Гламур интервју со Емилија Мицевска: „Најубава сум кога сум љубена и заљубена. Нема козметика што ќе ме направи поубава ако нема љубов“
Ја искористивме приликата да поразговараме со актерката Емилија Мицевска и да ја замолиме да ни одговори на неколку прашања.
Со неа поразговаравме додека нашата фотографка Ерина Богоева го снимаше едиторијалот. Станува збор за неверојатно пријатна личност, опуштена и искрена со која и при првата средба ви се чини како да се познавате од секогаш или како да разговарате со некоја ваша блиска пријателка.
Да почнеме со ред. „Даските што живот значат“- како дозна дека токму тебе баш тие живот ти значат?
Моето детство беше исполнето со различни перформанси. Сакав да пеам, да играм, да имитирам, ги одиграв скоро сите професии.. се сеќавам дека бев дел од сите манифестации , патронати но морам да напоменам дека и со децата од моето маало редовно си организиравме чудни фестивали, каде јас играв,пеев,и ли изведував некој перформанс..Како растев, одев во драмски студија, почнав да гледам и претстави,да читам книги, филмови, но тогаш само си го освестив нештото дека јас сакам да сум актер. Сето ова можеби звучи како дел од сечие детство, но многу подоцна сфатив дека јас сум создавала театар, дури и пред воопшто да го сретнам.
Ова зимо те видовме во главната женска улога во „Лет над кукавичјото гнездо“ во Драмски театар (која уште може да ја погледнеме). Колкав предизвик ти беше таа улога?
Да ти понудат да играш улога на која некогаш си се восхитувал, си ја мечтаел воопшто не е лесно да се носиш со тоа. Најголем предизвик до сега. Прво ќе се исплашиш, потоа ќе се собереш, па ќе се впуштиш во откривањата. Секоја улога ми е предизвик, секоја претстава ја играм со иста страст но оваа ми е особено драга, бидејќи со овој процес созреаа многу нешта во мене.Си ја сакам професијата.
Но, те имаме видено и како дел од „Фчерашни новости“. Колку тебе лично ти лежи комедија?
Се уште сметам дека најтешко во животот е да се насмееш. Уште потешко и да насмееш некој друг. Mене ми е супер кога работам комедии. И супер си поминав со екипата на Фчерашни.
Моментално спремате претстава во МНТ со Весна Петрушевска, Игор Џамбазов и други звучни имиња. Како го доживуваш тој процес?
Претставата се вика „Без галама“ според текстот на Мајкл Фрејн. Тони Михајловски ја режира. Ние сме полн погодок екипа.Игор Џамбазов, Весна Петрушевска, Јасмина Поповска, Камка Тоциновски, Александар Михајловски, Нино Леви, Александар Ѓорѓиески, Стефан Спасов и јас. „Без галама“ е претстава во претстава, зборува како се создава една претстава, што се случува зад завесите, односите помеѓу колегите, ќе исведочите што прават актерите кога не се на сцена. Всушност ќе имате прилика да го видите хаосот што постои и на сцена а и позади сцена – она што публиката не може да го види во другите претстави. Премиерата ќе биде кон крајот на месецов. Работам со исклучително мудри и духовно богати луѓе, ова можеби е еден од моите најубави процеси.
Малку да позборуваме за убавина. Што е она што според тебе ја прави една жена убава?
Љубовта и само љубовта. Од неа произлегува и мудроста но и се буди детето во неа. Јас сум најубава кога сум љубена и заљубена. Нема козметика па ни чај што ќе ме направи поубава ако немам љубов.
Надворешната убавина доаѓа од духовната убавина. Да се сакате себеси, за да ве сакаат, да љубите за да ве љубат. Ако немаш љубов, немаш ништо.
Дали имаш некоја дневна рутина за убавина?
Убавината од надвор доаѓа од убавината од внатре. Прво си ја припремам атмосферата дома. Така ми почнува денот. Музика, миризливи стапчиња па почнувам со моите ритуали. Витамини, смуди, масажи, трчање. Што се однесува до шминката навистина се трудам секогаш да изгледам пристојно, секако во зависнот и од времето кое го имам на располагање.Но пред се побитно ми е јас да се чувствувам неодоливо среќна одколку само да изгледам така. Почитувам и поздравувам други вредности. Но има и денови кога беспрекорно се трудам да бидам најдоброто од себе во секој поглед.
Колку време ти треба да се средиш за излегување?
Види јас сум жена. Ако имам време можам и цел ден да се спремам.
Која е твојата омилена блиц комбинација кога си во брзнање?
Џинс, бела кошула и шешир. Нема поубаво.