Како да не ви овенат цвеќињата додека сте на одмор? Овие трикови ќе ви го спасат зеленилото
Неколку едноставни совети ќе им помогнат на вашите собни растенија да останат здрави и свежи, дури и кога ќе бидете отсутни од домот.

Летната сезона на одмори е во полн ек, а ако планирате да бидете отсутни од дома 7 до 10 дена и нема кој да ги полева цвеќињата, тоа може да биде доволно долго време тие да се исушат.
Но, има неколку практични трикови кои ќе ги сочуваат вашите растенија.
Намалете ја светлината
Растенијата бараат повеќе вода колку повеќе светлина добиваат. Затоа, тргнете ги од директна сончева светлина, спуштете ги ролетните или навлечете завеси.
Внимавајте просторијата да не биде сосема темна. Ако растението обично се полева еднаш неделно, а ќе ве нема две недели – оддалечете го од прозорецот за да се забави сушењето.

Намалете ја температурата
Ако домот ви е топол во лето, вклучете клима-уред на кратко секој ден (ако имате тајмер) за да ја разладите просторијата со растенија. Така ќе го намалите испарувањето на водата од саксиите.
Добро полејте пред заминување
Ако одите на одмор до една недела, доволно е да ги полеете обилно растенијата пред да заминете. Вишокот вода нека се исцеди, за да не стојат корењата во вода и да не загнијат.
Растенија отпорни на суша, како кактуси и сукуленти, лесно ќе издржат недела без вода.
Зачувајте ја влагата
Ако планирате да ве нема подолго, прекријте ја површината на земјата во саксијата со влажна крпа или весник – тие ќе ја задржат влагата подолго.

Ставете ги во „сон“
Намалете го растот на растенијата пред одмор: не ги прихранувајте неколку недели претходно, отстранете суви лисја, и ако имаат цветови – отстранете ги за да не трошат енергија и вода.
Со овие едноставни чекори, вашите растенија ќе ве пречекаат свежи и зелени по одморот.