Јавноста во шок по ненадејната смрт на популарниот пејач, мајка му беше пратеничка – тетовчанецот создаде бројни хитови
Зад себе ги остави сопругата и едно дете.

Познатиот пејач Шпат Касапи почина на 40-годишна возраст, по ненадеен срцев удар кој за кратко време го одзеде неговиот живот. Веста ја потресе музичката сцена во регионот, особено затоа што Касапи немаше здравствени проблеми и водеше активен, динамичен живот.
Роден во Тетово, Шпат Касапи беше една од најзначајните и најпопуларни личности на албанската поп-сцена. Неговата кариера започна во раните 2000-ти, кога брзо се наметна со својот модерен звук, харизма и сценска енергија која го направи миленик на младата публика. Медиумите често го нарекуваа „албанскиот Сакис Рувас“ поради неговиот изглед и стилот на настапите.

Во текот на својата богата музичка кариера создаде бројни хитови што станаа дел од музичката култура во Албанија, Косово и Македонија. Песни како „A më do?“, „Valle Kosovare“, „Dashni pa limit“ и „Aroma e saj“ остануваат меѓу најслушаните и денес. Настапуваше на престижни музички фестивали и соработуваше со реномирани артисти, оставајќи зад себе репертоар кој ја обележа една цела генерација.
Касапи живееше на релација Македонија, Албанија, Косово, а јавноста го знаеше и по неговото потекло: неговата мајка Ѓулумсер Касапи, беше поранешна министерка во Владата на Северна Македонија и пратеничка.
Неговата смрт остави огромна празнина во музичките кругови. Колеги, обожаватели и јавни личности се простуваат со емоционални пораки, истакнувајќи дека заминал човек кој секогаш ширел позитивна енергија и несебично го делел својот талент.
Зад себе ги остави сопругата и едно дете.




