Интервју

Како дете ја чував сестра ми, печев леб, варев грав и работев градежништво за да помогнам на семејството – искрено со проф. д-р Вело Марковски

Претседателот мора да биде браник на човековите права, и заштита на нашата околина, вели Марковски

Реклама
Реклама

Татко, сoпруг, доктор, професор, кандидат за претседател на Македонија. Нашиот соговорник е човекот кој се одликува со својата скромност во говорот. Проф. д-р Вело Марковски, специјалист инфектолог широкоградно ја прифатi нашата покана за интервју.

Разговаравме за неговото детство, потекнува од многудетно семјество, каде и како дете бил принуден да им помага на родителите како околу домашните обврски, покуќнината, но и со финансиски придонес, тоа го натерало од мали нозе за време на летниот распуст да работи.

Со Марковски зборувавме и за неговото искуство во војска, за тоа како изгледа семејниот живот со помлада жена, за убавините на Македонија…

Маркетинг

Ви гарантирам дека ќе уживате низ разговорот со проф. д-р Вело Марковски.

Маркетинг

 

Професоре што е тоа што Ве инспирираше, за да влезете во трката за претседател на Македонија?

Секој патриот кој си ја сака татковината треба да даде се од себе за функционална Македонија. Во период кога еден повеќедецениски процес на бришење на македонскиот идентитет е во завршна фаза, сметам дека морам да се обидам да го спречиме тоа и на идните генерации да им пренесеме тоа што нас ни оставиле нашите дедовци а тоа е: повеќемилениумско постоење на македонски народ и македонски јазик и повеќевековно постоење на македонска нација. Претседателот мора да биде стожер околу кој ќе се обединат сите демократски сили во Македонија. Претседателот има клучни ингеренции во судството и мора да ги заштити граѓаните од недемократски закони и постапки.

 

Впрочем над 40.000 предмети годишно обвинителството покренува постапки против свои граѓани. Толку ли сме криминогена нација? Или пак истражните и судските органи се користат во функција на заплашување и политички реваншизми.

Голем број од нашите граѓани кои се по затворите во државите од ЕУ би одговарале прекршочно за истите дела. Мора да ја направиме Македонија безбедно место за живеење. Правниот систем мора да биде гаранција дека странските инвестиции и капитал ќе бидат рамноправни и што е поважно нема да дозволи да се менуваат правила на игра по волја на владеачките партии, што не прави ризично место за инвестиции. Во последниве децении таканаречените големи партии направија систем во кој ќе бидат недопирливи, мора да се прилагодат со ЕУ законите за политички партии, финансирање на политички партии, закон за избори. Претседателот е тој кој треба да создаде цврсти пријателски односи со неколку држави на рамноправно взаемно почитување.

 

 

Претседателот мора да биде браник на човековите права, и заштита на нашата околина.

 

Какви се вашите лични очекувања околу претседателските избори?

Очекувањата, без разлика на исходот, сметам дека поставив нови критериуми достојни за избор на претседател на држава. Во период кога сите останати калкулираат или немаат став, јас јасно ги кажав моите заложби, мојата платформа и ударните длеови од мојата програма. Моите ставови за Македонија искажани преку обраќања, колумни, настапи ќе останат да живеат и во иднина ќе бидат „репер“ за останатите.

Дозволете да Ве запознаеме повеќе лично, раскажете ни нешто повеќе за Вашето детство. Какво дете бевте?

Бев умно дете, со безгрижно детство во најубавото село Папрадиште.

Вело Марковски како бебе

 

Од мал извршував многу домашни обврски, од 5-6 години ја чував мојата сестра Олга, печев леб, варев грав… Кога почнаа школските години многу читав. Кога бев шесто одделение се преселивме во Драчево каде го продолжив школувањето во ОУ „Климент Охридски“, а потоа гимназија „Браќа Миладинови“ исто така во Драчево.

Што паметите како најубави спомени од вашиот пубертет?

Пубертетот како и секое машко го поминав во постојани натпреварувања: во фудбал, ракомет, шах и други спортови.

За време на летните месеци работев како градежен работник за да помогнам на шестчленото семејство во кое само татко ми работеше.

 

 

Вело Марковски со родителите

Некаде прочитав дека сте служеле војска во Нови Сад? Како ги паметите војничките денови?

Да, обуката ја поминав во Нови Сад, каде што поминав 3 месеци обука заедно со 120 лекари од цела Југославија. Морам да се пофалам дека имав мегу најдобрите оценки на тестирањата по стручните предмети, секако ми помогна што бев еден од ретките што веќе имаше работно искуство од 1,5 година како лекар во Македонска Каменица. После обуката од 3 месеци бев испратен во Босилеград. Од таму имам убави спомени, бев доктор кој без помошен персонал се грижи за здравјето на војниците во гарнизонот, но и за 14 околни караули, и за смејствата на офицерите. Многу често командантот ме испраќаше и кај негови пријатели и цивили кои имаа здравствени проблеми. Сето тоа доведе да иако војник, да бидам ценет во Босилеград, и да имам статус да можам кога сакам да излегувам од касарната. Во Босилеград се стекнва со многу пријатели со кои и ден денес одржувам контакти.

Вело Марковски со нобеловецот Ферид Мурад

Дали треба да се врати воениот рок во земјава?

Иако служењето војска е користно за осамостојување, јакнење на карактер, издржливост, сепак не сум за воведување на задолжителен рок, НИКАКО. Деца кои ќе бидат пиони за некакви политички игри, што би рекол Балашевич „кралевите си играат војна„. И во таа ЈНА имаше многу деца и во мирновоени услови што настрадаа. Повеќе сум за воведување на извиднички кампови, работни акции. Ќе се постигне истиот ефект на челичење на младите, ќе бидат вклучени и девојките, а и ќе има и корист за општеството.

Од архивата на Вело Марковски – Ева матура

Кое е Вашето хоби? Што е тоа што највеќе Ве релаксира?

Во овие години играњето шах, тенис и белот. Ме релаксираат прошетки во природата, пеењето.

 

И ден денска се уште во јавноста се зборува за Вашата љубовна врска со Вашата сопруга Евгенија. Со Вашата сопруга многупати сме дискутирале на оваа тема. Колку вам Ви пречат ваквите „озборувања“ и гласини за тоа дека сте во брак со помлада жена?

Зависта кај луѓето ми е добро позната и не се оптеретувам. Мислам дека на некои повеќе им „смета“ не толку што Евгенија е помлада од мене, туку тоа што е и млада и убава и паметна. Ние функционираме скоро иделано веќе 11-12 години. Дај боже да функционираат брачните парови така што се со иста возраст.

Можеби и можам да сфатам да се „осудува“ љубовна врска помеѓу постар маж и помлада девојка (не сум видел некој да осудува кога постара жена во врска со помлад маж – хаха-) но кога таа врска ќе завриши со брак, оговарањата треба да завршат, особено кога ќе се родат деца и се создаде среќно семејство. Нели целта на бракот е раѓање деца и создавање семејство? Може само да се анализира дали таков брак функционира или има проблеми. Во време кога тешко се решаваат луѓето на брак не се потребни додатни услови и „совпаѓања„ по возраст, професија, вера, средина…

Раскажете ни изгледа животот со помлада жена?

Ха-ха- ха тоа не се раскажува, тоа треба да се доживее.

Каков татко сте? Како се доживувате себеси, дали сте посветен родител?

Најпосветен родител. Многу често сме заедно, во центарот на нашето семјство се Павле и Катерина, многу често сме во планина и на море. Евгенија постојано работи со децата.

Вело Марковски со синот Павле

Тешко ли е да се биде родител на 21 век, професоре?

Многу е тешко од аспект на многу опасности кои демнат и кои ги немало во минатото барем не во толкав број. Како да ги заштитиш децата од прекумерно користење на електронски уреди, како да го спречиш штетното влијание. Како да се бориш како родител против наметнатти претешки и несоодветни наставни програми. Децата се отепуваат со учење, а ни остануваат неспремни и без основни знаења кои ќе им требаат во животот. Како да ги заштитш од фармацевтски компании кои под изговор за заштита и борба против болести, наметнуваат несоодветни вакцинални календари? Како да го заштитш детето кое ти значи се од „глупави“ препораки кои не се научно оправдани.

Како се одлучивте за професијата инфектолог?

– Случајно. Не сакав гинекологија и хирургија, бидејќи во тоа време имаше малку специјалисти во тие гранки па се дежураше на 3-4 дена, а мене смачено ми беше од дежурства на 3 дена какви што ги имав во Итна медицинска помош каде што работев 5 години. Каква оценка ќе му дадете на македонското здравство од 5- 10? Помалку од 6, шест минус.

Вело Марковски како апсолвент

Кое Ви е омилено место од Македонија?

Папрадиште, Бабина рупа, Извор на Бабуна, Свети Ѓорѓија во Старо Нагоричане, Мариово…

Која е Вашата дефиниција за Македонија?

Македонија е голема работа. Македонската, е една од најстарите цивилизации во светот. Да се биде Македонец е гордост, но и голема обврска. Да се биде Македонец е да се биде свесен дека ќе бидеш на „отстрел“ на сите кои се љубоморни на нашаата историја и завидуваат на убавините и богатствата кои ги имаме. Македонија видела и многу поголеми премрежја, ќе ги поминеме и денешниве. Македонија е вечна.

Од архивата на Вело Марковски- со Дамјан

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button