Реклама
Интервју
COVER STORY

Интервју со Су Иствуд, чуварка на македонската кујна и традиција – Нејзините рецепти ги собраа странците со македонски корени од целиот свет на иста трпеза, и многу повеќе од тоа

„Ја создадов оваа група со цел да ги зачувам и да ги пренесам рецептите и јадењата со кои пораснав и во кои уживав. Потоа, тоа прерасна во желба да ја споделам и културата што стои зад храната, бидејќи во Македонија тие две работи се неразделно поврзани. Набрзо, илјадници жени и мажи од различни возрасти ја пронајдоа групата и се поврзаа“.

Реклама

Со задоволство разговараме со Су Иствуд, која иако не носи македонско име и презиме, Македонија си ја носи во срцето и во душата. Или како што вели таа, ја носи во нејзината ДНК. А од пред четири години, ја носи и на чинијата, претставувајќи ја на целиот свет, преку Фејсбук групата „Macedonian Cooking and Culture“ (Македонско готвење и култура).

За четири години, откако Су ја основала ФБ групата, „Macedonian Cooking and Culture“ прерасна во широка заедница која удобно ги сместува на иста трпеза сите кои сакаат да се поврзат со македонската култура, традиција и храна, како и оние кои сакаат да се поврзат со своите македонски корени, без разлика дали зборуваат македонски јазик или не.

Су на прослава на Василица, фото-приватна архива

Таткото на Су е од битолското село Буково, а мајка ѝ од Долно Српци, село во битолската околина. Нејзините родители ја напуштиле Македонија уште во младоста и се преселиле во Австралија. Постариот брат на Су е роден во Австралија, а таа се родила во Битола, додека мајка ѝ била таму на одмор.

Маркетинг

„Тоа беше судбина“ – ни раскажува Су – „Подоцна нашето семејство повторно се пресели, овојпат во Канада, каде што и денес живееме“.

Во Канада, Су има сопствен бизнис со нејзиниот сопруг. Нивната компанија нуди консултации и обука за здравје и безбедност при работа.

Маркетинг
Су и Роб, фото-приватна архива

„Работењето за себе е и наградувачко и предизвикувачко. Ако верувате во своите способности и не ви пречат стресот и напорната работа, тоа е единствениот вистински избор за успех“ – вели Су.

Колку често ја посетувате Македонија?

– Се обидувам да ја посетувам Македонија на секои неколку години, барем на една недела. Чувствувам поврзаност со моите предци, со таа земја. Се чувствувам ревитализирано. Исто така, сакам да патувам на нови места, секогаш барам нови авантури.

Каде го научивте македонскиот јазик?

– Македонскиот јазик го научив слушајќи ги моите родители дома, но очигледно, на училиште и со пријателите и брат ми зборував само на англиски. Моите родители мораа да го научат англискиот поради работата, па ние, децата, им помагавме колку што можевме.

Што најмногу Ви се допаѓа во Македонија? Кои градови и села би сакале да ги посетите и кое македонско јадење Ви е највкусно?

– Секогаш кога ја посетувам Македонија, чувствувам некаква поврзаност. Сите го зборуваат јазикот, и тоа ми дава чувство на утеха, иако не го знам целосно, сто отсто. Се чувствувам како странец кој е на тајна мисија. Кога растев, македонскиот јазик се зборуваше само дома. Но, кога ќе го слушнам на улица, во продавница, во банка – па дури и на телевизија – ме прави среќна.

Секојпат се трудам да посетам некое ново место. Сум ја прошетала целата земја. Обично изнајмувам автомобил за да имам слобода да одам каде што сакам. Секое село и град има своја уникатна убавина.

Македонската храна ми е омилена. Без разлика каде патувам, кога и да патувам, храната е едно од нештата што едвај чекам да уживам во него. Ја обожавам храната што ја готви мојата мајка, рецепти што ги научила од својата мајка. Селската храна, создадена од потреба и достапност на намирници, усовршена со генерации за да биде совршено врманотежена и и превкусна. Така традиционалната и регионалната кујна се развива и можеби е некаде во мојата ДНК, предодредена сум да ја сакам!

фото-приватна архива

Активни сте на Фејсбук групата „Macedonian Cooking and Culture“ (Македонско готвење и култура). Кој беше мотивот за нејзиното создавање и какви се досегашните резултати?

– Ја создадов оваа група со цел да ги зачувам и да ги пренесам рецептите и јадењата со кои пораснав и во кои уживав. Потоа, тоа прерасна во желба да ја споделам и културата што стои зад храната, бидејќи во Македонија тие две работи се неразделно поврзани. Повеќето културни и верски настани се врзани за храната и семејството.

Еден ден, пред неколку децении, јадев зелник што го направи мајка ми и сфатив дека немам поим како да го направам. Тогаш ми стана јасно дека оваа вештина ќе се загуби за моите деца и идните внуци ако не ја научам од неа. Денес, може да се купат готови смрзнати кори за пита, но да бидеме реални, немаат ист вкус како оние неверојатно крцкави, тенки и деликатни кори што ги правеа нашите баби.

Су подготвува зелник, фото-приватна архива

Кога почнав да ги споделувам моите експерименти на Фејсбук, бргу најдов и други луѓе како мене, кои сакаа да се поврзат со своите корени, а немаа каде да го направат тоа. Живееме брзи животи, училиште, работа, семејство, а и физички сме далеку едни од други. Во овој сè пребрз свет, Интернетот овозможува лесна и достапна социјална интеракција. Набрзо, илјадници жени и мажи од различни возрасти ја пронајдоа групата и се поврзаа.

Некои од нив не знаат македонски јазик и никогаш не биле во Македонија. Но, преку „Macedonian Cooking and Culture“, тие открија интересна и динамична платформа што разгорува искра во нив да ги истражат и продлабочат своите корени. Покрај сето тоа, се создадоа пријателства, па дури и романтични врски.

Преку Фејсбук групата се поврзувате со луѓе од различни делови на светот, сите со љубов кон македонската кујна и култура. Дали стекнавте пријателства во групата? Освен рецепти, какви искуства разменувате?

– Храната е таа што нè обединува, симболично кажано, сите нè носи на иста трпеза. А кога сме таму, разговорите се отвораат и дискутираме за сè и сешто. Најчесто, станува збор за теми со кои сите можеме да се поврземе. Без разлика каде сме пораснале, изгледа дека нашето детство и семејните вредности биле многу слични.

Споделуваме семејни и културни настани, фотографии од нашите животи, па дури и лични искуства. Групата стана своевидна заедница, во која сите се чувствуваме блиски. За време на моето последно патување во Македонија, видов многу луѓе кои исто така беа таму на одмор, од различни краеви на светот. Се препознавме од групата, се прегрнавме како роднини и го продолживме разговорот лице в лице.

Групата во последниве четири години порасна со над 62.000 членови и е многу активна.

Лимон торта. „Секогаш ја носам ова торта во домот на моите родители кога ќе ја направам, за да уживаме со кафето“.

Членовите на групата споделуваат различни рецепти и културни моменти од Македонија. Како реагираат странците на овие традиционални рецепти?

Луѓето се љубопитни за Македонија, особено затоа што онлајн има многу погрешни информации и дебати за Македонија. Мислам дека тие сакаат сами да дознаат што имаат да кажат Македонците за себе. Сакаат да ја запознаат нашата култура и да видат што нè разликува од другите балкански земји. Брзо сфаќаат дека ние сè правиме на наш начин, на македонски начин, со наши автентични народни носии, ора, музика, традиции и храна.

Секој што ќе ја проба нашата храна, веднаш ја засакува. Секој што ќе ја посети Македонија, ја сака Македонија. Генерално, странците ги доживуваат Македонците како многу гостољубиви, пријателски расположени и секогаш подготвени да помогнат.

Како гледате на важноста на групата во зачувувањето и промоцијата на македонската култура, особено за Македонците кои живеат надвор од Македонија?

– Навистина верувам дека групи како нашата, кои се на англиски јазик, даваат можност на сите кои се љубопитни за Македонија поради која било причина, да истражуваат и да учат. Постојат многу групи на македонски јазик, но за некого што не го знае јазикот, може да биде тешко да се вклучи. Станува како работа да го направи тоа.

Дури и за оние кои како деца го зборувале македонскиот дома, пишувањето и изразувањето на македонски може да биде тежок предизвик. Убавината на нашата група е што членовите можат да пишуваат и на македонски и на англиски. Ова е одлична можност за постепено учење нови зборови, а воедно создава инклузивна средина за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик.

Со групата успеваме да го задржиме вниманието на Македонците чии семејства одамна ја напуштиле Македонија, но сега бараат начин повторно да се поврзат со своите корени. Кај нив се буди страста за истражување, а групата станува врата кон подлабоко запознавање со македонската култура и наследство.

Какви активности или проекти би сакале да развиете во иднина што се поврзани со Македонија?

– Искрено, управувањето со групата и мојот бизнис прават да бидам многу зафатена. Неодамна се согласив да бидам дел од Управниот одбор на Македонскиот филмски фестивал во Торонто. Ова носи уште еден слој на култура во Торонто. Во Македонија постои богата уметничка традиција. Истражувањето за тоа како Македонците уметноста ја преточуваат во филм е возбудливо за учење.

Какви се Вашите препораки за луѓе од странство кои сакаат да патуваат во Македонија и да ја доживеат вистинската македонска култура и традиции?

– Би им кажала да тргнат со отворен ум. Да ги остават своите етноцентрични искуства од земјата од која што доаѓаат. Да ја најдат својата фамилија, да ги запознаат роднините. Да ја пробаат локалната храна. Да излезат од вообичаените туристички патеки и да застанат да го почувствуваат мирисот на цвеќињата. Да одвојат момент за да ја почувствуваат историјата на земјата, под нивните нозе, Македонија постои многу долго време. Всушност, да се има предци од такво место е благослов и вреди да се бориме за неговото зачувување.

 

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button