Интервју со Тони Наумовски, актерска ѕвезда со невидливо его – „За голем хонорар не играм по секоја цена“
„Низ годините сум живеел со 127 различни цимери од ширум светот. Без разлика на високото образование што сум го стекнал и личната библиотека од речиси 2000 книги нема подобра школа од животот специјално, како што вика нашиот народ, кога ќе поминеш низ сито и решето и тоа не еднаш. Инаку говорам седум јазици, а сум играл на девет“, вели Тони Наумовски во интервјуто за гламур.мк
Разговараме со Тони Наумовски, македонски актер кој живее и работи во Њујорк. Дипломирал на Националната академија за театарски и филмски уметности во Софија, Бугарија, а во 2003 година, магистрирал театарски студии на Универзитетот Нов Јужен Велс, во Сиднеј, Австралија, под водство на познатиот англиски професор од Оксфорд, Џим Дејвис.
Во 2005 година, добива целогодишна стипендија преку NYU Tisch School of Arts од г-ѓа Ана Страсберг, вдовица на Ли Страсберг, за да се специјализира во Страсбер – методот на актерство на Театарски и филмски институт Ли Страсберг.
Тони потекнува од музичка фамилија, израснал пеејќи и свирејќи на тапани. Зборува повеќе јазици, но како што вели, брои на македонски.
Минатата и оваа година кај нас беше актуелен со улогата на Владимир во филмот „Лена и Владимир“ (во режија на Игор Алексов, по сценарио на Александар Русјаков), филм кој годинава собра значајни интернационални награди.
Во меѓувреме, Тони собира и други интернационални награди со различни филмови и проекти во кој го покажува својот извонреден актерски талент и мајсторлак, поминува многу време на длабинско нурнување во ликовите што ги глуми, но при тоа, секогаш останува скромен и достапен.
Филмот „Лена и Владимир“ во кој го интерпретираш ликот на Владимир собира интернационални награди, меѓу кои и награди за најдобар актер. Од денешна дистанца, како ја доживуваш одново улогата на Владимир, лик со толку силна емотивна и симболична тежина?
– Владимир е ранет исцелител. Го доживувам исто толку емотивно и моќно како и додека ја подготвував улогата и додека го снимавме филмот. Улога што остава лузна во душата, но носи и просветлување во истата. Улога што отсликува еден миг како исповед на неговото патешествие кон патот на бесконечноста. Ние патуваме низ времето. Живееме во паралени реалности. Но секогаш сме во сегашноста. Кога и да се прикажува филмот го преживувам одново како бесконечна претстава.
Што беше за тебе најголемиот предизвик при снимањето на филмот, освен техничките аспекти како маската?
– Говорната композиција. Изборот на говорот и силата на гласот се дискутираа на долго и широко додека се најде мерката. Мерката помеѓу говорот и тишината. Процесот на мисла во таа тишина. Симфонијата на мисли и емоции со нивните динамка, израз, темпо и ритам и однатре и однадвор.
За инструментот да штима, да се чујат и почувствуваат нијансите и на најниските тонови, а воедно и да е веродостоен на дадените околности. Погледот. Отсликувањето на промените на мислата и бурата на емоции во тоа едно здраво око фактот дека имавме пет месеци прекин со снимање помеѓу летниот и зимискиот период и оддржување на ликот во целост во тој период.
Владимир и неговата магична шума нудат надеж за Лена во приказната. Како гледаш на симболиката на неговиот лик отсликана во денешните општества, особено во општетсвата кои ти се веројатно најблиски, македонското, австралиското и американското?
– Како на херој на нашето време што би рекол Лермонтов. Владимир е светлина во опшеството. Иако изгорен од своето минато, тој несебично ја отвора вратата на надежта и на светлината, а и самиот тој, преку неа, на крајот се ослобудува од ропството на физичкиот живот.
За среќа, секогаш има личности на кои што делото им е поголемо од секоја лична амбиција и желба па макар и по цена на животот. Крајот е среќен за Владимир и Лена. На двајцата им претстои нов почеток. За Лена во физичкиот, а за Владимир во духовниот свет.
Како ги избираш проектите во кои глумиш, а како го опишуваш процесот на добивање улоги во Холивуд? Колку се разликува од европската индустрија?
– Се разликува најмногу во однос на конкуренцијата. Понекогаш за некои поспецифични улоги има и по седум до десет илјади актери на аудиција. Таа конкуренција ми помага да сум во постојана подготовка како актер. Физички, психички и духовно. Кондициски. Постојана активна анализа на набљудување, преиспитување и себепознавање. Постојана работа над себе. Тоа ми се допаѓа затоа што јас сум човек со неограничен апетит за знаење и надградување.
Некои аудиции траеле и по два-три месеци за мене, неколку кругови, а знам за колеги што аудициите им траеле и по девет месеци и до една година.
Проектите ги избирам условно кажано на основа на четири критериуми.
а. Уметнички предизвик. Одлична приказна или улога што досега не сум одиграл.
б. Да соработувам со некого со кој никогаш не сум работел, а сум посакувал. Или со некого со кој што веќе сум соработувал и се разбираме одлично.
в. Да се соработува и поддржи друг уметник во неговите почетоци, најчесто студент, да ја исполни својата визија.
г. За голем хонорар, но дури и тогаш не по секоја цена.
Сето горенаведено е идеално. Без разлика на големината на улогата и хонорарот, начинот на подготовка е ист и за еден ден снимање и за сто дена снимање и за една реплика и за илјада. Секогаш сум подготвен да дадам сѐ од себе и да сум на највиско ниво на предизвикот. Исто така се обидувам да најдам начин да не се повторувам – да не се рециклирам. Да најдам барем една линија или детаљ на ликот кој што е нов. Со иста потреба, жар и одговорност како и во студентските денови.
Неодамна, краткиот филм во кој глумиш ја доби наградата за најдобар филм на Bowery Film Festival, какво лично искуство доби пак, од овој филм?
-„Мy Њујорк’ е една лична приказна која што е инспирирана од некои вистински настани испреплетени со фикција. Во овој филм првпат се потпишувам и како еден од авторите и како еден од продуцентите.
Идејата почна од приказна и сценарио за долгометражен филм кој сеуште е во завршна креативна фаза. Затоа и истражувањето за филмот се одвиваше многу години. Доста често во тој процес се изгуби линијата на вистинската приказна со филмската. Од тој процес научив и сеуште учам многу. Не знам дали делови од мојот живот го инспирираа филмот или по трагање на приказна за филмот, многу работи се случија во мојот личен живот. Во филмот се зборува на македонски, англиски, шпански и хинду.
Дејството се случува во Њујорк и во Македонија. За потребите на филмот за истражување на ноќниот живот и подземјето во Њујорк се здобив со безбедносна дозвола за да работам во ноќен клуб и од прва рака да набљудувам поведение во дадени околности.
Она што од почеток требаше да биде само неколку месеци до година дена процес, испаднаа седум години работа како обезбедување преку викенди во еден од најелитните ноќни клубови на Менхетен. Во тој период од седум години спечалив едно чудо животно искуство. Го запознав животот одблизу на њујоршката и светската елита како и елитата од подземјето.
Кој е твојот омилен аспект од македонската култура што најчесто го презентираш пред интернационалната публика?
– Изворната музика. Често се шегувам и велам дека во Македонија не е прашање дали пееш, туку колку добро умееш да пееш и ако дистонираш веднаш ти го одземаат државјанството. Богатата историја и, се разбира, буковската пипер (се смее, н.з).
Додека почна да ја градиш американската кариера, помина повеќе земји, а се вели дека зборуваш девет јазици. На кој јазик броиш? Како мултикултурното влијание низ животот ти помага во актерската игра?
– Мултикултурното влијание секако помага многу. Мојата Одисеја е навистина богата. Многуте патувања и животот на три континенти, образованието, јазиците и најмногу комуникацијата со безброј луѓе од различни култури.
Низ годините сум живеел со 127 различни цимери од ширум светот. Без разлика на високото образование што сум го стекнал и личната библиотека од речиси 2000 книги нема подобра школа од животот специјално, како што вика нашиот народ, кога ќе поминеш низ сито и решето и тоа не еднаш. Инаку говорам седум јазици, а сум играл на девет. Математиката не ми е најсилна страна, но веќе кога треба, бројам на македонски јазик (се смее, н.з).
Кој тип на македонска музика најмногу ти предизвикува емоции, кои македонски групи/пејачи ги слушаш?
– Изворната музика. Носи нешто исконско, чисто, автохтоно, длабко, безвременско. Како цела колективна меморија на нашите предци да е собрана во една точка.
Обожавам да ја слушам мајка ми Зора, која што низ сплет на животни околности, за жал, никогаш не се определи за таа кариера, но кога таа пее и боговите молчат.
По неа е брат ми Борче Наумовски. Тој е Моцарт за нашата македонска и балканска музика; изворна, строградска, народна, забавна…Есма, Тоше, Каролина, Калиопи, Љубојна, Фолтин, Тони Китановски, Некст Тајм, Горан Бојчевски, Влатко Стефановски, Драган Даутовски, Дуке Бојаџиев, а последно време и Мики Секуловски.
Кој од македонските филмови или режисери имал најголемо влијание на твојот раст како актер и воопшто на твојата желба да станеш актер?
– Би ги издвоил „Црно семе“, „Тетовирње“ и „Пред дождот“. Од актерите би ги издвоил Петре Прличко, Петар Стојковски Бабец, Дарко Дамевски, Ристо Шишков, Мето Јовановски, тетка Олга Наумовска и Јоана Поповска. Од сите учам и ќе продолжам да учам и од повозрасните колеги и од помладите.
Кој е Тони надвор од сцената? За што сонуваш на приватен план?
– Мојот херој, татко ми Драган вели ‘Најважно во животот е човек да не се продаде’. Сонувам за човечност. За мир, љубов, разбирање и духовна слобода.