Како да го одвикнете детето од грицкање нокти – едноставни трикови со неверојатно брз ефект
Наместо критика - разбирање, поддршка и паметни алтернативи.

Грицкањето на ноктите не е само лоша навика, тоа е обид за самосмирување. Со љубов, трпение и вистински пристап, оваа навика може да стане минато.
Грицкањето нокти, познато и како оникофагија, е честа и често потценета навика кај децата, но зад неа се кријат силни емоции и несигурности. Освен што е естетски непријатно, оваа навика го зголемува ризикот од бактериски инфекции, воспаленија на кожичките, па дури и деформации на ноктите.
Според детските психолози, децата најчесто почнуваат да ги грицкаат ноктите во стресни ситуации – испрашување или тестови во училиште, раѓање на брат или сестра, преселба, раздвојување од родителите. Кај постарите деца и тинејџери, грицкањето нокти служи како механизам за справување со анксиозност, страв или здодевност.
Што не треба да правите:
Не викајте и не срамете го детето. Тоа нема да ја искорени навиката, туку ќе создаде срам и уште повеќе стрес.
Не му се заканувајте и не го уценувајте. Со тоа само ќе го натерате да се крие кога го прави тоа.
Не користете горчливи лакови, лути намази и казни, тие можат да имаат краткорочен ефект, но не ја решаваат причината.
А, што треба да направите:
Сфатете го тригерот
Набљудувајте кога и во какви ситуации детето најчесто ги грицка ноктите. Дали е тоа кога гледа телевизија, кога учи, кога е тажно или кога е во ново опкружување? Разговорот за тоа што го мачи може да биде првиот чекор кон решението.
Ослободете го од стравовите
Разговарајте со него за чувствата што ги доживува. Објаснете му дека е нормално да се чувствува тажно, исплашено или збунето, и дека тие емоции можат да се искажат и на друг начин.
Понудете му алтернатива
На пример:
Топче направено од антистрес пена во рака
Цртање или гмечење хартија
Правење фигурини од пластелин
Џвакање здрава ужинка (како морков или јаболко)
Вклучете го во некоја креативна или спортска активност
Бавењето со нешто што го исполнува го фокусира умот и ги намалува нервозата и анксиозноста.

Покажете љубов и поддршка секој ден
Најважно е детето да знае дека сте до него и дека е сакано безусловно. Само така ќе почувствува доволно сигурност да ја остави лошата навика.
Дополнителни трикови кои брзо делуваа:
The American Academy of Dermatology препорачува родителите да направат дневник за навиката – кога се појавува, колку често, и со што може да се поврзе. Ова помага за поефикасно таргетирање на причината.
Psychology Today сугерира техника на позитивна замена, ако детето 2 дена не ги грицка ноктите, добива мал поттик или награда.
Италијанскиот портал Bambinopoli препорачува воведување „чувар на рацете“ односно другарче (играчка или цртеж) кое ќе го потсетува детето да не ги грицка ноктите, на весел и ненаметлив начин.