Јас бев едно многу срамежливо дете, чувствував дека не сум разбрана, пишувањето ми помогна многу – искрено со КСЕНИЈА НИКОЛОВА
Мојот стил е минималистички и класичен. Таква сум и во други аспекти, едноставна, а сепак своја, вели Николова.
Писателката Ксенија Николова е една дама која ги инспирира жените за да бидат посилни, ги мотивира да се соочат со проблемите и пречките во животот и што е најважно нè тера сите да размислуваме суштински.
Николова постојано објавува инспиративни цитати, но покрај тоа што е позната по своите дела, таа за јавноста стана популарна и со тоа што отворено зборува за личните проблеми со кои се соочува, споделува низ што минува и така ослободувајќи се себеси од лошите мисли, тешките денови истивремено иснпирира и други жени да се освестат дека не се сами, охрабрува многумина да разговараат за своите предизвици со цел секој на секого да му биде поддршка.
И навистина на тој начин стануваме поздраво општество, доколку гласно разговараме за проблемите.
Но, овојпат нема да зборуваме за проблеми, се одлучивме со Ксенија да разговараме за убави нешта, да ја запзонаеме нејзината силна страна пишувањето од еден поинаков агол и да откриеме како тоа успева секогаш да биде облечена стилски.
Се обидовме да дознаеме од каде извира нејзината инспирација.
Вие сте една голема мотивација за жените во Македонија. Вашите мисли се како еден хит песна, жените ги споделуваат секојдневно. Дали вашата дарба за пишување е наследна? Откријте ни малку повеќе, дали сте размислувале од каде знаете толку добро да пишувате?
Ви благодарам на прекрасните зборови, навистина не го гледам сето тоа така, зашто пишувањето отсекогаш било мојата срж.
Јас бев едно многу срамежливо дете, иако навидум не изгледав така, бев доста повлечена и многу криев во себе. Честопати чувствував дека немам со кого да споделам, честопати чувствував дека не сум разбрана, или сериозно сфатена, па немајќи глас, почнав да пишувам. Сакав сето тоа што го криев во себеси некаде да излезе, да го пуштам од себе, од мојата душа. Тоа ми помогна многу.
Мојата приказна почна без никаква цел или намера, јас едноставно сакав да создавам, да пишувам и тоа е така и после толку години – Ксенија Николова.
Која ваша порака има најмногу лајкови срциња, е најсподелувана?
Навистина не знам, а зарем е тоа важно? За мене не, за мене е најважно чувството што се буди кај луѓето кога ќе прочитаат нешто од мене.
Кога пишувате најчесто? Се чини дека вашите зборови се напишани секогаш во еден здив. Дали е тоа така?
Кога станува збор за цитатите, да, тие се во еден здив, едноставно се случуваат. Со романите е сосем друг концепт, тоа е долг и сложен процес и бара многу внимание, следење и планирање.
Коа е најчудното место во кое сте напишале нешто?
Во телефонот имам безброј такви белешки, а буквално секаде ми доаѓа по нешто. Пишувањето е секаде и секогаш со мене, пријатели за цел живот.
Која е последната порака што ја напишавте?
Па, постојано нешто создавам, буквално секој ден. Многу нови нешта доаѓаат, едвај чекам.
Кој е за вас најдобриот писател?
Нема најдобар писател. Можам да кажам кој писател мене најмногу ми се допаѓа, а тоа е Горан Стефановски. Тука се и Хемингвеј, Буковски и Момо Капор.
Морам да ве прашам нешто и околу модата. Што е за вас стилот на изразување преку облека?
Никогаш не сум следела трендови, едноставно сакам да се облекувам онака како што мене ми е удобно, онака како што се чувствувам, онака како што сакам.
Како би го опишале вашиот личен стил?
Мојот стил е минималистички и класичен. Таква сум и во други аспекти, едноставна, а сепак своја.
Уникатни сте со вашите објави , видео или фотографија преку која правите спој на модата и литературата. Кој ве слика и фотогарфира?
Долги години соработувам со Ерина Богоева, со неа имам направено преку 20 фотосесии и одлично си работиме. Многу сме погодени, многу убаво се разбираме и среќна сум што се пронајдовме.
Кои ви се омилени парчиња облека?
Обожувам бела боја, црна боја, едноставни и квалитетни парчиња, обожувам шапки, шалови, ракавици, џемпери, капути, но и фустани, интересни кошули и слично.
Што мислите за second hand облека?
Супер е тоа, навистина можат да се најдат интересни парчиња и тоа одлично функционира на запад, имам многу пријателки што редовно купуваат second hand облека.
Кој е за вас модна инспирација?
Многу ме инспирира Оливиа Палермо.
Ако погледнеме во вашата чанта што ќе најдеме?
Телефон, бонбони, новчаник, влажни марамлиња, палома, чешел и мало несесерче со шминки.
Што е најважно за една жена да биде убава?
Да биде среќна и свесна за својата вредност, будна и присутна, со желба за напредок и личен печат.
Дали пишувате нова книга?
Новата книга е готова веќе некое време и мислам дека наскоро ќе можам да зборувам и поконкретно за тоа. Се надевам дека наскоро се гледаме на промоција.
Има ли нешто ново што сакате да откриете, најавите за нашите читатели?
Последната година напорно работев на апликацијата BW2CLUB, женска социјална мрежа за жени и девојки од разни култури, земји и возрасти. Наскоро ја лансираме и едвај чекам да се дружиме и таму. Ова е еден огромен и сложен проект, работен со многу љубов и поветеност, моја најголема желба и нешто за што дишам и живеам.