Ивана Кнез е костимограф, дизајнерка на облека и накит и во секој поглед уметничка душа која ги бодри македонските девојки и жени да ја ослободат божицата во себе.
Нејзиниот екстравагантен накит во кој провејува нишка на носталгија и класика, со безвременскиот бисер, е украс што секоја жена би го посакала. Кнез одговара на прашањата на Штипка како да блеснете на новогодишната ноќ:
Вие сте дизајнерка која ги преточува фантазиите на независната жена со специфично изграден стил во креации што ја изразуваат нејзината сензуалност и сила, и во модните парчиња и во поглед на накитот. Што би им препорачале на девојките и жените да облечат оваа новогодишна вечер за да изгледаат свечено, а сепак во склад со годините?
Веројатно секоја прослава по повод пречекот на новата година резултира со модна дилема. Овој пат препорачувам да заштедите на финансии, а да се расфрлите со имагинација. Влезете во ормарот на вашата мајка или баба, пронајдете некој ретро винтиџ фустан, можеби со реси, можеби целиот со светки, од некое друго време поинакво од сега. Или можеби некој штосен џемпер што инаку не би го облекле, со boyfriend jeans и добра висока потпетица, и оставете да ве води новогодишната магија.
Тематски самата себе си израдувајте се со интимно модно трансформирање или модно патување со поинаков стилски акцент. Една нишка бисери со чвор и не заборавајте ја насмевката, како најважен моден детаљ.
Веднаш потоа следи низа празници и домашни забави за кои исто така треба да бидеме празнично дотерани. Што препорачувате да се облече на домашна семејна прослава?
Ова е време од годината кога го откопчуваме првото копче или патентите од фармерките заради питата на баба или вкусните колачиња на мама.
Дозволете си комфор во облекувањето, но сепак сторете го тоа стилски. Добро кроен капут, широка топла туника, хеланки со дезен, зачинети со добри аксесоари и чизми на висока широка потпетица и имаме полн погодок.
Кое парче би го издвоиле што задолжително ќе го носите или би сакале да го носите на новогодишната прослава?
„Дилбер Стана“ – Студио „Драма“
Моја константа во аутфитот е накитот кој постојано го носам на мене: златен рачен часовник, златни белегзии и прстени во форма на пантер. И се разбира неизбежната црвена долна облека. Сè преостанато е теорија на релативитет.
Автор: Александра Спасеска