди една убава икона.
Слобода во изразувањето постои во некои ситни детали кои никако не смеат да излезат од рамките на канонската православна икона. И обично се трудам да не размислувам на светски работи во тие моменти. Во позадина слушам некое аудио корисно видео, црковна музика или молитви, кои сега навистина можат да се најдат во изобилие на Интернет.

Колку е важно уметникот да го познава житието на светецот што го слика, и како тоа знаење се преточува во самата икона?
– Во самиот процес на создавање на една икона, задолжително е, барем за мене, да се запознаам со светителот кој ќе го изобразам во икона, па затоа се запознавам со неговото житие и сè што можам да дознаам за неговиот живот, изглед и времето и околностите во кој се подвизувал. Ќе заклучиме дека е исклучително важно да се познава светителот.

Кои светци се најбарани меѓу Македонците и каде е најдобро место за поставување икона во домот?
– Најбарани икони на светители во Македонија се, секако, Богородица со Господ Исус Христос, Св. Никола, Св. Петка, Св. Јован Крстител, сите апостоли, и сите почесто славени празници. Но морам да напоменам дека добивам многу нарачки на икони кои поретко се наоѓаат во продавниците на храмовите, а многу често се куќни слави или верниците си ги порачуваат за имендени, за крштевки, за свадби…

Треба ли купената икона да се освети и како?
– За една икона да биде вистинска икона неопходно е таа да се освети. Тоа го прави свештеник во храмот, се чита прекрасна молитва врз иконата каде се спомнуваат сите од семејството. П
орано имало верување дека иконата мора да остане во храмот 40 дена за да ,„поприми“ од благодатта од Литургиите, но тоа се слчувало во помалите села, онаму каде што немало редовни Литургии и често присутен свештеник.

Кои се најчестите грешки што луѓето ги прават при чување или почитување на иконите, и како да ги избегнат?
– Иконите во домот се чуваат на источна страна, кога ќе застанеме пред нив треба да бидеме свртени кон исток, кон сонцето кое изгрева, а пред нас да е иконата.
Обично тоа е одбрано катче во домот кое ни служи за молитва. И го нарекуваме молитвено катче. Кон иконите треба да имаме исклучителна почит како кон секоја света работа.

Иконата преставува слика на прволикот кој таа га носи и затоа не треба на неа да гледаме како на предмет кој се обожава како идол, тоа е голема грешка и грев. Ние му се молиме на светителот кој е нацртан на иконата, не на дрвото на кое е нацртан….
Исто онака како кога некој кого многу го сакаме не е во наша близина во тој момент, ја гледаме неговата фотографија со голема љубов и ќе си го бакнеме на фотографијата, тогаш секако не ја бакнуваме хартијата, туку личноста која е на фотографијата. Тоа мора да се разбере.

И секогаш кога се молиме на светителите, од нив молиме тие да се застапуваат за нас пред Бога, бидејќи тие со својата светост се веќе близу Него и можат да ги пренесат нашите молитви, што исто не е грешка и ние со голема скрушеност во срцето да Му се обраќаме директно Нему на Бога или на Пресветата Богородица.

Што треба да знаат верниците кога сакаат да нарачаат икона, дали се избира светец според датумот на раѓање, славата во семејство или според лична потреба?
– Сите ние во својот духовен живот од примерите на светителите и нивниот живот, некој од нив посебно ќе ни се прилепи за срцето, го чувствуваме за свој духовен пријател кон кој најлесно се обраќаме за помош (за застапништво пред Бога.) Сакаме тој да е во нашата близина, да го гледаме секокојдневно, без разлика дали е таа икона на нашата слава, именден, роденден или ден на празник на кој ни се случила важна работа, а тој светител одговорил на нашата молитва.

Кого и да избереме, а ни е посебно драг, тука нема грешка, сите тие се светители, тие не се лутат, тие се најслични на Бога, затоа и станале свети. Изборот и желбата се наши.

Каква икона се купува за подарок, доколку не ја знаеме доволно внатрешната страна на оној кому сакаме да ја подариме?
– Кога луѓето одбираат да купат икона за подарок, најчесто се информираат дали има и кои икони ги има тоа семејство. Гледаат да не се повторуваат. А ако не биле во нивниот дом, најчесто се одлучуваат за иконата на Господ Исус Христос или за Пресветата Богородица.

Каков совет би им упатиле на луѓето кои доаѓаат кај вас по икона, а се на почетокот на своето духовно патување?
– Јас сум многу радосна и благодарна на Бога за својот талант кој ми го подари и со голема почит работам на него. Посебно сум среќна кога купувачите сакаат да се информираат, кога прашуваат слободно за сè за кое сè уште не знаат, со голема одговорност ги упатувам или ќе им дадам насока, па дури и совет.
Најчесто, како да ги препазнаваат лажните работи од вистинските. Барање на прав совет кај свештеник кој е должен и со задоволство ќе им ги објаснат сите нивни духовни дилеми. Кога избираат икони им ја посочувам и разликата на вистински икони и икони печатени и лепени по секакви предмети. Со вера во Бога, почит кон православието и задолжително духовно водство од свештеник на сите им посакувам здравје и спасение, па и на себе грешната.
