Реклама
Интервју

ШТИПКА ИНТЕРВЈУ: Роберт Ивановски, моден дизајнер

Реклама

Поразговаравме со Роберт Ивановски, дизајнерот кој пријатно не изненади со неговата последна колекција за пролет-лето 2016 со која се претстави на последниот Моден викенд Скопје.

Роберт не е ново име на македонската модна сцена. Тој со своите авторски колекции докажа дека поседува умешност и голем креативен потенцијал со што слободно можеме да кажеме дека е еден од најдобрите македонски дизајнери од помладата генерација.  Од мрачната садо-мазо колекцијата „Edgepla“ од 2011 година која беше инспирирана од Маркиз де Сад, па се до новата пролетна колекција со впечатливи апстрактни принтови на младите сликари Бојан Ковски и Елена Чемерска, еве што има да каже самиот Роберт за своите креативни парчиња со кои привлекува се поголемо внимание на нашата модна сцена.

Маркетинг

Како накратко би го опишал твојот бренд? Која е главната идеја и за каков профил на девојки се првенствено наменети твоите креации?

Сакам жената која носи мој дизајн да изгледа моќно, секси и можеби малку дрско. Можам да кажам дека создавам облека за храбри и самоуверени девојки кои сакаат да експериментираат во начинот на облекување и не се плашат од промени.

Маркетинг

Иако на сите нас ни се добро познати предностите на дизајнерската облека и облеката направена специјално за нас, нашите девојки како да преферираат да се облекуваат од популарните хај-стрит продавници без разлика што на пример ќе бидат облечени во исто палто или блуза со многу други девојки. На што се должи ова, дали цената е главниот фактор, или пак можеби и некои други фактори имаат влијание? Тука пред се мислам на навиките, информираноста, маркетингот и сл.?

Сметам дека недоволната информираност е главниот фактор, но и стравот од издвојување од толпата има свое влијание.

Со кои материјали најмногу сакаш да работиш?

Секој материјал има своја посебна структура, па не би можел да издвојам со кој сакам најмногу да работам. Често правам спој и мешање на различни типови материјали. Сакам да работам со тешки и подебели материјали како што е кожата, но сакам да работам и со меки и нежни како што е свилата. Се зависи од инспирацијата и моменталната имагинација при творењето.

Што наjмногу сакате во модата?

Способноста да се биде креативен без никакви ограничувања.

Од мрачната садо-мазо колекцијата „Edgepla“ која беше инспирирана од Маркиз де Сад и која наиде на позитивна критика на нашата сцена, па се до новата пролетна колекција „Feelings“ со впечатливи апстрактни принтови на младите сликари Бојан Ковски и Елена Чемерска. Се забележува голема промена во твојот креативен израз. Што конкретно влијаеше на твојата работа и од каде црпиш инспирација?

Можеби ова е најсветлата и најживата колекција во моето портфолио, но сепак сметам дека јасно е видлив мојот дизајнерски пристап. Дизајнот на облека е креативна работа, сакам да експериментирам, да правам промени… На некој начин сакам да ризикувам. Инспирацијата најчесто доаѓа од личноста која секојдневно ја гледам во огледало, но и од луѓето кои ме опкружуваат и општеството во кое живееме.

Дали си задоволен од реакцијата на публиката на твојата нова колекција?

Иако оваа колекција е во подруг правец од мојата претходна работа, реакцијата кај публиката ги надмина моите очекувања, критиката беше позитивна, па можам да кажам дека сум задоволен од постигнаиот резултат.

Кои се твоите планови за во иднина? Дали веќе се подготвува нова колекција?

Во наредниот период следува едиторијал за „Feelings” и нејзина промоција, бидејќи колекцијата е наменета за следната сезона пролет-лето ’16, па потоа ќе се фокусирам на следните проекти, како и изработката на следната колекција која веќе e во подготовка.

Фото: Ани и Дими | FWSK

Поврзано

Back to top button