Ако сакате деновиве да погледнете добри фотографии, тогаш задолжително погледнете ја изложбата „Небото над Скопје“.
Во склоп на Белата ноќ во Домот на Културата „Кочо Рацин“ (Дом на Градежници) ќе бидат изложени фотографиите на нашата фотографка Ерина Богоева. „Небото над Скопје“ е поздрав кон животот поминат во родниот град на самиот автор. Претставува благодарност за сите настани доживеани токму под тоа небо. Преку урбаните пејзажи се отсликуваат различните состојби на тоа небо, а преку него и на нашиот живот: некогаш романтично, некогаш живописно и сликовито, а некогаш сиво но, секогаш свое и познато. Изгрејсонца, зајдисонца и се’ помеѓу она што го претставува животот во оваа наша мала метропола. Понекогаш е потребно само да погледнеме нагоре во точниот момент, а небото над Скопје секогаш ќе е таму.
Ерина Богоева е родена на 02.07.1988 во Скопје. Таа е дипломиран филолог на катедрата по Англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, Р.Македонија и магистар по Филм, телевизија и екранска индустрија при Нотингам Универзитетот, Велика Британија. Таа освен како фотограф работи и како театарски продуцент.
Прочитај го и нашето интервју со Ерина тука.