Реклама
Интервју

5 МИНУТИ СО ИРИНА ТОШЕВА: „Ние сме мала Кина на Балканот“

Реклама

Ирина Тошева е модна дизајнерка која важи за една од најталентираните и најомилените дизајнерки на македонската модна сцена.

Таа на последниот Моден викенд Скопје се претстави со колекцијата Дома за есен/зима 2015-2016, а во моментот работи на капсулна activewear колекција во соработка со фабриката за спортска гардероба „Цеботекс. Оваа соработка е дел од проектот „Професионално менторство, соработка и размена на знаења и техники меѓу фабриките и дизајнерите“ што беше одлична причина да направиме интервју со неа. Прочитајте што изјави таа за нашиот магазин во врска со оваа соработка, како и за новите трендови, за омилените модни парчиња, но и општо за работата како и за предизвиците да се биде дизајнерка во Македонија.

Маркетинг

Ирина, со ревија за колекцијата „Дома“ со која се појавивте на последниот FWSK ja воодушевивте публиката. Од каде ја црпевте инспирацијата за оваа колекција и од каде Ви дојде идејата токму куќичките на нашиот сликар Ване Костуранов да станат дел од Вашата модна приказна?

Колекцијата „Дома“ говори за топлината на домот низ урбаната призма на животот. Животот во еден град, со многу шаренила и убава енергија. Цртежите во колекцијата се всушност продолжување на приказната на „Улица Љубов“ на Ване Костуранов. Со оглед на шарената естетика и детската визија која ја делиме, по изложбата  во Скопје, со задоволство го контактирав  и веќе следниот ден бев во Струмица каде ги договаравме деталите.

Маркетинг

Важите за една од најталентираните млади дизајнерки во Македонија на која никогаш не и недостига визија и оригиналност во она што го работи. Како ја гледате Вашата работа, што всушност претставува модата за вас?

Модата е изразување преку облеката. Таа е и уметност, но ја сакам да ја гледам како вистински дише и живее во урбаниот пулс на секојдневието.

„МОДЕРНАТА ДЕЛОВНА ЖЕНА ТРЕБА ДА ИЗГЛЕДА КАКО ЖЕНА КОЈА ОД ДАЛЕКУ СЕ ЗАБЕЛЕЖУВА ДЕКА ОДИ НА ДЕЛОВЕН СОСТАНОК, А НЕ НА СВАДБА.“ 

Како започна вашата врска со модата и дизајнирањето облека?

Модата е моја љубов од најмала возраст и едноставно како да беше предодредено да бидам дизајнер. Со пристигнувањето во Фиренца на постдипломски студии тој сон стана опиплив и реален.

Пред некое време го објавивте и едиторијалот за последната колекција кој беше снимен на познати места за излегување во Скопје. Ќе ни кажете ли нешто повеќе за него, но и за комерцијалниот аспект на вашата работа? Колку е важен маркетингот и начинот на кој ќе ги претставите Вашите креации пред публиката?

Едиторијалот за „Дома“ е инспириран од скопскиот ноќен живот со сите негови култни локации. Секој од нас во одреден период од животот тие простори ги чувствувал за своја дома. Фотографиите на Миладин Паповиќ јасно го отсликуваат тој импулс.

Економските околности го прават нашиот пазар ограничен, но со вистинската стратегија и многу работа секој може да стигне до својот клиент. Треба само упорност и квалитет. Не зависно дали е фотосесија, ревија, усна препорака од клиент или реклама на социјалните мрежи тоа е делот во кој секогаш највеќe вложувам и внимавам.

Фото: Миладин Паповиќ

„СЛЕДНАТА СЕЗОНА ВО МОДА ЌЕ БИДАТ ГОЛИТЕ РАМЕНИЦИ, ЛЕНЕНИ МАТЕРИЈАЛИ, НЕОБРАБЕНИ ОБЛЕКИ, ПЛИСЕ, КАРНЕРИ И ДЛАБОКИ ДЕКОЛТЕА.“ 

Кој е Вашиот најголем успех, на што најмногу се гордеете од она што сте го постигнале досега?

Секој проект си носи нови предизвици, нови искуства и нови „победи“. Сите ми се еднакво драги, ме научиле и изградиле ко дизајнер. Само на крај некои се едноставно поуспешни или поголеми од другите.

Наскоро очекуваме и една нова капсулна колекција со Вашиот потпис која ќе биде направена во соработка со фабриката за спортска гардероба „Цеботекс“. Ќе ни откриете ли што да очекуваме од оваа соработка?

Како дел од бизнис едукативната програма на Моден викенд Скопје и проектот „Професионално менторство, соработка и размена на знаења и техники меѓу фабриките и дизајнерите“ веќе три месеци подготвувам капсулна activewear колекција во фабриката за спортска гардероба „Цеботекс“. Ова е нивна прва соработка со дизајнер, а и за мене прво искуство од тој вид. Ме радува дадената доверба, широко отворените врати и прекрасните вработени таму од кои многу научив. Сето ова е едно одлично искуство.

Колку нашите фабрики се расположени за овој вид на соработка?

Воопшто. Целосно се преориентирани кон шиење за големите странски брендови и модни куќи кои носат сигурен и голем профит отколку промоција на македонски моден дизајн. Ние сме мини Кина на Балканот, со одлична местоположба и евтина работна сила.

Според вас, како би требало да изгледа една модерна деловна жена?

Со убаво скроени парчиња на себе, добра чанта и практични обувки, соодветна дневна шминка и средени нокти и веѓи. Жена која од далеку се забележува дека оди на деловен состанок, а не на свадба.

Кои се водечките трендови за оваа сезона?

Сезоната пролет/лето ’16 70-тите повторно се тука, но има и враќање на клучни трендови од 90-тите како гранџот. Многу голи рамена, ленени материјали, необрабени облеки, плисе, карнери и длабоки деколтеа. За сечиј вкус по нешто.

На што највеќе внимавате кога е вашиот стил во прашање?

Обувките. Што повеќе видови и што пошарени и откачени.

Што е следно?

По промоцијата на новата капсулна activewear колекција целосно се посветувам на мојата колекција за пролет/лето ’16. Се работи за интересен и нов концепт кај нас. Тимот е веќе оформен и се работи на прототипите. На големо задоволство, овој пат соработувам со наш одличен и успешен млад архитект. Засега се сигурни претставувањата на Моден викенд во Скопје и на Prishtina Fashion Nights во април.

Фото: FWSK | Ани и Дими | Tомислав Георгиев

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button