Изворот во Скопски Раштак лекува очи, душа и маки – моќта на водата е благословена од тројца светци
Изворот тече „од памтивек“, велат жителите, и иако природата и човекот често го менувале просторот околу него, водата секогаш си го наоѓала својот пат.

На само дванаесет километри од Скопје, се наоѓа селото Раштак, место кое одамна важи за природен терапевтски бисер во Скопска Црна Гора.

Во сенката на старите храстови и покрај тивките планински патеки, тече изворот „Тополче“, вода за која мештаните велат дека носи лек за очите, мир на душата и благослов за секој што ќе дојде со вера.
Изворот тече „од памтивек“, велат жителите, и иако природата и човекот често го менувале просторот околу него, водата секогаш си го наоѓала својот пат.

„Кога се градеше новиот пат, водата секна, се изгуби изворот. Но не помина долго, по некоја година патот пропадна за осумдесет сантиметри. Се појави светата вода. Тогаш решија да ја насочат, па направија цевка да тече, и изградија потпорен ѕид“, раскажува чичко Никола Иванов, староседелец кој целиот свој живот го поминал покрај овој извор.
Според локалната традиција, лековитата моќ на водата потекнува од три светци: Свети Спас, Света Петка и Света Богородица.
Оние кои ја пробале оваа света вода, тврдат дека откако еднаш, двапати, трипати ќе се замијат, маката исчезнува.
Сепак, изворот е најпознат како лекувалиште за оние кои имаат проблем со видот. Мештаните велат дека бројот на излекувани никогаш не се броел, и не треба. „Тоа е божја работа“, велат.

На ден 28 август, за празникот Успение на Пресвета Богородица, кај изворот се собираат жители и верници кои ја слават заштитничката на ова свето место.
Инаку, интересна е приказна за лековитите води која е поврзана и со видение кое, според кажувањето, го доживеал чичко Никола пред повеќе од 50 години.
„Пред 48 години сум доживеал клиничка смрт, па сум вратен во живот. Во сон ми се јави Мајката Божја и ми рече да се напијам од светата вода во Раштак.“, сведочи тој.

Токму по тоа видение, според мештаните, започнало уредувањето на чешмата и создавањето на малата духовна црквичка што денес го обиколува изворот.
Прекрасната околина, зеленилото и тивката атмосфера дополнително го прават ова место духовен магнет за посетители и туристи од целиот регион.



