CelebrityИнтервју

ЈОРДАН МИТЕВ ЗА ГЛАМУР: Ме прават среќен работи што не се купуваат со пари – тоа се семејството и луѓето што ги сакам

„Генерално јас сум едноставен човек, иако се стремам кон успех, создавање и префинети работи, сепак јас живеам прилично скромно“ вели Јордан Митев

Реклама
Реклама

Тој е повеќе од 20 години на македонската музичка сцена со својот препознатлив глас и е голем  миленик на публиката. Има завршено средно музичко и факултет за музичкка уметност со што е комплетен музички уметник. Неговата песна ,,Наздрави за љубов, наздрави за среќа“ стана голем хит без кој не можа да помине ниедна прослава.

„Среќен сум што многу мои композиции се веќе препознатливи меѓу народот и што публиката ја препознава мојата песна. Да се пее, да се свири е едно, но да се твори е сосема нешто друго. Јас сум спој на сите тие три компоненти и можеби затоа музиката ја доживувам и презентирам со една поинаква енергија. . Тоа е дар од Бога, но и спој на образование“ вели во најновото интервју за Гламур пеачот Јордан Митев.

Приватна архива

Идната година ќе славите 20 години јубилеј на македонската музичка сцена, задоволни ли сте од она што го направивте до денес?

Во принцип јас сум човек кој што секогаш бара повеќе од себе, секогаш мислам дека можам подобро и повеќе, но земајќи ги во предвид сите предуслови за успех и напредок во средината во која опстојувам често пати доаѓам до заклучок дека можеби и не можеше подобро и повеќе да се направи од тоа што е направено до сега. Зошто го мислам тоа, бидејќи ние сме мала земја поделена по повеќе основи, луѓето се поделени на вакви такви и онакви, многу тешко се признава на добриот дека е добар, многу лесно знаат на добриот да му одземат неправедно поени се со цел да му ја намалат вредноста итн. Така да сето тоа кога ќе го ставам на еден кантар и кога ќе додадам дека јас се што направив направив сам со сопствени песни, сопствена творечка мисла и сопствена продукција на истите, јас сум задоволен, а тој еден грам незадоволство секогаш сам си го додавам за да имам причина да одам напред.

Маркетинг

Средно музичко завршувате во Штип а потоа на факултетот за музичка уметност, што значи музички да сте образовани ? Колку значи за еден музичар и колку тоа допринесува за да биде поуспешен и поквалитетен?

Образованието е важно за едена личност, не е пресудно за успех, но е многу важно. Можеби често површински не може да се разликува образован од необразован човек, но, кога ќе навлезете подлабоко во комуникација тогаш ќе се увидат големите разлики.

Маркетинг

Приватна архива

Свирите повеќе инструменти како хармоника, пијано, кавал, гајда кој од овие инструменти ви е најдраг и кој допринесе да научите да свирите толку инструменти, кој Ви беше ментор?

Секој инструмент си има своја убавина, сепак јас би ја издвоил хармониката која како инструмент дава многу можности за музички израз и доколку на тој инструмент самиот инструменталист пее, веќе имате музика и оркестар од еден човек. Во текот на мојот образовен процес имав повеќе професори од кои што научив од секого по нешто.

Сте настапувале на многу фестивали, фестивали на етно музика, семинари, кој настап Ви оставил најубав впечаток?

Сите тие настапи во даден момент од мојот живот биле важни и истите допринесоа за мој развој, така го ковав железото. Навистина не би можел да издвојам, тоа беа се етапи во мојот развој и изградба на мојата личност.

Приватна архива

Многу награди на Ваши авторски композиции, колку тоа Ви дава мотив за уште повеќе да творите?

Среќен сум што многу мои композиции се веќе препознатливи меѓу народот и што публиката ја препознава мојата песна. Да се пее, да се свири е едно, но да се твори е сосема нешто друго. Јас сум спој на сите тие три компоненти и можеби затоа музиката ја доживувам и презентирам со една поинаква енергија. Тоа е дар од Бога, но и спој на образование. Секако дека јас и понатаму ќе продолжам да творам бидејќи мојата песна успева да стигне и да допре до многу луѓе и позитивно да влијание на истите.

Приватна архива

Веќе 7 години сте во брак со сопругата Славица, каков сте како сопруг и со што ве освои сопругата?

Каков сум како сопруг можеби за тоа ќе треба да одговори мојата сопруга, хм, би требало да сум добар…А со што ме освои сопругата, со нејзината природна убавина, скромност и добродушност.

Минатата година станавте и татко, веста ја дочекавте далеку од дома, што значи за Вас оваа нова улога во животот и колку Јордан помага во чувањето на ќерката?

Точно така, Господ ни подари прекрасна ќерка. Знаете поголемите турни кај мене се планираат најмалку 2 години однапред, така да минатата година за да не ги поместувам професионалните планови сопругата дојде со мене во Австралија и таму се породи. Назад се вративме тројца а Кристина беше 6 недели кога се вративме дома во Македонија. Уживам во родителството, тоа е едно посебно чувство поготово кога ќе го доживеете на зрели години, спремен за таа улога во животот. Апсолутно сум посветен на ќерка ми и уживам во тоа да ја гледам како ден по ден напредува и ни подарува насмевки и позитивна енергија на цело семејство.

Како го поминувате слободното време, имате ли некое друго хоби освен музиката?

Се уште немам најдено некое хоби кои ќе ме регенерира и ќе ме тргне од моите активности. Бидејќи цела моја кариера ја водам сам некако и моето слободно време е поврзано повторно со истата работа. Договори, припрeми и сл. Последната година секое мое слободно време е посветено на семејството.

Приватна архива

Што ве прави среќен а што може да Ве изнервира во секојдневието?

Генерално јас сум едноставен човек, иако се стремам кон успех, создавање и префинети работи, сепак јас живеам прилично скромно и мене ме прават среќен многу едноставни работи, работи кои не се купуваат со пари и работи кои немаат цена. Тоа е семејството и луѓето што ги сакам. Секако ме прави среќен и мојата песна која е присутна на многу убави моменти од животот на луѓето. А од секојдневието што може да ме изнервира, па многу работи.

Не би можел сега конкретно да кажам но нашето општество е полно со причини за нервоза, поготовo за јавна личност која често пати е изложена како на пофалби така уште повеќе и на критики.

Приватна архива

На што работите периодов?

До сега бев зафатен со доста настапи, веќе полека влегуваме во есенскиот период кој е прилично помирен и наскоро ќе излезе мојата нова песна, песна која ќе биде посветена на мојата ќерка. Некаде во првата половина од месец Октомври мојата публика ќе има прилика да ја слушне новата песна а која ќе снимам исто така и видео запис.

Што би им порачале на оние кои сега почнуваат на македонската сцена, има ли рецепт за успех?

Секој што почнува треба да биде свесен дека го чека долг и тежок маратон. Треба да биде спремен во првите 3 до 5 години да даде труд и се што е потребно како за 15 години, и понатаму доколку успее, треба да се надоградува и својот успех и авторитет цело време да знае и да може да го брани. Скратен пат нема, секој што пробал по скратен пат или заглавил во слепа улица, или ќе мора повторно да се враќа назад на главниот пат. Рецепт исто така нема, да имаше секој ќе го научеше и користеше во своја полза.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Back to top button