Интервју со Маја Улк, холистички терапевт – Енергијата на мислите и емоциите ја креира нашата реалност, каде е фокусот таму тече енергијата
Многумина се „заглавени“ на одредена емоционална возраст – неспособни да ги надминат болката, траумата или старите обрасци што ги формирале тогаш. Ова ги спречува да го живеат својот живот целосно и да се поврзат автентично со себе и со другите.
Разговараме со Маја Улк, по професија дипломиран физиотерапевт, со работно искуство од речиси четири децении, а во последниве години работи како холистички терапевт.
Маја ја спојува енергетската работа и знаењето од медицината за да им помогне на луѓето да се ослободат од својот проблем и да креираат во својот живот среќа, мир и опуштеност.
Низ годините, таа помогнала на илјадници луѓе да излезат од својата болка, да дојдат до својот моќен енергетски потенцијал и да ја изградат својата посакувана реалност.
Како холистичката терапија може да им помогне на луѓето да ја развијат својата емоционална интелигенција и да ги подобрат своите лични и професионални односи?
– Многу луѓе не знаат како да се носат со своите емоции, затоа што во детството никој не ги подучил како да ги разберат, изразат и интегрираат своите емоции. Наместо тоа, емоциите често биле потиснувани, игнорирани или дури и осудувани.
Како резултат на тоа, многумина останале „заглавени“ на одредена емоционална возраст – неспособни да ги надминат болката, траумата или старите обрасци што ги формирале тогаш. Ова ги спречува да го живеат својот живот целосно и да се поврзат автентично со себе и со другите.
За да ја развиеме емоционалната интелигенција и да ги подобриме нашите лични и професионални односи треба да ја запознаеме сопствената „сенка“.
Сенката е термин од психологијата, воведен од Карл Густав Јунг, кој го опишува оној дел од психата каде што се складираат потиснатите аспекти на нашата личност – мисли, емоции, импулси или карактеристики кои ги сметаме за неприфатливи или срамни.
Овие аспекти се често несвесни и влијаат врз нашите одлуки и нашето однесување и не одалечуваат од она што го сакаме за себе. Работата со сенката подразбира прифаќање и интеграција на овие делови, што води кон автентичност, емоционална слобода и поголема хармонија со себе.
Во холистичките програми што ги креирам за моите клиенти, работиме на осветлување на сенката преку исцелување на раните од детството, ослободување од потиснатите емоции од трауматичните искуства во животот, препознавање, прифаќање и интегрирање на тие емоции, како и ослободување од ограничувачките ставови, програми и уверувања на умот.
Клиентите учат како да го отворат своето срце и да воспостават автентична врска со себе, а кога ги разбираме нашите емоции, можеме подобро да ги разбереме и емоциите на другите луѓе – да се ставиме „во туѓите чевли“, да бидеме емпатични и да создаваме подлабоки и поискрени врски.
Комуникацијата што произлегува од срцето создава значајни и трајни релации. Кога луѓето зборуваат и слушаат од искрено место, кое не е водено од страв или осуда, тие учат да ги почитуваат своите и туѓите граници што е основа за здрави меѓучовечки односи.
Како би ги охрабриле луѓето кои сакаат да ја започнат новава година без стравови и блокади, особено кога се соочуваат со нови предизвици?
– Стравот е повик за раст, можност да излеземе од удобната, но ограничувачка зона на познатото. Тој не е реален – тоа е илузија создадена од условениот ум кој постојано ни шепоти дека сме мали, немоќни и неспособни да се справиме со предизвиците и ни наметнува сценарија на катастрофа, неуспех и безизлезност.
Кога дозволуваме стравот да владее, го губиме фокусот на нашата внатрешна интелигенција и ги бараме решенијата надвор од себе и тоа е погрешно, затоа што решението за секој наш проблем се наоѓа во нас.
Колку пати сме стоеле пред нешто што не плашело, а сепак сме се осмелиле да скокнеме во предизвикот. Секогаш кога сме покажале храброст сме добиле- сме ги надминале предизвиците, сме излегле посилни, побогати , помудри – сме пораснале.
Ништо во нашиот живот не се случува случајно, против нас и без наша дозвола. Препреките и предизвиците во животот се лекции кои не повикуваат да растеме во свеста и да донесеме кај себе дарови од учењето и со тоа да ја збогатиме нашата душа.
Никогаш не можеме да пропаднеме, нашата спиритуална природа не го дозволува тоа. Универзумот е секогаш тука за нас – да не води, да не поддржува и покажува дека во нас е потенцијалот за решавање на сите предизвици и креирање на живот каков што посакуваме за себе.
На почетокот на годината, многу луѓе се обидуваат да се ослободат од стари навики кои ги држат заковани за старото место. Како помогате да развијат нови, поздрави навики?
– За да се ослободиме од старата навика потребно е прво да откриеме зошто таа стара навика постои – која е нејзината улога и зошто ни служи. Кога ќе се осветли коренот, доаѓаме до свесност и разбирање и полесно може да го отпуштиме тоа што повеќе не ни служи.
Знаењето како да се работи со енергијата на мислите и емоциите игра клучна улога во овој процес. Кога клиентите почнуваат да го насочуваат фокусот кон она што сакаат да го постигнат и учат како со нивните мисли да ја креираат реалноста, процесот на отпуштање на старите навики оди со леснотија.
Клучот за успех за напуштање на старите и воспоставување на нова навика е во љубовта кон себе.
Кога ќе се прифатиме себеси со сите свои несовршености, тогаш се создава основа за создавање на нови навики кои се здрави и конструктивни и кои го подржуваат нашиот раст.
Со оглед на глобалните предизвици како што се пандемијата и економските стресови, како можете да им помогнете на клиентите да се снајдат и да го подобрат своето ментално здравје?
– Најважно е да разбереме дека нашата сила доаѓа одвнатре. Она што се случува во надворешниот свет – пандемијата, економските стресови, војни е надвор од нашата контрола.
Тоа што можеме да го контролираме е како реагираме на тие ситуации. Кога се фокусираме на себе, на нашите мисли, чувства и енергија, создаваме стабилност која не може да биде нарушена од надворешните околности.
Енергијата на мислите и емоциите ја креира нашата реалност – каде е фокусот таму тече енергијата. Ако постојано сме фокусирани на стравот и неизвесноста, тогаш тие стануваат доминантни во нашиот живот. Но, ако се насочиме кон благодарност, љубов, радост и позитивни цели, тогаш тоа го искусуваме во нашиот живот.
Секој може да ја претвори својата реалност во простор на мир, радост и стабилност – без разлика што се случува во светот и со своите позитивни мисли да придонесе во менување на колективната свесност за да има помалку такви случувања во Светот.
Кои се некои од најголемите митови за холистичката терапија што ги среќавате и како ги разјаснувате?
– Холистичката терапија често е обвиена со митови и погрешни перцепции, но токму тие претставуваат можност за едукација и подлабоко разбирање.
Еден од најчестите митови е дека холистичката терапија е „несериозна“ или „ненаучна.“ Луѓето често мислат дека овој пристап е само „спиритуален“ и дека нема основа во реалноста.
Всушност, холистичката терапија ги интегрира елементите на науката, како што се квантната физика, биологијата, невро науката со древната мудрост за умот, телото и енергијата. Овој пристап не ја заменува традиционалната медицина, туку ја надополнува, фокусирајќи се на целото човечко битие – од умот и емоциите до телото и енергијата.
Митовите се рушат преку едукација и искуство. Во текот на моите 38 години работа со клиенти, поминав низ многубројни обуки и програми, и сè уште учам, затоа што постојано сакам да откријам што има „погоре“. Мојата мисија е да го донесам најдоброто до луѓето и да им служам на најдобар можен начин.
Клиентите кои ги следат моите програми доживуваат длабоки трансформации – исцелување на духот, умот и телото. Сето тоа што го подучувам е практично и применливо во секојдневниот живот. Техниките и методите што ги користам можат да се објаснат и од научна и од спиритуална перспектива, за да секој ја разбере нивната вредност и моќ.
Со кои најчести предизвици се соочуваат вашите клиенти кога станува збор за личниот развој и што би им препорачале за да ги надминат тие предизвици?
– Еден од најчестите предизвици со кои се соочуваат моите клиенти кога станува збор за личниот развој е да се спуштат од умот во срцето. Не е лесно да се пушти стариот систем на уверувања и наместо од умот да се научи комуникација од своите емоции, да се даде дозвола за отворање, за примање, да се сврти фокусот навнатре, да се допре до нежноста и љубовта во себе.
Но, сето тоа се предизвици на кои заедно работиме низ разни вежби, домашни задачи и учења за себе, за менталот, за емоциите, за телото, за духот, за енергијата, за тоа како функционира материјалниот свет, кои се законите на Универзумот итн. Како резултат на тоа многу брзо нивната реалност почнува да се менува, а резултатите што ги гледаат им даваат дополнителна мотивација да останат посветени на себе и да ги надминат сите предизвици на овој пат.
Какви се вашите мислења за влијанието на социјалните мрежи врз менталното здравје особено кај децата и како може да се управува со нивниот ефект на личната благосостојба?
Социјалните мрежи и електронските уреди имаат значително влијание врз менталното здравје, особено кај децата, но и кај возрасните.
Еден од најголемите предизвици е тоа што тие ја црпат нашата енергија, го расејуваат вниманието и го преоптоваруваат умот бидејќи енергијата на уредите не влијае добро на нашето енергетско и физичко тело.
Кога поминуваме премногу време пред екраните – без разлика дали е тоа мобилен телефон, телевизор или компјутер – умот е постојано бомбардиран со информации. Иако можеби не сме свесни за секој детал, нашиот ум памти сè и подоцна тоа несвесно влијае на нашето расположение, на нашите одлуки и на нашиот живот.
Кај децата, оваа преоптовареност може да доведе до немирен ум, зголемена анксиозност и намалена способност за концентрација, додека кај возрасните ја поддржува прокрастинацијата и го одложува времето потребно за одмор и саморазвој. Тука е и опасноста од деформитети на телото поради завземање на одредени неправилни позиции кои траат со часови.
На моите клиенти им препорачувам најмалку еден час пред легнување исклучување од електронските уреди. Во тој период, може да се практикуваат активности кои го смируваат умот и го подготвуваат телото за одмор, како читање книга, медитација, лесни вежби или само тивко време за себе.
Оваа промена не само што ќе го подобри квалитетот на сонот, туку ќе помогне и во расчистување на мислите, создавање јасност и регенерирање на енергијата. На долг рок, редуцирањето на времето поминато пред екраните води до подобра ментална и емоционална благосостојба.
Социјалните мрежи и технологијата не мора да бидат негативни, но нивната употреба бара свесност и рамнотежа. Кога ќе научиме како да управуваме со нив наместо да дозволиме тие да управуваат со нас, и ние и нашите деца можеме да го зачуваме нашиот внатрешен мир и здравје.
Што мислите за концептот на „self-care“ (грижа за себе) и какви практики за грижа за себе ја сметате за најважни во денешниот свет?
– Грижата за себе е длабоко индивидуален процес – нешто што секој од нас го открива во склад со сопствените потреби, ритам и животно искуство. Важно е да разбереме дека нема универзално решение – секој има свои уникатни потреби.
Self-care опфаќа грижа за телото, духот, умот и емоциите – четирите столба на нашето битие. Грижата за физичкото тело ни помага да ја почитуваме својата енергија и виталност. Грижата за духот ни овозможува да останеме поврзани со својата суштина и со нешто поголемо од нас. Грижата за умот нè води кон свесност и создавање на мисли што нè поддржуваат. А грижата за емоциите ни помага да живееме автентично, ослободувајќи сè што не служи и отворајќи простор за љубов и благодарност.
Кога се негуваме себеси со љубов и внимание, доаѓаме во баланс со себе и создаваме хармонија во нашата реалност. Self-care го отвара срцето и тогаш можеме навистина да ја почувствуваме благодарноста за тоа што сме, за своето патување и за сè што животот ни носи.
Грижата за себе е основа за еден исполнет и свесен живот. Кога го слушаме своето битие и откриваме што ни носи најголема благосостојба, тогаш вистински се грижиме за себе.