Реклама
Интервју

Разговор со отец Дејан Трајков: Како православните христијани треба да ги слават божиќните празници

Реклама

Во пресрет на еден од трите најголеми христијански празници – Божиќ, за се во врска со празникот и за тоа како треба да го прославиме како православни христијани, поразговаравме со отец Дејан Трајков.

 

badnikk

Маркетинг

Божиќ е еден од трите најголеми христијански празници. Ќе ни кажете ли во кратки црти што преставува овој христијански празник, како и начинот на кој треба да го слават македонските православни верници?

 

Маркетинг

Празникот на Рождеството Христово ни го кажува најглавното нешто: ние сме повикани да научиме да Го љубиме Бога и да Му служиме Нему, на нашиот Спасител, Оној Кој го дарува тоа спасение на сите народи и на сите времиња, Кој и сега ја шири Својата прегратка за секој од нас. Стекнувајќи навика на вистинско почитување на Бога и благоговејно стоење пред Него, ние истовремено се учиме да им служиме и на нашите ближни, пројавувајќи вера, којашто дејствува преку љубовта. И нам ни останува само малку да довршиме – да одговориме на дејствителната спасителна благодат Божја со своето послушание, својата доверба кон словото Божјо, својата желба да ги исполниме Неговите заповеди. Доколку ја усвоиме таа голема вистина, тоа ќе предизвика голема промена, не само во нас самите, туку и во нашата околина. Ќе можеме правилно да ги поставиме вредносните приоритети, ќе можеме мирно, спокојно и сигурно да чекориме по одозгора преднацртанта патека на животот, славејќи Го и благодарејќи Му на Бога.

А за да достигнеме таква состојба на духот, должни сме да бидеме православни и по своето длабоко убедување и начинот на живот, како што биле горешто верни и богољубиви луѓе нашите благочестиви предци. Должни сме да го исполнуваме правилото на постот, на молитвата, на покајанието и исповедта и секако учеството на светите богослужби. Доколку не ги исполнуваме овие нешта тогаш не може да стане збор за вистинско, достоинствено православно празнување на Божиќ како еден од најголемите христијански празници.

Од една страна ги имаме божиќните пости, кои завршуваат со литургијата на 7 јануари, додека од друга страна во овој период се слави Нова година и се разменуваат подароци, како дел од влијанието на потрошувачкото општество. Тука се и неизбежните коледарски огнови во предвечерието на  Светата Причест и литургијата, кои можат да се доживеат како култ кон ракијата и огнот. Како треба да се однесуваат вистинските православни христијани и како да чекориме по вистинскиот пат покрај овие две крајности?

badnikk

„На оние кои така се собираат околу огнот треба да им се објасни дека вистинското славење на Бог сепак се заокружува со одење во Црква и причестување со Светите Христови Тајни“

Токму така, за жал култ кон ракијата и огнот. Многумина овие бадникови празнувања ги доживуваат како можност за добра забава и добро мезе, можност времето до доцните вечерни часови да се потроши во прекумерно пиење и јадење, а всушност е време кога сеуште се наоѓаме во Божиќниот пост и време кога со сето свое срце се подготвуваме за најрадосниот настан – Божиќната литургија кога треба во себе да го примиме Христа. За секој жив и активен член на Црквата, па дури и за секој добронамерен и разумен човек одговорот на ова прашање е сосема јасен: штом се нарушува постот и штом за цел се нема Светата Причест, односно штом се запали оган и штом на тоа ќе се придодаде алкохолот, световните песни, игри и шеги, како и мрсното јадење, сѐ е јасно. Оној што веќе доаѓа на огнот треба да му објасниме дека е добро барем да не го нарушува постот, а на собирањето околу огнот да гледа како на собирањето на пастирите на кои им било јавено доаѓањето Христово. На оние кои така се собираат околу огнот треба да им се објасни дека вистинското славење на Бог сепак се заокружува со одење во Црква и причестување со Светите Христови Тајни. Исто така треба да се објасни дека бесмислена е семејната бадникова трпеза ако на неа мрсиме и затоа останеме без Причест на Рождество Христово.

Според некои претставници на нашата црква и ставањето на паричката во лебот или питата не е македонски црковен обичај, туку српски. Според житието на Свети Василиј Велики, а како што вели владиката Наум во едно негово интервју, македонските православни верници би требало да ставаат паричка во лебот или колачот на 14 јануари, односно на денот на Свети Василиј Велики кој во народот е познат како Стара Нова Година. Од друга страна пак, и околу Бадниковиот оган има спротивставени ставови дури и помеѓу црковните претставници, при што едни го благословуваат овој чин, додека други тврдат дека црквата треба јасно да застане против спорните обичаи и да стави крај на паганизмот? Кој е вашиот став по ова прашање?

Секако се согласувам дека поправилно е да се прави лепчето со паричка на Василица отколку на Бадник знаејќи што се вели во житието на Св. Василиј Велики и приказната околу тоа ни кажува дека сета таа традиција има вистинска поткрепа и поврзаност со Св. Василиј , а не со празнувањето на Бадник. Исто така и со Бадниковиот оган. Знаеме дека никаде на друго место во православниот свет не се празнува Бадник на ваков начин со палење на оган и сметам дека Црквата мора да најде начин како да се смени оваа традиција кај нашиот народ со тоа што или потполно ќе се укине или ќе и се даде една вистинска православна димензија.

По големите обредни коледарски огнови кои горат до доцна во ноќта, коледарите ги посетуваат домовите на луѓето и во духот на традицијата пеат Бадникови песни и го најавуваат доаѓањето на Исус Христос. Дали овој обичај е во духот на македонската црковна традиција и дали треба да го практикуваме?

Бројните Божикни песни, кои се пееле во деновите на празнувањето на Рождеството Христово  се нарекувале „каланди“. Самиот збор  ’кάλαντα‘ (грч.), ’каланъди‘ (ст.сл.), доаѓа од византиското ’кαλένδες‘ (календес), кое, пак, происходи од латинското ’кalendae‘ (календае), што кај старите Римјани го означувало првиот ден од месецот. Римјаните го презеле овој збор од Хелените и тој е етимолошки поврзан со старогрчкиот глагол ’καλέω‘ (калео), што во превод значи ’викам, повикувам, нарекувам‘. Светите отци и учители на Црквата, вдахновени од Светиот Дух, мудро ги обмислиле христијанските празници и ги украсиле со неизмерна богољубива и човекољубива длабочина и значење. Тогаш, старите коледарски песни им го отстапиле местото на побожните христијански песни и химни, во кои се славел Единиот вистински Бог. Каландите во Византија со тек на време добиле облик на празнувања ограничени на деновите помеѓу Божик и Богојавление и се состоеле од милосрдна дејност на собирање подароци за сиромашните семејства, проследена со похвални и благодарствени песни во чест на Овоплотувањето на Спасителот Господ Исус Христос – Единствениот Човекољубец. Така, од старата незнабожечка оставина накрај останало само името ’каланди‘, кое се однесува на Божикните песнички. Кај нас тие уште се нарекуваат и коледарски песни. Според ова практиката да се пеат коледарски песни е добра само доколку во неа централно место зазема Христос и тематиката околу Неговото раѓање.

Како всушност треба да изгледа Бадниковата вечера? На што треба да посветат внимание православните христијани?

badnikk

Бадниковата вечер е онаа света и чудесно тивка вечер во која си спомнуваме за раѓањето на Христа Спасителот. Христијаните, таа вечер ја поминуваат во пост и молитва, заедно со своето семејство. На тој ден, на 6 јануари се подготвува и Бадниковата вечера, на која нашиот народ ѝ посветува големо внимание. Сакајќи таа вечера да биде што посвечена, луѓето најчесто од незнаење ненамерно прават  многу погрешни работи. Еве на што треба да внимаваме таа вечер доколку сакаме да не се огрешиме пред Бога.

На тој ден, 6 јануари, се подготвува Бадниковата вечера. Најпрво со Света вода го замесува лепчето, а потоа на истото се изобразува Светиот Крст. Бадниковата трпеза е посна трпеза, дозволено е да се подготвуваат јадења приготвени без масло (освен кога ќе бадне Бадник во сабота или недела), но никако не е дозволено да се јаде риба или пак некои други производи од животинско потекло. Ова со рибата посебно го потенцирам, бидејќи кај многу семејства на бадниковата трпеза може да се сретне и риба, што е погрешно и верувам дека секој човек, ако не повеќе барем таа вечер може да се воздржи и да пости без риба. Секако на трпезата исто така можат да се најдат и сите оние плодови кои природата ни ги дала во овој период од годината.

Колку денес луѓето вистински го слават рождеството Христово со пост и со земањето на светата причест на Божиќната литургија? Имено, знаеме дека бадниковиот оган го симблоизира огнот кој го наложиле витлаемските пастири за да го загреат новороденчето Исус Христос, но прашањето е дали денес верниците доаѓаат во пештерата, односно во  црквата да се поклонат на нашиот Бог или за многумина се се сведува на ритуалот покрај коледарските огнови, пиењето ракија, печењето колбаси и бадниковите гранчиња?

badnikk

Фото: maff-mk.forumandco.com/t33-topic

„Најпрво со Света вода го замесува лепчето, а потоа на истото се изобразува Светиот Крст. Бадниковата трпеза е посна трпеза, дозволено е да се подготвуваат јадења приготвени без масло (освен кога ќе бадне Бадник во сабота или недела), но никако не е дозволено да се јаде риба или пак некои други производи од животинско потекло.“

Ова прашање продира во сржта на проблемот. Вакво и слични вакви прашања треба да си поставуваме за сите празници кои ги празнуваме во текот на една календарска година. Колку и како ние се подготвуваме за достоинствено празнување на еден настан од историјата на Црквата, од животот на некој светител итн. Колку и како ние се подготвуваме за празнувањето на нашата домашна слава? Дали се подготвуваме со пост, со молитва, со исповед, со размислување за суштината и значењето на одреден настан, личност и како сето тоа се одразува врз нашата личност, врз нашето размислување, врз нашето покајание, како се одразува на нашето менување според образот Христов на кое сме повикани уште од моментот на нашето крштевање, моментот кога станавме дел од Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Доколку овие прашања не си ги поставуваме,  тогаш слободно можеме да се ставиме себеси во групата на оние кои како што кажавте седат покрај коледарските огнови и пијат ракија, печат колбаси и слушаат пријатна турбо фолк музика!

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button