Ако кафето е првиот напиток без кој не можете, а сакате да му го подобрите вкусот, или да го направите поздрав, обидете се со овие неколку совети.
Првото кафе тешко ви доаѓа за желудникот? Во својата днева рутина воведете ново правило: Нема кафе на празен желудник. Изедете неколку залаци од вашиот појадок пред првата голтка кафе. Ако ви се брза и немате време за јадење, пред кафето земете една лажичка мед.
Кафето го пиете исклучиво со млеко? Наместо кравјо, во кафето додајте бадемово млеко. Со него ќе го промените вкусот на вашето кафе, а и е доста поздраво од „обичното“ млеко.
Горко кафе не ви одговара, а не сакате да внесувате неколку лажички шеќер плус во организмот? Тогаш обидете се да го подобрите вкусот со какао или цимет. Нема да биде сладок како со шеќерот, но вкусот секако ќе биде променет.
Ако тешко се одвикнувате од шеќер, обидете се прво со помали дози. Секој нареден ден намалувајте ја количината, а вкусот подобрете го со мешање на обичен и ванилин шеќер.