Јулија со срцепарателни зборови се сеќава на ќерка си – за мене времето веќе не се мери како порано
Во пресрет на тригодишнина од заминувањето на Андријана, Јулија сподели емотивна порака на социјалните мрежи.

На 12 мај, на празникот Свети Василиј Велики, се навршуваат три години од заминувањето на Андријана Мациевска, ќерката на познатата македонска пејачка и водителка Јулија Мациевска. Потсетуваме, Андријана, академска сликарка и мајка на Стефанија, почина на 41-годишна возраст по борба со ракот.
Во пресрет на тригодишнина од заминувањето на Андријана, Јулија сподели емотивна порака на социјалните мрежи:

„Драги пријатели, на 12 мај, на Св. Василиј Велики, се навршува трета година откако мојата Љубов, душа мајкина, мојата Андријана, Анчи, АН, мојот Жив Ангел Небесен, одлета во Царството Небеско, одлета во друга димензија.“
Јулија пишува дека и по три години, присуството на Андријана е секојдневно, иако во друга форма:
„Мајката никогаш не престанува да мисли на своето дете и затоа за мене времето веќе не се мери како порано. Присуството на Ан е секојдневно, само што човек мора да прифати дека за да го чувствува тоа присуство, мора да сфати дека тоа е друга форма и дека животот не е само овде во физичкиот облик на кој сме навикнале.“
Во чест на Андријана, Јулија организира манифестацијата „Љубов за сите“, која годинава ќе се одржи во Прилеп на 14 мај, со почеток во 19.30 часот во Културниот дом „Марко Цепенков“. Настанот ќе вклучува изложба на ликовни дела на Андријана, промоција на алманаси посветени на неа и културно-уметничка програма.
„Оваа година манифестацијата ќе се одржи во Прилеп, среда 14 мај во 19:30 часот во Културниот дом ‘Марко Цепенков’. По тој повод изразувам голема благодарност до целиот тим на Културниот центар во Прилеп, кои со многу љубов пристапија кон реализирање на овој проект. Исто така ве поканувам сите вас драги луѓе, кои љубите да бидете дел од ЉУБОВТА ЗА СИТЕ, од Прилеп и околината да дојдете и да поминеме неколку часа заедно во Љубов, уметност, поезија, музика, размена на убава енергија.“
Јулија заврши со порака полна љубов:
„Од срце, мајката на Андријана Мациев, Јулија. ЉУБОВ ЗА СИТЕ – АН“
Преку овие зборови, Јулија ја споделува својата болка, љубов и надеж, продолжувајќи да ја слави уметноста и животот на својата ќерка.