Како да одберете зрела и сочна лубеница – трикови за сладок залак без утка
Лубеницата не зрее по бербата, па вложете време и внимание во изборот уште пред да ја пресечете.

Со доаѓањето на летните жештини доаѓа и желбата за сочен залак – лубеница. Но, за жал, не секогаш знаеме да го направиме вистинскиот избор, па наместо зрела, сочна, слатка лубеница, дома да донесеме „тиква“, односно да бидеме разочарани.
Вистински зрелата лубеница не продолжува да зрее по бербата, па затоа е важно да ја изберете како вистински професионалец, користејќи неколку едноставни, но докажани техники кои ќе ви осигураат најправилен избор.

Звукот открива многу
Еден од најстарите и најдоверливи трикови при избор на лубеница е звукот што го произведува при лесно тапкање со прстите. Зрелата лубеница треба да одѕвонува со длабок, полн и шуплив тон – сличен на звукот што се слуша при удирање во тапан. Таквиот звук укажува на тоа дека внатрешноста е полна со сок, со правилно оформена структура и идеална зрелост. Ако звукот е висок, тап или без јасна резонанца, тоа е знак дека лубеницата можеби е недозреана, презреана или дека ѝ недостига сочност.
Според тежината
Во просек, лубеницата е 92% вода, па онаа која е неочекувано тешка за својата големина најверојатно е полна со сок и е зрела.

Жолтото дно – сигурен знак за зрелост
Свртете ја лубеницата и погледнете ја страната на која лежела на земја додека созревала – тоа е нејзиното „дно“. Ако таму има голема жолта или златно-жолта флека (т.н. „земјена дамка“), тоа значи дека лубеницата долго зреела на поле и е веројатно многу слатка. Ако таа дамка е бледа, бела или светложолта, тогаш плодот е најверојатно набран предвреме и нема да биде доволно зрел.
Кафеави линии или „пајакова мрежа“
Ако на кората забележите кафеави, нерамни линии или форми што личат на пајажина, тоа е добар знак. Тие се појавуваат кога пчелите повеќепати ја запрашиле лубеницата додека растела, што обично значи дека плодот е побогат со природни шеќери, односно е многу посладок.
Кора без сјај и без испакнатини
Избегнувајте лубеници со сјајна кора, бидејќи тоа обично значи дека плодот е недозреан. Најдобро е да изберете лубеница со матирана кора, со рамномерен тон и боја. Кората треба да биде цврста и без набраздености, испакнатини или длабнатини.
Притиснете цврсто, но внимателно
Притиснете со прсти на кората. Таа треба да биде цврста, но со благо попуштање при притисок – не премногу тврда и без да се чувствува премногу мека или еластична. Овој баланс укажува на зрело и сочно овошје.
Проверете го стебленцето (дршката)
Сувото и кафеаво стебленце е знак дека лубеницата го достигнала својот пик и е правилно созреана пред бербата. Ако стебленцето е зелено, тоа обично значи дека лубеницата е набрана предвреме и веројатно е недозреана.
Ако ги запомните добро овие експертски трикови, веќе никогаш нема да утнете при изборот на одлична лубеница.